Достапни линкови

Че Гевара за криминалци


Демијан Хаџи Ангелковски, граѓански активист
Демијан Хаџи Ангелковски, граѓански активист

Царот е фатен гол како краде од државната каса. Царот во обид да се спаси се заканува со дестабилизирање на државата и регионот и ги држи сите како заложници. Царот организира протести во негово име водени од навидум „урбано“ типче кое прераснува во Че Гевара за криминалци, пишува граѓанскиот активист Демијан Хаџи Ангелковски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Да бидеш бунтовник без кауза е една од најлошите работи што можеш да бидеш. Се разбира, ние во Македонија немаме такви луѓе. Ова е земја каде што постојат две јасни и дефинирани каузи: борбата против криминалот и корупцијата до највисоко ниво и одбраната на криминалците и корумпираните политичари. За првата кауза се пишува/ше на големо. За вторава кауза, која е длабоко штетна и користи разорувачка реторика, за жал многу малку се анализира.

Во суштина, да не беше трагично, ќе беше многу смешно. Во обид царот да се спаси од занданата, почна да ни продава приказна која чини многу скапо. Самиот фатен на дело како ја пљачкосува државата, грчевито се обидува да објасни дека не е тој крив, туку советниците, непријателите, странците или не знам ти кој друг.

Царот верува дека ако златната круна ја замени со круна од трње дека ние веднаш ќе веруваме дека тој е жртва на некоја си теорија на заговор која достигнува врвни играчи и глобален залог за уништување на негово „античко“ царство од гипс картон.

Верните послушници, оние кои веруваат дека ако царот се спаси дека и тие ќе се спасат со него, со сета сила, знаење и ресурси се обидуваат да одглумат револуција за заштита на царството, а реалноста е дека царството треба да биде одбрането од нив. Сиромашките се тераат со закани и уцени, за малку пари, да се појават на протест. Без енергија, без душа и со евтина кауза. Тоа што никој не им го кажал на верниците и послушниците е дека револуција со пари не се купува. Мора да има силна обединувачка идеологија која ќе се испреплете низ наративот кој ќе се раскажува на улиците и преку дејствијата на протестите.

Парите се многу лоша алатка за мотивација - така да си знаете.

Царот ги фрли сите златници и ги купи најскапите лобисти во светот, но вратите за него се затворени. Една канцеларка остро му има сугерирано дека треба да отстапи. Дури и носот му е искривен од сите врати во лице што му се затворени.

Значи брзо да повториме. Царот е фатен гол како краде од државната каса. Царот во обид да се спаси се заканува со дестабилизирање на државата и регионот и ги држи сите заложници. Царот организира протести во негово име водени од навидум „урбано“ типче кое прераснува во Че Гевара за криминалци. Демохристијанска капиталистичка партија се обидува да се спаси глумејќи комунизам. Монти Пајтон, каде сте да ја видите оваа политичка сатира!?

Да бидам искрен, срам ми е што го споредувам со човек како Че. Уште повеќе ме боли што циркузот на царевите дворски шутеви се споредува со Шарената револуција. Љубомората, набиените комплекси, омразата и стравот од Шутка, ги тера да уништат сѐ убаво што се има случено во Македонија.

Не потпаѓаме на неговите приказни. Царот знае дека повеќе не е цар и дека Шутка не му бега.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG