Димитриевски ќе треба да плати 300 – 600 евра казна

Владиниот врв на 15 април беше во посета на општина Куманово, по што заврши во 14-дневна домашна изолација

Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди неколку прекршувања во Куманово при тестирањето на членовите на општинскиот Кризен штаб на коронавирус. Градоначалникот Максим Димитриевски, кој беше позитивен на вирусот, ја прекршил самоизолацијата за да дојде во Скопје и да се тестира приватно.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе треба да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесува и на директорот на Регионалниот Центар за управување со кризи Горан Стојановски.

Видете и ова: Спасовски и Филипче немаат корона, Димитриевски ту има ту нема

На заедничката видео прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, таа рече дека инспекцискиот надзор покажал неколку прекршувања во Куманово.

Лицата од кризниот штаб во Куманово биле тестирани два пати, еднаш на 26 март, сите биле негативни на коронавирус, а потоа на 12 април имало петмина позитивни на коронавирус. И двете тестирања се изведени како скрининг, без задолжителната епидемиолошка анкета, што е прекршок од Законот за заштита на население од заразни болести. Вториот прекршок е што брисевите им биле земани во просториите на Општина Куманово што исто така е прекршок, рече Сотирова Бухова.

Пропусти биле констатирани и во кумановската Итна служба со чие возило Димитриевски бил донесен во Скопје, каде што направил нови тестови за коронавирус во лабораториите на болниците Жан Митрев и Систина, како и во Биотек, каде што Димитриевски бил негативен на коронавирус.

Сотирова Бухова рече дека Димитриевски и Стојановски сè уште не се евидентирани како излекувани, бидејќи треба да се запазат протоколи за дополнителни тестирања, 14 дена по констатирање на вирусот.

Видете и ова: Владиниот врв во самоизолација за време на најдолгиот полициски час

Таа рече дека Димитриевски можеби во меѓувреме се излечил, затоа што серолошките тестови што ги направил во Систина покажуваат дека имал IgM антитела, што покажува дека „лицето имало близок контакт со вирусот“ пред кратко време.

Димитриевски пред три дена на Фејсбук објави дека на 22 април „почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури“ се тестирал приватно во неколку лаборатории во Скопје и оти нема коронавирус. Тој побара од епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје Куманово итно да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и веднаш да ги укине решенијата за негова самоизолација, како и за неговите контакти посочени во епидемиолошка анкета, за да може да се врати на извршување на секојдневните обврски.

Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми се во домашна изолација од 16 април, поради посетата на Кризниот штаб во Куманово, каде што се сретнаа и со градоначалникот Димитриевски, кој во тоа време бил позитивен на коронавирус, но тогаш не ги имал добиено резултатите.

Спасовски, Филипче, Османи и Адеми рекоа дека биле негативни на коронавирус, но остануваат во домашна изолација до истек на 14 дена, кога треба повторно да се тестираат.

Видете и ова: Од денеска е задолжително носењето маски

Филипче на денешната прес-конференција рече дека до Владата ќе предложи казнувањето за неносење лична заштита (маска, марама, шал преку устата и носот) да почне од оваа недела, а не од Први мај, како што беше најавено. Тој најави дека во следните денови ќе се анализира состојбата и ќе се донесе одлука за забраната за движење за време на првомајските празници.

Филипче рече дека од почетокот на епидемијата со коронавирусот не дискутирале за одржување на избори. Тој смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се изборите.

Тој посочи дека денеска има 126 оздравени од коронавирус, а 19 новозаболени и двајца починати од болеста.