Во очекување на конечна одлука за тоа како ќе продолжи образовниот процес на учениците од септември, во оптек остануваат сите три модели кои ги понуди Министерството за образование, односно: класична настава со физичко присуство, онлајн настава или комбинација на двете. Комисијата за заразни болести на Владата и предложи комбинираниот модел, односно учениците до трето одделение да одат во училиште, а за останатите да има онлајн настава односно да учат од дома.
Од Синдикатот за образование и наука велат дека не се надлежни да кажуваат кој е најдобриот избор во моментот, но упатуваат на тоа дека нивна обврска е да се штити здравјето и безбедноста на вработените.
Првиот синдикалец во образованието, Јаким Неделков вели дека не смее да се унифицира еден модел кој ќе важи за сите училишта, оти условите за работа не се секаде исти, па според него најсоодветно решение е она кое најмногу ќе одговара на локално ниво.
„Нас ни е јасно и на јавноста и е јасно дека условите за работа не се подеднакво исти во сите училишта на национално ниво, па според тоа, според мене, не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите. Различни се по многу основи. Прво по број на заразени во средината, имаме стандарди на колку жители максимум колку заразени би било нормално, ако може така да се каже нормално. Понатака имаме број на ученици во училиште, број на ученици по паралелки. Имаме училишта со соодветни услови за изведување на ваква или онаква настава, училишта кои се несоодветни, па имаме и локална средина, односно родители и ученици немаат технички можности да следат конкретно онлајн настава итн. Значи сето тоа е индивидуално и по нас како Синдикат би било најсоодветно да се прифати она решение кое најмногу ќе одговара на локално ниво, односно она училиште, пред се училишниот одбор ќе се одлучи за кое училиште како да работи“, вели Неделков во интервју за радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме во недела.
Министерот за образование Арбр Адеми пак, деновиве изјави дека неговиот личен став е да се отворат училиштата, но дека „тврдоглаво нема да инсистира на тоа“.
„Најлесно е во вакви случаи да се определиме за онлајн настава. Само ако епидемиолошката состојба не дозволува да се организира настава со физичко присуство, би се определиле за оваа можност. Оваа одлука е најтешката до сега за Владата. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да се загрози здравјето“, изјави Адеми.
Од друга страна, пак, искуствата од онлајн наставата која се одвиваше пролетва поради пандемијата не беа најпозитивни. Реакциите во јавноста беа дека голем дел од просветните работници не се подготвени за таа промена и имаа отпор кон дигитализацијата. Пет медсеци подоцна Неделков не е убедендека дел од наставниците се подготвени за овој предизвик од септември.
„Не сум сигурен дали се потполно подготвени, со оглед на тоа што еве и од март наваму бевме како наставници затечени, меѓутоа ние сме доста и трудољубиви и креативни па успеавме на некој начин успешно да ја завршиме учебната година без ниту еден пропуштен ден без одвивање на наставата. Колку тоа вроди со плод или не можат анализите да покажат. Мислам дека веќе од понеделник дека ќе почнат активните обуки во училиштата за примена на онлајн настава. Ми се чини дека неизбежна ќе биде онлајн наставата или можеби комбинирана настава кадешто дел од училишта ќе работат онлајн, дел со физичко присуство на ученици и вработени, така што наставниците во секој случај ќе мора да бидат подготвени и за онлајн настава“, вели Неделков во неделното интервју.
Но, според Младинскиот образовен форум (МОФ) вината не треба да се префрла само кај просветните работници, туку и кај надлежните институции кои треба да понудат соодветни обуки и план, но и пристап до дигиталните алатки за реализација на овој процес.
Теодора Столевска од МОФ истакнува дека образованието никогаш не било приоритет во државата.
„Реалноста е дека кај нас има се уште училишта кои немаат санитарни јазли, има училишта кои немаат бибилиотеки, кои немаат табли за пишување, има деца кои треба да пешачат два часа на сенг за да стигнат до своето школо. И ова е нашата реалност, и треба да бидеме реални кога сонуваме и бараме, имаме желби, прво да ги побараме основните работи да им бидат дадени на младите, да можат да имаат какво такво, барем некако образование, па после да можеме да ја дигнеме дискусијата на повисоко ниво и да зборуваме за квалитетот на образованието кое што го имаат“, вели Столевска.
Во меѓувреме отворена е онлајн петиција од родители кои бараат наставата да се одвива со далечинско учење. Петицијата ја имаат потпишано над 2500 родители, а барањето особено се однесува на учениците од прво до петто одделение. Авторите на петицијата упатиле и официјално барање до надлежните институции.
Во петицијата се бара да се донесе одлука за далечинско учење за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од прво до петто одделение, имајќи ја предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.