Училишното ѕвонче нема да заѕвони на 1 септември. Поради здравствените протоколи кои треба да се донесат наставата најверојатно ќе почне на 1 октомври, најави мандатарот за состав на нова влада Зоран Заев. Дебатата како ќе се учи, што ќе се прави и дали децата треба да одат на училиште станува сè погласна. Родителите се исправени пред предизвици, да ги пратат своите деца во училиште или сепак да останат дома и да следат настава од далечинa. Наставниот кадар забрзано се подготвува и чека јасни инструкции од Министерството за образование. Средношколците бараат комбинирана настава, дел да следат онлајн, а дел да одат во училиште, во спротивно ќе бојкотираат.
Видете и ова: Наставата ќе се одвива онлајн, освен од 1 до 3 одделениеЛенора Калиќи е мајка на четири деца, на возраст од 2,5 години до 19 години. Таа вели дека ги следи препораките на здравствените власти, но е загрижена и за психичкиот развој на децата, а и онлајн наставата досега не била на задоволително ниво.
„Од една страна го ризикуваме нашето здравје поради Ковид 19 од друга страна не е идеално решение да се одвива наставата преку интернет. За нас родителите е навистина тешко да се реши што и како. Јас како родител сметам дека треба да се внимава и на психичкиот развој на децата, а не само како да се заштитат од вирусот, мора да почнат да имаат некоја социјализација, да се направи некоја комбинација на онлајн и на настава со физичко присуство“, вели Калиќи, која досега ги користела мерките на владата да остане дома оти има и дете помало од 10 години.
Но, таа вели дека треба да се врати и на работа.
Се чека да се формира нова влада и да се изгласаат промени во законите за основно и за средно образование за да може да се спроведат протоколите за настава во согласност со епидемиолошката состојба.
Од она што досега е познато е дека учениците од прво, второ и трето одделение, доколку нивните родители го одобрат тоа, наставата може да ја следат во училиште. Настава со физичко присуство може да има и во општините каде има мал број на ученици или малку паралелки, а за останатите ќе има онлајн настава.
Mинистерот за здравство Венко Филипче вели дека ако епидемиолошката состојба остане стабилна, ќе се дозволи постепено враќање со физичко присуство на сите деца во училиштата.
„Сакаме да ги избегнеме лошите сценарија коишто ги видовме во земјите кои целосно ги отворија училиштата. Децата се преносители на вирусот, а нашата анализа покажа дека најлесна форма и најмалку процентуално, под 4 отсто, заболуваат најмалите деца до девет години“, рече Филипче.
Во училиштата се прават подготовки за почеток на наставата. Се подготвуваат за физичко присуство на ученици, а се спроведуваат и обуки за наставниците за наставата преку компјутер.
Го посетивме основното училиште Гоце Делчев во Општина Центар. Директорката Наде Молеровиќ вели дека се потребни конкретни информации како да работат, за да може тие податоци да ги споделат со родителите и децата и да се подготват за работа.
„Треба да имаме водич. Родителите мора да бидат запознаени, мора да ги знаат очекувањата од училиштето, што сè родителот треба да му каже на своето дете кога ќе го донесе во училиште и да го запознае пред тоа да дојде на училиште. И наставниците треба да бидат информирани која е нивната улога за сите да бидеме и одговорни и заштитени. Тука е и техничкиот персонал. Нам ни треба тренинг, најмалку од недела, две, за сите точно да знаме кој која улога ја има. Ќе беше добро да ги имавме тие упатства на страна на Министерството уште во јули, во светот и по Европа така тоа функционира“, вели директорката на ОУ Гоце Делчев.
Видете и ова: Едукација и пандемија - кој модел е најдобарВо училниците не смее да има повеќе од 20 ученици, наставникот нема да смее да ја напушти училницата, односно ќе биде присутен цело време, а нема да има контакти меѓу една и друга група на ученици.
Во Протоколот за основните и средните училишта се предвидува наставата да се одвива со почитување на мерките за заштита, односно, носење маска, држење дистанца и хигиена на раце. Родителите се должни секој ден да му мерат на ученикот температура, а во случај на покачена над 37 степени, детето не смее да се носи на училиште.
Молеровиќ вели дека половина од родителите на учениците до трето одделение се изјасниле дека нивните деца ќе одат на училиште. Таа вели дека имаат и простор, а и наставници да ја спроведат наставата.
Поголемите ученици ќе следат настава од далечина, како и во изминатите месеци, откако почна пандемијата со ковид-19. Од почетокот на март се затворија градинките, училиштата и факултетите, а настава беше онлајн.
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека корона-кризата нè изненади сите и тогаш образовниот систем не беше подготвен за онлајн настава.
„Дигиталното образование мора да биде приоритет, и ако тоа досега го игнориравме, конечно корона-кризата, покрај сите негативни работи, го стави на врвот на приоритетите“, вели Кордалов.
Тој вели дека наставата во живо е многу важна, но дека во ваква ситуација онлајн наставата е неопходност за да се заштити здравјето.
„Онлајн наставата е голема предност и игра голема улога. Имаме многу малку денови до почетокот на учебната година, очигледна е какафонијата што доаѓа од сите страни, се надевам и верувам дека ќе имаме добро образование, бидејќи акцентот мора да биде на квалитетно образование, а не на тоа дали ќе биде класично или онлајн. И ако досега се пропуштило што било сега веднаш да се засукаат ракавите и да се подготви, мора да се работи активно на ова и да нема импровизации во образованието“, вели Кордалов.
Калиќи, која е мајка на четири деца, од кои три се во образовен процес, вели дека е предизвик да им се обезбедат услови на децата да следат настава.
„И досега беше тешко. Финансиски секој може да се снајде. Се организиравме и им обезбедивме на децата кои немаа телефони и компјутери. Но, не е само тоа, треба и простор. Ако имаш три деца на училишна возраст мора да им обезбедиш простор, мора и да се работи многу со нив. Кога следеа онлајн настава јас работев повеќе со нив, отколку кога следеа настава физички. Не е исто кога следат настава во училиште. Физичкиот контакт со учителката, со наставниците е многу поразличен од ова што сега се случува, тоа е повеќе работа за нас, плус обврски за нас“, вели Калиќи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Средношколците сакаат да одат на школо
Средношколците, се против моделот за целосна онлајн настава. Калина Качоровска, ученичка во гимназијата Јосип Броз Тито, вели дека од искуството со онлајн наставата во изминатите месеци, таа била апсолутно непродуктивна.
„За нас средношколците ова се најважни години во образованието и сега доколку овие години ги изгубиме, како што ги изгубивме претходните три месеци, тогаш според мене образованието би немало смисла“, вели таа.
Сојузот на средношколците најави протест за 31 август против владината одлука за целосна онлајн настава. Тие се залагаат за комбиниран модел, каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи.
Условите за работа и епидемиолошката слика не се насекаде исти, па не може да има само едно решение, велат од Синдикатот за образование, наука и култура.
„Нам ни е јасно и на јавноста ѝ е јасно дека условите за работа не се подеднакво исти во сите училишта на национално ниво, па според тоа, според мене, не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите“, вели Јаким Неделков од СОНК.
Поради пандемијата, но и поради парламентарните избори и политичките процеси за нова влада се доцнеше со донесување протоколи за работа на училиштата.
МОН како по обичај доцни, многу доцни со протоколите и одлуките па затоа и такво ни е образованието, вели Владо Димовски од Центарот за толеранција и доживотно учење, кој е пензиониран наставник.
„Со вакво темпо на нудење решенија учебната година ќе започне во јануари 2021 година, а прашање е дали и тогаш. Ако во второто полугодие од учебната 2019/20 состојбата со пандемијата нè затекна изненадно и учебната година заврши така како што заврши, за почетокот на учебната 2020/21 требаше подготовките да започнат во месец мај“, вели тој.
За минатиот први септември во училиштето Гоце Делчев имаше приредба за првачињата. И за овој почеток ќе им организираат добредојде, а потоа некој ќе седне во училишните клупи, а некој ќе следи настава преку компјутер, вели директорката на училиштето Наде Молеровиќ.
„Оваа година навистина ни се претвори во година на стрес, на страв, на исчекување, не знаеме што, не знаеме како. Сите сакаме да бидеме безбедни и тоа треба да ни биде прво, а колку ние тоа ќе го направиме ни треба време, а времето не значи дека на прво треба да почнеме во училиште, јас дури ако ме прашате, јас би почнала од први ноември.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Многу дебати за наставата, но единствен заклучок нема
Прашање кое ги мачи семејствата во светот: Дали можат да бидат отвоени училиштата, со оглед на Ковид 19? Родители, политичари, здравствени работници дебатираат, но единствен заклучок, нема.
Хелена Милер член на училишен борд вели:
„Нема добри решенија. Нема дури ни близу до добри решенија.“
Коронавирусот со месеци веќе го попречува образованието, ситуација која Обединетите нации ја нарекуваат генерациска катастрофа.
„Во средината на јули училиштата беа затворени во над 160 земји, а засегнати беа над милијарда ученици. И покрај наставата преку радио, телевизија и онлајн, и најдобрите напори на наставниците и родителите, многу ученици останаа неопфатени“, вели Антонио Гутереш Генерален секретар на ОН.
Затворените училишта им прават проблем и на родителите кои одат на работа, бидејќи мораат да се снаоѓаат со чување на децата, а многумина и немаат услови за следење онлајн настава.
„Помалите деца, во основно, имам чувство дека нивните мозоци не се подготвени, развојно, за да седат зад екранот повеќе часови“, вели Дара Лишнер, родител .
„Им треба спорт. Им требаат активности. Ни треба таа заедница“, вели Боб Шенфилд, родител.
Притисокот е училиштата да работат, како ова во Берлин. Наставата почна на 10-ти август, а учениците од 7-мо па нагоре, носат маски и добиваат препораки за избегнување на инфекцијата. Насекаде се препорачува социјално дистанцирање, како во ова приватно училиште во Калифорнија. Некои училишта ги редуцираат класовите за да има дистанца, а други пак, ги одвојуваат учениците по групи. Клучна улога за отворање на училиштата ќе има и тестирањето на Ковид 19.
Ендрју Куомо Гувернер на државата Њујорк вели:
„Многу од училиштата планираат да мерат температура, и доколку некој ученик има, ќе треба да биде тестиран.“
Но, дури и со сите превентивни мерки, останува страхувањето дека училиштата се високо ризични зони. Многумина сметаат дека пандемијата треба да биде ставена под контрола пред да се отворат училиштата. Во Чикаго, членови на наставничката унија протестираа против отворање на училиштата се додека инфекцијата не се намали. Подржувачите на идејата за отворање на училиштата аргументираат и со фактот дека децата, доколку и се инфицираат со ковид 19, имаат мали или никакви симптоми. На таа позиција е и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тие не стануваат многу болни. Не се заразуваат лесно“, вели Трамп.
Но, тоа не значи и дека ризикот е нула. Асоцијацијата на американски педијатри соопшти дека околу 100 илјади деца биле позитивни, само во последните две недели во јули. Некои училишта отворија, па повторно беа затворени.
„Да го испратам Џулијан на училиште, не е само за него ризично. Кога ќе се врати дома, ги става во ризик моите родители, неговите баба и дедо, а тоа не е можност што сакам да ја прифатам“, вели Ивет Гарсија, родител од Флорида .
Во САД, а и насекаде, најчесто одлуката е на локалните власти, дали да ги отворат училиштата и како да ги намалат ризиците. Тешки одлуки се и за родителите. Но, нема единствена стратегија која ќе одговори на сите страхувања и потреби, и нема едноставни одговори.