Достапни линкови

„Мал Шенген“ за поголема соработка, но не за замена на ЕУ


Средба на Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ во Охрид
Средба на Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ во Охрид

Денеска и утре во Тирана ќе се одржи состанок на лидери од Западен Балкан, во рамките на иницијативата „Мал Шенген”, чиј домаќин е премиерот Еди Рама. За разлика од минатите состаноци на овој ќе учествуваат и претставници на американскиот Стејт Департмент, Европската комисија, ЕБРД и Светска банка.

Трета средба по ред одржуваат лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија за иницијативата за воспоставување на „Мал-Шенген“, односно слободен проток на стоки и услуги. По Нови Сад и Охрид, овој пат домаќин на српскиот претседател Александар Вучиќ и на македонскиот премиер Зоран Заев во Тирана е албанскиот премиер Еди Рама. За разлика од минатите состаноци на овој е најавено учество и на претставници на американскиот Стејт Департмент, Европската комисија, ЕБРД и Светска банка.

Сите идеи за релативизирање на границите, намалување на трговските бариери, за ослободување на протокот на луѓе, како и ослободување на пречките за инвестиции може да го помогнат развојот на државите што би учествувале во такви проекти, вели долгогодишниот политичар и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев.

„Впрочем ЕУ е изградена врз основа на такви идеи, коишто треба да ја зголемат ефикасноста на економијата, да ги воедначат правата на луѓето, да се подигне степенот на еднаквоста на луѓето и се со цел да стигнеме до подобар живот на луѓето. Не велам јас дека оваа идеја не е добра. Меѓутоа не треба таа да се коси или да биде во некој случај, во нечии глави, некаква идеја, пандан на топ тан учеството на регионот во ЕУ“, вели Гошев.


Претседателот Стево Пендаровски во неговото годишно обраќање во Собранието порача дека за да биде ефикасна иницијатива во неа треба да бидат сите држави од регионот.

„Во контекст на актуелните регионални иницијативи сакам посебно да истакнам дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше поврзо интегрирање во Европа. При тоа, т.н. мини-Шенген за да биде ефикасен мора да ги опфати сите шест држави од Западниот Балкан, а не само три", рече Пендаровски.

Според Гошев, иницијативата може да послужи како подготовка на земјите од Западен Балкан за членството во ЕУ.

„Во таа смила иницијативата е рационална. Меѓутоа имаме ние и друга страна. Едно е расфрлањето со идеи од овој тип како искрена стратешка политика, а друго е ако тие се употребуваат, многу често во овој регион како дневно политички маркетинг од една или од друга страна“, смета тој.

Косовскиот претседател Хашим Тачи ја одби поканата на Рама за учество на состанокот, бидејќи Србија не го признава Косово како држава, при што според него, „иницијативите за регионална соработка се сосема бесмислени“. Иницијативата, како што наведе за него е „експериментална“ и е „резултат на неспособноста на ЕУ да ги отвори вратите за зачленување на Западен Балкан“. За Рама, Приштина станува политички губитник со тоа што одбива да учествува во иницијативата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG