Достапни линкови

Чипирани мегафони на далечинско


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Отровот кој го шират нашите бајачки со државни пари ги минува границите. Многу е тешко да им се објасни на странските аналитичари и новинари кој протестира на улица, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Минатата недела, Јоханес Хан дојде повторно за да ни го кажа истото кое Европската унија ни го бае со години: „Почитувајте си ги законите, применете си ги, оти ќе си останете неписмено племе што живее во еден генератор на кризи“. Со неговата последна посета, ЕУ си ги потврди нејзините позиции кон Република Македонија. Дури и покрај бројните анализи на приватните посети и бизнис-интересот на комесарот Хан од страна на јавноста.

Впрочем, неговиот бизнис во Македонија, за кој пишуваа дел од медиумите, не е предмет на интерес на европските институции, а уште помалку неговата партиска припадност која идеолошки се совпаѓа со онаа на ДПМНЕ и е блиска со демохристијанската доктрина. Хан е еврокомесар за проширување и неговата задача е да им ги истегне ушите на сите политичари кои се фатиле на орото за влез во ЕУ, а потоа рекле „пу пу не важи“.

Неговата посета не остана незабележана од чипираните мегафони на ДПМНЕ, кои, согласно своите умствено ограничени способности, не пропуштија да се валкаат по улица и да се претставуваат како жртви. Медиумите, како дел од секое развиено општество или општество во развој какво што е и нашето, се составна алатка за развивање на свеста на граѓаните, не само за магиско манипулирање со нив од страна на режимите.

На нашето медиумско небо доминираат медиуми чие функционирање потсетува на еден друг тип „комуникатори“ кои, за жал, сѐ уште се популарни во руралните средини и ниско образованите слоеви на општеството. Локално ги викаме „бајачки“, а во англискиот јазик за нив има збор „medium“. Со други зборови, „бајачка“ е оној што комуницира со мртвите. Добро изделкани манипулатори за лековерната раја.

За да ја потврдиме тажната констатација дека ние навистина како општество и извртен политички систем сме предмет за анализа, мора да сме начисто со фактот дека нашите режимски медиуми се скапи и многу забавни.

Од една страна, нема пари за исплата на платите на вработените во телевизијата Алфа, а од друга страна, СЈО објави дека со зајатување данок Латас и Ивона успеале да си купат скап долен веш и скапи рачни часовници. Да не се лажеме, тоа се наши пари, пари на сите даночни обврзници. На текстилните и кожарските работници кои со член од Законот за гарантирана минимална плата се исклучени од минималецот и нивните примања се под него, на родителите на оние изманипулирани ученици кои мораат да излезат на протест со примитивните банери дека и „Шмизлите биле ЗА“. Патем, никој не им објаснил дека зборот „шмизла“ е погрден израз за девојче.

Отровот кој го шират нашите бајачки со државни пари ги минува границите. Многу е тешко да им се објасни на странските аналитичари и новинари кој протестира на улица. Шокантен е фактот дека помеѓу тие луѓе кои извикуваат „Чиста Македонија“ еден куп имаат бугарски пасоши, не си ги знаат корените и сакаат да убиваат сѐ што не е македонско, што не е православно и што не е член на ДПМНЕ. Масовното влечење за уши и коса да се излезе на улица и заканата за губење на работно место си го постигна својот ефект. Но иронијата е сеприсутна! Квази заштитниците на Македонија од Прилеп тргнуваат на протест пред Домот на културата Марко Цепенков, додека во Велес се собираат пред споменикот на Панко Брашнаров.

Цепенков просветител, учител, собирач на македонската умотворба, Брашнаров сведок на Илинденското востание, комунист и партизан. Во време кога неписменоста е толку масовна што човек ќе се замисли дали тој е неписмен, а полуписмените порталчиња пописмени од него, надлежните се закануваат со тужби затоа што некој се потрудил најновиот Правопис на македонскиот јазик да го скенира, стави во пдф формат и објави на интернет бесплатно. Најновиот правопис е објавен 2015 година, чинеше 1500 денари и се објави во само 500 примероци. Тиражот се испродаде за неполна недела и веќе никој не може да го најде ни за да го купи! Не е чудо што неписменоста денес галопира секојдневно на улиците.

Српскиот просветител Доситеј Обрадовиќ имал една мудра изрека за (не)писменоста на својот народ во 19 век: „Књиге браќо, књиге, а не звона и прапорце“. Истото важи и за нас. Се додека сме неписмени и имаме чипирани бајачки што глумат медиуми, оние од улица што извикуваат „Чиста Македонија„ и бараат „смрт за шиптари„ ќе бидат лицето на Македонија.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG