Со 66 гласа „за“, ниту еден против и десет воздржани косовските пратеници ја изгласаа новата коалициона влада во која се Самопределување и Демократскиот сојуз на Косово. Премиер е Албин Курти, а владата има 15 министри и 33 заменици министри, што е големо намалување во однос на претходниот кабинет во кој имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.
Во владиниот кабинет на Курти има и двајца претставници на Српската листа. Министер за заедници и враќање е Далибор Јевтиќ, а министер за регионален развој Иван Милојевиќ. Српската листа, која има десет пратеници најави дека нема да гласа за владата на Курти. Според косовскиот Устав во неа мора да има претставници на немнозинските заедници.
Директорот на канцеларијата за Косово Марко Ѓуриќ рече дека претставниците на Српска листа без разлика што не ја поддржуваат владата на Курти ќе учествуваат во работата на институциите.
Членка на Владата од групата „Шест плус“ во која се претставниците на малцинските не српски заедници е Емилија Реџепи, која ќе го води ресорот на администрација и локална управа. Нивни колега ќе биде и поранешниот македонски амбасадор и кандидат за претседател Блерим Река. Тој во новата влада е министер за евроинтеграции.
Претходно денеска пратеникот на Движењето Самоопределување, Глаук Коњфуца, поднесе оставка од функцијата претседател на косовскиот парламент бидејќи е нов министер за надворешни работи. Неговата позиција собраниски спикер му ја препушти на заменикот Арбериу Нагавици. Меѓу 15-те члена на кабинетот има и пет министерки- ресорите правда, образование, култура, администрација и економија ќе ги водат жени.
Курти најави реформи во повеќе сфери
Пред гласањето Курти ги образложи приоритетите. Во експозето рече дека владата ќе се залага за ред, закон и безбедност, дека ќе воведат задолжителен воен рок од три месеци, а најави проверки во полицијата, обвинителството и царината.
Новиот косовски премиер рече и дека владата ќе усвои законодавство за казнување на воените злосторници, најави реформи во образовниот систем, поддршка за стопанство и вети дека во неговиот мандат буџетот на Косово ќе достигне три милијарди евра. Тој порача дека ќе владее отчетно и транспартно, врз основа на волјата на граѓаните и најави почитување на опозицијата, од која очекува да биде конструктивна и коректор на власта.
За односите со Србија, Курти изрази подготвеност за дијалог за нормализација, а најави реципроцитетни трговски, економски и политички мерки кон Србија.
„Не сметам дека сум најпаметен, сезнајко ниту пак најхрабар во оваа држава. Тој сум којшто сум, оти сум заедно со другите. Овие денови навршувам 23 години активност во политиката. Денес сум пред вас како опозиционер и ме дели само едно гласање да ја завршите мојата политичка кариера каква што беше досега“, рече Курти во експозето.
Четири месеци преговори за влада
Српската премиерка Ана Брнабиќ пак во пресрет на денешниот избор на новата косовска влада најави дека соработката на српските власти со косовските институции ќе зависи од нивното исполнување на меѓународните обврски поврзани со спроведувањето на Бриселскиот договор и укинувањето на таксите на увозот на стоки од Србија.
Инаку четири месеци по предвремените парламентарни избори траеја преговорите меѓу движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово кои во неделата конечно постигнаа договор за формирање коалициона влада.