Курти: Ќе ги укинеме косовските такси кон Србија, но ќе има реципрочни мерки

Укинување на косовските такси за срските производи и воведување на реципрочни мерки се дел од првите мерки кои планира да ги воведе новиот косовски премиер Аблин Курти. Тој во интервју за РСЕ вели дека верува оти Косово не може да си дозволи луксуз повторно да не успееме во дијалогот со Србија.

Новиот премиер на Косово, Албин Курти во интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека има намера да ги укине казнените тарифи за српските производи и да ги замени со принципот на реципроцитет, оти, како што вели, тоа е принцип на здрави односи меѓу две земји. Косовската влада пред две години воведе тарифи за увоз на производи од Србија и од БиХ.

„Не е дека ние ќе ги отстраниме тарифите без да воведеме реципроцитет, туку ќе воведеме реципроцитет и потоа ќе ги укинеме тарифите“, рече Курти во интервјуто за РСЕ.

Видете и ова: Косово доби нова влада


По наметнувањето на тарифите, дијалогот меѓу двете земји е блокиран. И ЕУ и САД го стават како приоритет помирувањето меѓу Косово и Србија. Белград во меѓувреме лобира кај земјите што го признале Косово да го повлечат признавањето и се обидува да го блокираат Косово да влезе во меѓународните организации. Курти, чија влада беше одобрена од парламентот на 3 февруари, објаснувајќи како би изгледал тој реципроцитет, посочи дека Косово може да престане да ги признава возачки дозволи на српските возачи на камиони. Тој вели дека и косовските возачи биле казнувани во Србија со стотици евра, оти таму не се признаени.

Курти рече дека ќе го предводи косовскиот тим на преговори со Србија. Но, за да продолжат разговорите, тој вели дека тимовите од двете земји најпрво со претставниците на ЕУ треба да разговараат за агендата.

Курти во интервјуто вели дека американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренал, дал нова енергија во преговорите меѓу Косово и Србија. Тој смета дека дијалогот мора да биде солиден, затоа што не може да си дозволат дијалогот уште еднаш да пропадне.

„Верувам дека немаме луксуз повторно да не успееме во дијалогот“, рече тој.

Говорејќи за иницијативата „Мал Шенген“, со која се овозможува отворен проток на луѓе и стоки, Курти рече дека станува збор за концепт кој е „тест за реципроцитетот меѓу Косово и Србија. И додава дека е скептичен дека тој проект може да успее. Иницијативата ја покрена претседателот на Србија Александар Вучиќ, а ја прифатија премиерот на Албанија Еди Рама и поранешниот македонски премиер Зоран Заев.

Курти рече дека договорот меѓу Косово и Србија ќе помогне за економски развој на регионот. Новиот косовски премиер ветува и дека ќе се справи сиромаштијата, како и со криминалот и корупцијата.