Достапни линкови

САД и Иран во жешка битка на социјалните медиуми


Протест против санкциите на САД врз Иран
Протест против санкциите на САД врз Иран

Соединетите држави и Иран официјално не разговараат. Но, тие меѓусебно се прогонуваат на социјалните медиуми за да влијаат на јавното мислење во двете земји.

На слика неодамна споделена на Твитер од американскиот Стејт департмент, иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, се гледа како седи до сирискиот претседател Башар ал Асад, додека меѓу нив на мала маса има голем куп пари. Исто така, има куп пари во скутот на Асад, како и иранска банкнота во џебот.

иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф и сирискиот претседател Башар ал Асад
иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф и сирискиот претседател Башар ал Асад

Ова слика беше објавена од портпаролот на Стејт департментот Морган Ортагус, за да се потенцира поддршката на Техеран за неговиот главен регионален сојузник, Сирија, бидејќи Зариф го посети Дамаск на разговори со Асад.

Зариф: Иран дејствува во самоодбрана

„Од 2012 година, иранскиот режим обезбеди повеќе од 10 милијарди долари, пари од иранскиот народ, за Асад. Се прашувате колку ограбени пари главниот апологет на режимот (Зариф) доставува денес во Дамаск?“, напиша Ортагус во најновиот пример на битката во социјалните медиуми помеѓу Вашингтон и Техеран, насочена кон влијание врз јавното мислење.

Санкции и коронавирус

Двете страни, кои официјално не разговараат, изминативе недели тргуваа со пораки во услови на смртоносната пандемија на коронавирусот која сериозно ги погоди двете земји.

Али Ваез, директор на Иранскиот проект во Меѓународната кризна група вели дека „бесмислените и крајно малолетнички“ размени се илустративни за „тажната состојба на односите“ меѓу двете земји што се приближија кон воен конфликт откако Вашингтон го уби Касем Солејмани, шеф на иранските регионални операции на Исламската револуционерна гарда.

Иран по убиството на Касем Солејмани
Иран по убиството на Касем Солејмани

Убиството доведе до одмазнички ракетен напад од страна на Техеран врз американските сили во Ирак.

„Идеолозите во администрацијата на САД сметаат дека Исламската Република е на работ да падне како резултат на комбинираните ефекти од економската криза и ковид-19 и, според тоа, на медиумското војување се гледа како на катализатор на колапсот на режимот”, вели Ваез, додавајќи:

„Иранците, од своја страна, сметаат дека хуманитарната криза во Иран е можност да ја префрлат вината врз САД и да ги делегитимизираат санкциите кај меѓународното јавно мислење“.

Трамп повторно му се закани на Иран

Голем дел од неодамнешните размени се фокусираа врз американските санкциите, кои му беа изречени на Иран, откако Доналд Трамп излезе од историскиот нуклеарен договор од 2015 година, за кој оцени дека не бил доволно силен за да ги запре нуклеарните активности на Техеран и неговите регионални амбиции.

Вашингтон одби да ги олесни санкциите и покрај повиците на Обединетите нации, Европската унија, повеќе од 30 членови на Конгресот и други. Техеран, кој аплицираше за итен заем од 5 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд за борба против коронавирусот, ги интензивираше своите повици за отстранување на „нелегалните“ санкции, истовремено, велејќи дека тие ја попречуваат неговата можност да ја запре пандемијата што досега уби повеќе од 5.200 Иранци и зарази околу 85.000. Според многубројни меѓународни групи, реалните бројки се значително повисоки.

Меѓусебни обвинувања преку Твитер

Државниот секретар Мајк Помпео, го обвини Иран за „некомпетентно и смртоносно раководење“, истовремено наведувајќи дека повиците за укинување на санкциите се „за пари за лидерите на режимот“.

Твитовите и сликите споделени од Стејт департментот сугерираат дека верскиот естаблишмент има доволно средства за справување со кризата, а ајатолахот Али Хамнеи, според истрагата на Ројтерс за 2013 година, ја контролира економската империја која е проценета на околу 95 милијарди долари.

Државниот секретар Мајк Помпео до фотографија на протести во Иран
Државниот секретар Мајк Помпео до фотографија на протести во Иран

Друга слика, објавена од Министерството за надворешни работи на Иран, вклучува фотографија на Помпео, фотографирана под симболот на коронавирус.

Иран и Сирија ги критикуваат САД што не ги укина санкциите и покрај коронавирусот

Зариф пак, му се обрати директно на Трамп во некои свои твитови, вклучително и на 19 април кога реагираше на понудата на американскиот претседател да испрати помош во Иран, вклучително и вентилатори, „ако тоа го побара“.

„Иран ќе извезува вентилатори за неколку месеци“, објави Зариф, додавајќи: „сè што треба да сторите е да престанете да се мешате во работите на другите нации, мојата особено. И верувајте ми, ние не земаме совети од американски политичари“.

Претходно, Трамп и Хамнеи разменија обвиненија на Твитер, во услови на засилени тензии меѓу двете држави по нападот на американското беспилотно летало во кој загина Солејмани.

„Таканаречениот‘ Врховен водач ’на Иран, кој не беше толку Врховен во последно време, имаше некои незгодни работи да каже за Соединетите држави и Европа. Нивната економија пропаѓа, а нивниот народ страда. Тој треба да биде многу внимателен со своите зборови! “, твитна Трамп на 17 јануари, во она што се чинеше како реакција на говорот во Хамнеи, каде што ги обвини Соединетите држави за убиството на Солејмани.

Коронавирус во Техеран, Иран
Коронавирус во Техеран, Иран

Непосредно по твитот на Трамп, официјалниот профил на „Твитер“ на англиски јазик на Хамнеи го обвини американскиот претседател дека лажел кога изјавил дека неговата земја е со иранскиот народ.

Битката на социјалните медиуми и тензиите меѓу двете страни најверојатно ќе траат и во наредните месеци, велат аналитичарите.

Ваез смета дека разговорите меѓу двете земји се малку веројатни пред претседателските избори во ноември во Соединетите држави.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG