Достапни линкови

ЕУ интеграцијата и застапувањето на ЛГБТИ правата


Aнтонио Михајлов, претседател на „Субверзивен Фронт“ - Здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста
Aнтонио Михајлов, претседател на „Субверзивен Фронт“ - Здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста

Крајно време е седум години по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и 16 години по официјалниот почеток на приближувањето на Македонија кон ЕУ, ЛГБТИ лицата да бидат правно препознаени и експлицитно заштитени во овој закон, пишува Антонио Михајлов, претседател на Субверзивен фронт – здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европската унија на 9 април 2001 година, беше започнат долгиот процес на приближување на Македонија кон ЕУ, поставувајќи ја основата за надоградување на односите на државата со ЕУ и земјите-членки, преку развивање на, меѓу другото, демократските принципи и човековите права, правата на малцинствата, принципите на меѓународното право, како и владеењето на правото. На 16 декември 2005 година, Македонија доби статус кандидат за членство, а во март 2012, Европската комисија започна Пристапен дијалог на високо ниво со цел Брисел да го продолжи дијалогот со Скопје, во недостиг на официјален почеток на пристапните преговори. Сериозната политичка криза која ја зафати земјата кон крајот на 2014, и која сѐ уште не е решена, има сериозни последици по напредокот на земјата кон членството во ЕУ.

Правата на малцинствата и владеењето на правото се едни од клучните постулати на кои е засновано функционирањето на Европската унија, како и едни од клучните вредности кои институциите на ЕУ ги промовираат и практикуваат. Дел од малцинските права се и правата на сексуалните малцинства, т.е. правата на лицата кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни и патријархални категории.

Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, а уште повеќе половите карактеристики, се релативно нов концепт во правото и практиката поврзана со човековите права, како и точка на силни спротивставувања во секојдневниот политички дискурс. Водечките принципи на пристапот заснован на човекови права во однос на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и половите карактеристики се поврзани со еднаквиот третман и недискриминацијата на лезбијките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите и интерполовите (интерсекс) лицата – ЛГБТИ лицата.

Од осамостојувањето во 1991 па до денес, Македонија начелно ги усвои вредностите на владеење на правото и почитувањето на основните човекови права при транзицијата во демократски систем. Овие постулати и вредности се втемелени и во Уставот и законите на Република Македонија. Сепак, од гледиште на правата на ЛГБТИ лицата, законодавството во Македонија незадоволително ги заштитува истите, посебно во однос на спроведувањето на антидискриминациските одредби во однос на сексуалната ориентација во областите на вработување, пристап до добра и услуги, други сфери на живеењето, војската, здравството, здружувањето, азилот, и т.н. Родовиот идентитет и половите карактеристики воопшто не фигурираат никаде во македонското законодавство.

Она што е своевиден апсурд во македонското законодавство е што веќе се усвоени неколку закони како Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за јавно здравје и Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, кои во своите антидискриминациски одредби ја вклучуваат сексуалната ориентација како основа за дискриминација, но самиот lex specialis – Законот за спречување и заштита од дискриминација 7 години по усвојувањето, сè уште не ја содржи оваа основа. Овој недостаток е детектиран во сите Извештаи за напредокот на Македонија кон ЕУ од 2009 наваму, што ја истакнува неусогласеноста на македонското законодавство со acquis communautaire.

Крајно време е седум години по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и 16 години по официјалниот почеток на приближувањето на Македонија кон ЕУ, ЛГБТИ лицата да бидат правно препознаени и експлицитно заштитени во овој закон. Новата влада, кога и да биде избрана, ќе има силни предизвици пред себе да ја врати Македонија назад на траекторијата на демократизација на општеството, на зајакнато владеење на правото, на унапредено почитување, заштита и промоција на човековите права, а меѓу нив и на правото на еднаков третман и недискриминација на ЛГБТИ лицата.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG