Докторе, мислите ли дека сега е вистинско време за олабавување на мерките преземи за спречување на ширењето на коронавирусот?
Објективната состојба на терен, со бројките на заболени, ситуацијата покажува дека бројот на новозаболени опаѓа и тоа би можело да биде индиректен индикатор дека треба да се размислува за релаксација на мерките. Меѓутоа, има тука друго нешто. За да може да се размислува за релаксација на мерките ние епидемиолозите користиме еден друг, многу пообјективен индикатор кој се вика базичен репродуктивен број, кој покажува колку осетливи поединци ќе зарази еден инфициран случај. Тој репродуктивен број, (Р нула) ако е под единица епидемиско ширење нема да имаме. Кај нас во екот на епидемијата тој се движеше меѓу три и четири, а последниве денови се спушта некаде кон единица. Но, релаксирање на мерките би можеле да направиме дури откога тој ќе се спушти под единица. Според моите пресметки, горната граница е 1,2 а долната 0,7 и со 95 отсто веројатност, репродуктивниот број се наоѓа во тие граници. За да може со мирно срце да се релаксираат мерките, би требало да почекаме неколку дена, можеби до крајот на месецов, затоа што постои таква тенденција, дека репродуктивниот број опаѓа. Горната граница која што е сега 1,2 да дојде барем до кај единица, за да можеме по релаксирањето да бидеме опуштени дека вирусот нема да го возврати ударот.
Професоре, повеќе земји од ЕУ ги релаксираат мерките, а во некои од нив почна и масовен скрининг на населението за да се види колку го прележале коронавирусот. Сметате ли дека тоа треба да се направи и кај нас и како, на кој начин?
Раното масовно тестирање на населението и тоа со серолошки тестови има круцијално значење за согледување на дистрибуцијата на ваквите фокуси, метастази, кои колку порано ќе се откријат, толку порано може и да се изолираат и да се спречи ризикот тие да се претворат во неконтролирани пожари кои може скапо да не чинат.
На социјалните мрежи периодов почнуваат да кружат некои теории според кој коронавирусот не постои, а граѓаните ги држат затворени дома за да може да инсталираат 5г мрежа. Како епидемиолог, како професор, каква е вашата порака до оние кои веруваат во ваквите теории?
Како што постојат различни животински видови од видлива карактер односно разни видови на животни, постојат и разни микроорганизми и сите тие што се залагаат за тие теории дека не постои вирусот, само да ги прашам постојат ли бактериите, постојат ли стрептококи, стафилококи, постојат ли други вируси? Недвосмислено е покажано дека коронавирусот е постоечки, нов жив вид меѓу нас. На тие што веруваат во таквите тези би им порачал да се тргнат од таквите будалаштини, од таквите теории на заговор, особено дека вирусот не постои. Тоа пак со поврзаноста со 5г мрежата, останувам без текст, мислам дека поголема глупост не сум слушнал во животот.