Прес-конференции преку видео врска на интернет. Земање изјави преку некоја од апликациите кои овозможуваат онлајн комуникација. Ова се само дел од промените во начинот на информирање кои се наметнаа поради пандемијата со коронавирусот и рестриктивните мерки кои беа преземени со цел спречување на ширењето на болеста. Новинарите за прв пат се соочија со предизвикот да известуваат за време на вонредна состојба. Најпрвин на прес-конференциите држеа физичка дистанца, за потоа од нивните редакции или домови да се вклучуваат во живо или по електронска пошта да поставуваат прашања.
Видете и ова: ССНМ реагира на владиното толкување на извештајот за слободата на медиумитеВо меѓувреме невладината организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз во најновиот извештај ја рангираше Македонија на 92 место на Светската листа на слобода на медиумите за 2020 година. Државата се искачи три места погоре во споредба со 2019 година.
Со продолжувањето на вонредната состојба на дополнителни 30 дена, од ЗНМ реагираа дека мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри, a во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање.
Сите мерки кои беа донесени извршија влијание врз слободата на изразување, која и во вонредни услови мора да биде гарантирана, без разлика што постојат одредени ограничувања, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
„Од тој аспект сметаме дека постојат опасности по слободата на изразување и токму поради тоа апелиравме и до Владата и до останатите носители на јавни функции на кој начин да ги променат навиките коишто се создадоа во овој еден месец за да не се случи утре да имаме многу понеповолна оценка во следниот извештај на „Репортери без граници“, се разбира и во нашите извештаи, бидејќи сите оние еднонасочни прес-конференции коишто почнаа да се одвиваат создадоа впечаток дека соговорникот некогаш не сака, некогаш не може. Меѓутоа нема начин новинарите да дојдат до потпрашање, да инсистираат на одговор или да инсистираат на откривање на она што им е нив навистина во тој момент битно“, посочува Чадиковски.
Видете и ова: Столтенберг: Кина и Русија шират дезинформации за НАТОПроблем е што и не сите медиуми имаа пристап до податоци, додава тој.
„Некои медиуми добиваа ексклузивни информации за работи за коишто велевме дека не смеат да бидат така, за коишто самата власт тврдеше дека не смеат да бидат така за да не се создава сензационализам и ексклузивност. Меѓутоа очигледно некои врски на политиката и медиумите профункционираа и во овој период и токму затоа апелиравме и повторно апелираме да ги ослободиме овие елементи кои влијаат на ограничувањето, особено што гледаме дека и рестриктивните мерки полека ќе одат надвор од употреба“, вели тој.
Новинарите во услови на пандемија се соочија со тешка задача да прават рамнотежа меѓу почитување на обврската да ја кажат вистината и обврската да не поттикнуваат непотребна вознемиреност на јавноста, вели директорката на Советот за етика, Марина Тунева.
„Се разбира, новинарите и медиумските работници работат во отежнати услови со ограничен пристап до настаните и информациите коишто треба да ги имаат. Понатаму, редакциите се соочуваат со економски потешкотии што секако може да влијае врз загрозување на работните места на луѓето коишто работат во медиумите“, смета Тунева.
Комуникологот и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа
Сефер Тахири вели дека за жал не само државата, туку целиот свет се наоѓа во ситуација да одлучува меѓу слободата и здравјето на луѓето, што се основни концепти за функционирање и реализирање на јавниот интерес во општество. Но, тоа според него, не им дава изговор на институциите и Владата да не бидат отворени и транспарентни спрема новинарите.
„Од друга страна, сметам дека оваа ситуација не треба да се искористи и да се злоупотреби од страна на институциите да ги избегнуваат прашањата, особено околу транспарентноста и отчетноста, бидејќи иако се наоѓаме во вонредната состојба, и иако над Владата не постои коректор како што е Собранието или пратениците, но сметам дека медиумите можат успешно да ја извршуваат оваа функција“, додава тој.
Видете и ова: Даниловски- голема глупост е поврзувањето на короната со 5Г мрежатаПо реакцијата на ЗНМ, Владата им остави можност на новинарите кои се вклучуваат во живо на прес-конференциите да поставуваат и потпрашања.
„Меѓутоа сè уште сметаме дека тоа е недоволно добро за да може да го изрази вистинскиот интерес на јавноста за прашањата кои се главни и квалитетни. Токму заради тоа побаравме со отворање на рестриктивните мерки, а може и веднаш со оглед дека временските услови тоа го дозволуваат, прес-конференциите веќе да се држат на отворено со нормалната социјална дистанца меѓу претставниците на Владата и новинарите за да може да остане оној контакт кога соговорникот нема да може да ги избегнува прашањата на новинарот. Тоа е второто барање кое сè уште не е исполнето“, вели Чадиковски.
Тахири посочува дека слободата на изразување во однос на давање на отчетноста, транспарентноста и отвореност на институциите кон граѓаните, преку медиумите треба да биде на повисоко ниво.
„Досега, барем моја перцепција е дека институциите се обидуваат да им излезат во пресрет на новинарите и на медиумите, но мислам дека понекогаш има избегнување на вистинските прашања коишто се од јавен интерес“, смета тој.
Властите најавија дека ќе се следат и казнуваат луѓето кои на социјалните медиуми објавуваат дезинформации, односно невистини за вирусот, како и медиумите кои истите тие дезинформации ги пренесуваат. Но, од ЗНМ посочија дека главната задача на институциите во овие моменти треба да биде обезбедување на максимална транспарентност околу кризата предизвикана од пандемијата и економската криза, а не да се занимава со ограничувања на слободата на изразување. Најдобар начин, според здружението, за дефакторизирање на дезинформациите е поголемата транспарентност и користењето на саморегулацијата во медиумите.
До Комисијата за жалби при Советот за етика пријавени се 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување за време на вонредна состојба. Од нив, најголем дел или 19 жалби се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот.
„Најчесто станува збор за прекршување на член 8 на кодексот на новинарите, односно за сензационалистичко информирање, како и прекршување на член 1 кој се однесува на објавување на точни и проверени информации. Ние во повеќе наврати им укажавме на уредниците дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над етичкото и професионалното известување, а медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните со своето информирање“, истакнува Тунева.
Видете и ова: „Големиот брат“ се буди во време на коронавирусТаа посочува и дека јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до Советот на етика е утврдено оти новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти.
„Сега повеќе од кога и да е новинарите и медиумските работници треба да работат слободно и прецизно со цел да се справат со дезинформациите кои секако како што укажуваат нашите податоци се присутни во дел од медиумите. Исто така се забележани случаи на преземање содржини од социјалните мрежи кои не се проверуваат во обид да се пласираат информации колку што е можно побргу. Ако се утврди дека некои медиуми неетички и непрофесионално известувале, професионалните медиуми може да ја завршат таа работа со проверка на информациите и правилно да ги коригираат практично тенденциите на неетичко информирање“, вели Тунева.
Во извештајот на „Репортери без граници“, кој се однесува за државата, насловен „професијата се организира“, се наведува дека Владата не го сменила законот за јавни медиуми, а реформата на јавниот радиодифузер е запрена, при што неговите програми им служат на интересите на поранешната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Репортери без граници забележуваат дека на општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми и со тоа да задржат средство за нивно контролирање.
„Друга ризична одлука на Владата: купување реклами во медиумите за запознавање со достигнувањата на владата“, стои во извештајот и се додава дека Здружението на новинари на Македонија ја осуди оваа практика.
Видете и ова: Коронавирусот уште една можност за Русија и Кина да шират дезинформацииИсто така, меѓу другото се констатира дека физичките напади врз новинари се смириле, но се констатира дека за жал, традиционалните закани и навреди од високи функционери кон печатот остануваат силни, а сајбер-нападите се во пораст.
Рангирање три места погоре е скок во место, смета Чадиковски, што значи дека нема никаков напредок во слободата на изразување, наспроти ланскиот скок од околу 15 места, што е разбирливо, според него, бидејќи не се случија очекуваните промени. Скокот од три места се должи на воспоставување на регистарот на професионални онлајн медиуми, како и на потпишување на „Повелбата за работните услови на новинарите“.
„Така што она што е проблем во македонското медиумско општество, а тоа се спрегите на политиката и сопствениците на медиумите, малиот маркетиншки колач, односно малиот медиумски пазар, она што се вели државно рекламирање кое е скриено и пред сè преку општинските власти и да речеме јавните претпријатија сè уште постои и тие се тие што не држат нас на ова 92 место сега. Меѓутоа, тоа е многу далеку од она што Македонија памети. Сме биле и на 35 место пред десетина години и навистина сега е жално да се фалиме со три места кои не постојат“, вели тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Владите ја користат пандемијата за да протнат мерки што обично не би поминале
Од „Репортери без граници“ оценуваат дека епидемијата на коронавирус е можност некои земји да применат таканаречена „стратегија на шок“. Тамошните власти го користат изненадувањето кај јавноста за да „воведат мерки што вообичаено не би поминале “, наведуваат од организација при издавањето на редовниот годишен „Индекс за слобода на печатот во светот 2020“.
Гоце Атанасов
Пандемијата на коронавирус ги зголемува заканите за слободата на печатот ширум светот. Од Репортери без граници со седиште во Париз во годишното рангирање за слобода на печатот оценуваат дека пандемијата „ја потенцира и ја зајакнува кризата“ и оти веќе фрли сенка врз слободата на печатот. Избувнувањето на пандемијата ги охрабри некои режими „да ги искористат предностите на фактот што луѓето се вчудовидени за да воведат мерки што би било невозможно да се донесат во нормални времиња“, вели генералниот секретар на Репортери без граници Кристоф Делоар.
„Ние сме во време кога авторитарните влади, некои поранешни демократски влади применуваат „стратегија на шок “. Оваа „стратегија на шок “- првично беше економски концепт - се состои во тоа што владите кои ја користат можноста за психолошки шок, политички шок - може да биде и државен удар - да донесат мерки што нормално не би поминувале “, вели тој.
Информативна хипер-контрола
Алудирајќи на обвинувањата дека Пекинг го сокрил првичното ниво на коронавирусот, Делоар вели дека Кина „го одржува својот систем на хипер-контрола на информации, чии негативни ефекти за целиот свет се забележани за време на кризата со јавното здравство“.
„Постојат голем број на држави каде владите започнаа со кампањи за дезинформации за да ја прикријат репресијата врз новинарството. Најсимболичен случај е очигледно Кина. Режимот во Пекинг сноси многу силна одговорност, каде контролата на информациите во таа земја спречи правилни одлуки да бидат донесени во раните фази на епидемијата“, вели тој.
Европа не е имуна од оваа појава. Унгарија, под премиерот Виктор Орбан, донесе посебен закон за лажни информации, што според Репортери без граници, е „целосно непропорционална и присилна мерка“.
„Ова беше случај на пример во Унгарија, каде што објавувањето лажни информации се казнува со 5 години затвор. Некој може да каже дека тоа е добро, но во реалноста тоа има за цел да ги нападне независните медиуми, односно оние што најдобро ја покриваат кризата со коронавирусот”, вели тој.
Кинеско сценарио
Во Турција, каде што претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано е критикуван за спречување на слободата на печатот, како што се наведува во извештајот, цензурата на медиумите, особено на онлајн медиумите, е засилена и земјата е „поавторитарна од кога и да било“. Слично е и во Русија која исто така „упорно работи да го контролира интернетот, користејќи сè покомплексни методи“. Притоа се посочува законот кој ќе ѝ овозможи на земјата да го исклучи рускиот интернет од остатокот на светот.
„Изгледите за кинеско сценарио во Русија се алармантни“, оценуваат од Репортери без граници.
Делоар вели дека постои „јасна корелација“ помеѓу потиснување на слободата на медиумите како одговор на пандемијата на коронавирусот и рангирањето на една земја.
„Ние гледаме јасна корелација помеѓу рангирањето на државите - светското рангирање на слободата на печатот - и начинот на кој тие ги контролираат информациите, конкретно во овој период на коронавирус”, вели тој.
Според него, скоро насекаде во Источна Европа и Централна Азија, силните лидери продолжуваат да ги консолидираат нивните влијанија врз вестите и информациите.
Додека Норвешка е прва на индексот веќе четврта година по ред, Финска повторно е второпласирана. Северна Кореја ја зазеде последната позиција по Туркменистан. Светскиот индекс за слобода на печатот проценува фактори како што се независност на медиумите, самоцензура, правна рамка и транспарентност заснована врз прашалник пополнет од експерти.