Достапни линкови

Македонија се сака и брани со разум


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.
Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Сакам да ги повикам сите млади кои така или онака се занимаваат со политика да се присетат на нашето блиско минато кога секоја дилема ја решававме со дијалог, со муабет заеднички на една маса. Бидејќи еднаш докажавме дека сме зрели за она што го правиме, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Врти сучи, кризава абер нема да заврши. Барем на момент да помислевме дека, еве, дочекавме и крај на опасната игра која, да бидеме реални веќе предолго трае. Јасен е моментот но и степенот на тежина на продлабоченава криза од која решение веќе извесен период и не се гледа. Државата трпи, народот исто така, стари, млади, работници, социјалци, дефокусирани од нивните реални економски проблеми се впуштија во многу опасна игра од која доколку не се изигра паметно може да заврши фатално како за нас самите, така и за државата како целина.

Периодов доста актуелно е и патриотското будење на народот. Не забележувам на никој, дури напротив мило ми е, што особено младите како да се разбудија од моментот на „гајле ми е“ особено кога станува збор за националите интереси. Тука веќе се прашувам дали доцниме неколку години или сепак ова будење на патриотските чувства се случува во вистинско време.

Во оваа дилема влетуваат моментите кога пред неколку години државата се наоѓаше пред големи предизвици како безбедносни така и општествено-социјални и токму патриотизмот ги навести промените кои идниов период неминовно треба да се случат.

Тука се студентските протести, тука спаѓа секакво барање индивидуално и групно на младите за суштествени промени во живеењето на ова зацрнето општество. За некои од нив видовме бел ден, за некои допрва ќе треба да се бориме за да успееме да ги имплементираме.

Сепак морам да споменам дека оваа криза која доколку не се изменаџира како што треба, може многу лесно да се преформулира како увод во нешто поголемо и пострашно од досегашното. Сите досегашни чекори водат кон нови поделби, какви што досега Македонија и не видела и покрај тоа што пред петнаесетина години го доживеавме виорот на војната. На сеуште не излечените рани Македонија добива нова тура поделби од која еве веќе предолг период не може да се извлече.

Може уште многу да се пишува во однос на тоа што може да биде кога би било така или онака, едно е јасно, периодов државата не функционира и наместо сите да се ангажираме за подобро утре, некој отворајќи стари рани и нови проблеми не насочува кон усложнување на ионака сложената ситуација во која се наоѓа Македонскиот народ.
Сакам да ги повикам сите млади кои така или онака се занимаваат со политика да се присетат на нашето блиско минато кога секоја дилема ја решававме со дијалог, со муабет заеднички на една маса. Бидејќи еднаш докажавме дека сме зрели за она што го правиме.

Ве повикувам и овој пат да покажеме зрелост и почнеме да здраво да размислуваме како да излеземе од овој ќор-сокак безболно. Зошто младите? Едноставно е, ако силно веруваат дека во младите е иднината, ајде ние младите да докажеме дека немаме резервна држава, дека сите размислуваме трезвено и на оваа држава и посакуваме само најдобро, да покажеме зрелост и разум во одлучувањето при решавањето на оваа криза но и други предизвици која со сигурност на ја чекаат Македонија.
Од нас зависи кога, како и со кого оваа Македонија ќе функционира, ќе напредува и утре ќе овозможи достоинствен живот како за нашите родители и семејства така и за сите млади. Време е патриотизмот да го насочиме кон воведување промени и враќање на Македонија кон вистинските вредности на вистинскиот пат, бидејќи Македонија освен што се сака со срце, се сака, брани и унапредува со РАЗУМ.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG