Достапни линкови

Косово со 80 милиони евра од ЕУ до почист воздух


ЕУ и помага на Приштина против аерозагадувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:01 0:00

ЕУ и помага на Приштина против аерозагадувањето

Европската унија инвестира повеќе од 80 милиони евра за подобрување на квалитетот на воздухот во Косово, чиј главен град на Приштина се гуши од загадување од електраните на јаглен, од греењето на јаглен и дрва и од старите возила.

Деновиве воздухот во Приштина бил како оној во Пекинг, кој се смета за еден од најзагадените градови во светот.

Мониторот за квалитет на воздухот на амбасадата на САД покажа дека нивото на загадување на ПМ честички е повисоко од 50, што се смета за максимално прифатено.

Децата носеа маски кога одеа на училиште во главниот косовски град под магла.

За да се потенцираат проблемите, маски за лице беа ставени и на статуи на Мајка Тереза и на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.

Нисрете Дода од Приштина вели дека дури и воздухот во нејзиниот дом е лош затоа што заборавила да затвори прозорец преку ноќ.

„Синоќа оставив отворен прозорец и целиот стан мирисаше на чад“.

Студетот Албион Шаља пак, вели:

„Лично сметам дека е подобро да носиме маска кога излегуваме. Со сигурност не знам дали има позитивен резултат, но се надевам дека е така и мислам дека е подобро со тоа отколку без“.

Чадот од електраната „Косово Б“ во Обилиќ, на 10 километри од Приштина, постојано создава облак над главниот град.

Луиџи Бруса, од канцеларијата на Европската унија во Косово изјави дека Брисел потпиша договор со косовските власти да инвестира 76 милиони евра за обнова на фабриката, почнувајќи од мај следната година, за да се намали прашината што ја произведува.

ЕУ исто така инвестира 7 милиони евра за да го зголеми капацитетот на централниот систем за греење Термокос за уште 2.000 домаќинства, или околу 10.000 жители, вклучувајќи училишта и градинки.

„Ова значи дека „Косово Б“ прогресивно се усогласува со директивата за големи погони за согорување и директивата за индустриски постројки. Ова е голем чекор со цел да се подобри квалитетот на воздухот во Приштина“.

Министерот за животна средина во заминување Фатмир Матоши вели дека јавните институции повеќе не користат јаглен за греење и оти престанала практиката да им даваат на нивните вработени вреќи со јаглен како награда.

„Ние разговараме со луѓето, ги известуваме колку е опасна ситуацијата особено во зима“, вели Матоши, додавајќи:

„Бараме помош од народот, затоа што секој граѓанин во Приштина може да помогне во овој проблем, не користејќи ги автомобилите толку многу, не користејќи го греењето на јаглен, како и разни други активности што можат да ги направат со цел да имаме подобар воздух во Приштина и на Косово“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG