Достапни линкови

Младите и пристапот до контрацепција


Климентина Димовска, волонтер во НВО ХЕРА Млади
Климентина Димовска, волонтер во НВО ХЕРА Млади

Прескокнете ги стравот и табуата. Информирајте се во младинските советувалиште кои постојат за нас и секогаш водете сметка за своето репродуктивно здравје, бидејќи само вие сте одговорни за него, пишува Климентина Димовска, волонтер во НВО ХЕРА Млади во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ќе се задржам повеќе на модерната контрацепција, пркосејќи им на сите митови и дезинформации кои постојат на нашево тло. И тука можеби ќе се запрашате која ми е целта? – Пораката да биде испратена до секоја млада девојка и секое момче: дека имаат право да добијат веродостојни информации и пристап до модерна контрацепција, кога станува збор за нивното сексуално и репродуктивно здравје.

А, каква е состојбата во нашата земја? Предизвиците со кои се соочуваме како млади луѓе кога станува збор за контрацепција се навистина големи и поразителни. Потсетете се кога сте купувале кондоми од најблискиот маркет или аптека. Ви текнува ли на осудувачките погледи на тој што ви наплаќа, додека се тресете од срам бидејќи ги купувате. Или - ви текнува ли кога прв пат посетивте гинеколог!? Дали добивте информации за контрацепција и кои се придобивките за вашето здравје доколку знаете и правилно ја користите? Има ли и такви чиј избор е оралната контрацепција, но знаат дека не се наоѓа на позитивната листа на лекови во Македонија, па бидејќи не можат финансиски да си ја дозволат не ја користат? Вакви примери има многу. И за жал, се случуваат секојдневно. Наместо да ги уриваме митовите и да ги замениме неточните информации со веродостојни, ние сме се уште заглавени во оваа брканица.

Она што е примарно во постоечкото кај нас, е градење позитивен став за употреба на контрацепција и подигнување на свеста кај младите дека нејзината ефикасност е поголема кога таа одговорност е споделена од двата партнера. Овие информации, основците и средношколците во Македонија се уште не ги добиваат во редовниот образовен процес.

А, проблемот се јавува и во здравствениот систем. Најголемиот број на гинеколози не упатуваат на важноста од употребата на контрацепција, како превенција од малолетничка бременост или абортус. А, дел од нив имаат и ограничувачки ставови кога станува збор за оралната контрацепција. Тоа што треба да се промени кон подобро е младите да бидат охрабрени да посетат гинеколог и уролог. Потребно е гинеколозите и здравствените работници да бидат отворени во поглед на ова прашање. Да ги прошират своите знаења во однос на придобивките за женското здравје кои ги даваат пилулите. А, бидејќи проблемот е далеку поголем, потребно е донесувачите на одлуки во нашата земја сериозно да се насочат кон решавање на овој проблем. И постоечките стратегии и изработени документи да бидат имплементирани. Па, наместо да сонуваме за една Утопија во поглед на модерната контрацепција во Македонија, да имаме избор на неколку орални контрацептиви кога следен пат ќе се појавиме во аптека. Бидејќи, оралната и итната контрацепција се уште не се на позитивната листа на лекови, па за да ги набавите потребен ви е рецепт препишан од гинекологот и дополнителни финансии.

И на крајот од ова мало четиво, само накратко ќе ја дополнам пораката до моите врсници: посетата на гинеколог и уролог е многу важна. Прескокнете ги стравот и табуата. Информирајте се во младинските советувалиште кои постојат за нас и секогаш водете сметка за своето репродуктивно здравје, бидејќи само вие сте одговорни за него.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG