За жал немам одговор на ова прашање, односно многу повеќе граѓани и здруженија посериозно го сфаќаат овој феномен за разлика од политичарите во нашата држава. Речиси секој од нас во своја близина има некој близок кој заминал од државата по подобар живот, без разлика на причината за тоа. А причините за одливот на мозоци не е тешко да се согледаат: ниските плати, лошото образование, малите можности за напредок во работата, политичката ситуација или пак неможноста за остварување на основните човековите права и слободи и слично.
Токму на последната од наведените причини би сакал да се фокусирам во овој текст.
Факт е дека населението особено младите во се поголем број заминуваат од нашата држава, но точните бројки на заминати млади за жал ги немаме затоа што сме немале попис на населението речиси две децении. Според податоците на државниот завод за статистика во период од 2005-2017 година бројот на иселени граѓани на нашата држава изнесува 12.558, но според меѓународните институции оваа бројка е многу поголема.
На пример во извештајот на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ се споменува број од околу 500.000 иселени граѓани на нашата држава. Оваа е навистина поразувачки факт за целата држава особено за политичките елити кои се одговорни за креирање на популационата политика во државата. Додека една од две најголеми партии се наоѓа во опозиција постојано зборува за иселувањето на граѓаните особено на оние млади високо квалификувани кадри и вината ја упатува директно кон владејачката партија. Поминуваат неколку години и таа партија доаѓа на власт, а чекорите кои ги презема за спречување на одливот на мозоци се сведуваат речиси на нула.
Би издвоил 3 генерални поенти кои според мене се причина за иселувањето на младите од нашата држава, а се поврзани со основните човекови права и слободи.
Право на квалитетно образование приспособено на сечија образовна потреба
Пред се ќе пишувам од аспект на лице кое се соочува со дислексија, а како таков би требало да имам право на соодветно образование според моите потреби или пак прилагодена образовна програма како што е случај во најголем дел од Европските држави. Но тоа за наши услови речиси и да претставува научна фантастика, а со самото тоа јас не можам да си ги остварам моите основни права т.е соодветно образование, а членот број 26 од универзалната декларација за човекови права гласи:
1.Секој има право на образование. Образованието ќе биде бесплатно, барем на ниво на основно образование.
2.Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи.
Овој член се однесува и за лицата со посебни образовни потреби вклучително и за лицата со дислексија и потешкотии во учењето. Јас како и останатите лицата со дислексија сме биле или сме дел од редовното образование, но дали и колку квалитетно образование добиваме е прашање на кое што е тешко да се одговори.
Доколку живеев во некоја од развиените Европски држави за мене и за луѓето како мене ќе имаше посебна образовна програма која е прилагодена според нашите образовни потреби и најверојатно ќе се стекнев со многу поголеми знаења, но и најважно од се за мојата состојба ќе имаше разбирање затоа што дислексијата во европските држави е законски регулирана.
Во Македонија учениците со дислексија се поставени на маргините, најчесто карактеризирани како мрзеливи, недоволно способни, ученици со ограничени способности и сл. А со ваквиот однос, непостоењето на прецизна законска регулатива за дислексијата, за нас лицата со дислексија образовниот процес е вистински кошмар. Доколку се образуваме според системот на образование кој што се применува во Велика Британија ќе имав право на аудио учебници, секој тест на училиште ќе можев да го одговарам усно наместо писмено и со сигурност ќе имав поддршка во училиштето од експерт за дислексија. Ова се само мал дел од правата кои би ги уживал доколку образовниот процес го имав надвор од мојата држава
Од друга страна кога зборуваме општо за образованието мислам дека последните резултати на ПИСА тестирањето ни докажаа колкав е квалитетот на образованието во нашата држава. Постојано во медиумите се појавуваат извадоци од Македонски учебници за основно и средно образование каде што се изучуваат скандалозни работи и работи кои се против основните човекови права. Пример за тоа е текстот во учебникот по социологија за втора година каде што се пишува за абортусот како криминал. Во однос на високото образование ќе напоменам еден мој личен пример, во периодот кога студирав, поточно 2013 година во еден од предметите за продажни стратегии и маркетинг учевме од книга од 1998 година каде што се зборуваше за поделбата на трговските центри и како големи трговски центри во нашата држава беше наведен Т.Ц Бујаковец, а токму ова беше и поставено како прашање на колоквиум. На прв поглед звучи смешно, но од друга страна е трагично во ерата на социјалните медиуми, дигиталната продажба и дигитализацијата на пазарот да учиме дека голем трговски центар во нашата држава е Т.Ц Буњаковец.
Додека ги завршував додипломските студии за маркетинг паралелно се одвиваа и мастер студиите во кои се изучуваа голем дел од истите предмети како на додипломските студии со истите учебници. Иако имам желба и мастер студиите да ги завршам во оваа област сигурно не сакам повторно да ги учам истите предмети и да ги полагам истите колоквиуми само за да добијам титула Магистер. Многу едноставно, она што го барам и сакам е квалитетно образование кое очигледно го немаме.
Право на еднаква можност за сите
Ќе зборувам од моето лично искуство, моите родители ми докажале дека во оваа држава може добро да се живее и заработува и истото го мислев се до моите 23 години односно до периодот кога започна градењето на моето професионално искуство. Во тој период започнав да ги гледам работите и случувањата околу мене од поинаков агол, моите родители немаат приватен бизнис за да имам веднаш каде да се вработам ниту пак се луѓе кои би ми “фаќале” врски за вработување или професионална надградба. И јас, како и секој просечен млад човек се трудам да пронајдам начин да ја обезбедам мојата иднина како на професионален така и на финансиски план. И да речеме , успеав во тоа, самостојно, без ничија помош.
Но, секогаш си го поставувам истото прашање – дали мојот труд и ангажман се соодветно вреднувани, дали финансиските средства што ги обезбедувам се доволни за да планирам сопствено семејство – струја, вода, пелени... И не си го поставувам прашањето само во однос на финансиите туку и прашањето – дали јас можам професионално да напредувам, дали некој ги согледа моите потенцијали, дали мојот труд и ангажман се видливи. Не зборувам само за мене, туку мојот став го темелам врз приказните на најголем дел од младите кои се во моја близина. Ете, и сите тие успеале да се вработат и имаат просечни или подпросечни примања според македонските стандарди. Сепак сите си го поставуваат истото прашањето : ќе стигнат ли парите до крајот на месецот, ќе добијам ли некое унапредување за мојот труд.
Дали во Македонија сите имаат еднакви можности?
Според мене секако дека НЕ. Мојот став го имам изградено врз основ на секојдневните случувања и воопшто врз самото опкружување во нашата држава. За жал се уште во нашата држава партиската книшка е едната од најважните “алатки” за просперитет. Без разлика дали зборуваме за вработување, добивање на некој тендер, запишување во градинка, па се неплаќање на казна за сообраќаен прекршок.
Ќе дадам еден пластичен пример:
Замислете дека вашата животна желба е да бидете наставник и да ги градите новите генерации, свесни сте дека посебно удобен живот нема да имате со наставничката плата ама сепак ја сакате таа работа. Вашето образование е веќе завршено, можеби сте биле и најдобар студент во вашата генерација, но не сте политички активен и секако немате партиска книшка. Се објавува оглас за наставник во едно училиште конкурирате вие и уште дваесетина ваши колеги меѓу кои веројатно вие имате и најдобри квалификации. После некое време ве известуваат дека работата не сте ја добиле вие ( а можеби и нема ни да ве известат) и дознавате дека тоа работно место го добила колешката која што за време на студиите ја имате запознаено како некој кој ве убедувал колку програмата на некоја политичка партија е перфектна за нашата држава. Тажно, зарем не? Секако дека да, но тоа е нашата реалност со која речиси секој од нас барем еднаш во животот се соочил, односно партизацијата на општеството и нееднаквоста на сите граѓани пред државата.
Правото на слободно изразување
Првите пориви и желба да си одам од мојата татковина ги добив во 2015 година. Од една страна имав работа во која навистина се пронаоѓав и уживав, а од друга страна политичката криза во државата се разгоруваше. Граѓанството почна да негодува, протести и немир. Се сеќавам на протестот на 5ти мај 2015 . Протестот се случи поради штотуку објавените “бомби“ во кои се слушаше прикривање на убиство на млад човек – Мартин Нешковски.
Како човек кој критички размислува чувствував граѓанска одговорност да бидам дел од тој протест за да можам на најдемократски начин да го изразам своето незадоволство од моменталната политичка состојба во која се наоѓавме. Но се случи нешто што никогаш не сум замислувал дека може да се случи во мојата татковина.
На пат накај дома бев претепан од полицијата, иако во ниту еден момент не повикував ниту преземав било какви насилни мерки кон нив. Таа вечер и јас можев да бидам Мартин Нешковски. Сведоци бевме на невидена полициска бруталност при упадот во читалната каде што учеа студентите и полициската “голема” рака беше крената кон младите и иднината на нашата држава. Кога спласна вознемиреноста од насилното однесување на полицијата во глава ми се сврте мислата дека во оваа наша држава обичниот граѓанин не може да си ги оствари основните човекови права. И да признавам тоа беше првиот пат кога сериозно размислував да си одам од државата и да си ја пробам среќата во некоја држава каде што системот функционира нормално и каде што слободно можам да го изразам своето незадоволство.
Само ставете се во кожата на млад човек и замислете дека вие тука во држава каде што е ограничено правото на слободно изразување треба да создадете иднина и да ги воспитувате вашите деца, песимистички и поразувачки е нели?
Во тој период мислам дека ваквата политичка ситуација беше и една од поважните причини зошто младите заминуваа од државата, верувам дека никој не би сакал да живее и создава иднина во држава во која што во 21виот век се ограничува правото на слободно изразување и размислување. Токму тоа беше периодот во кој што бевме сведоци на речиси тотален медиумски мрак без точни и транспарентни вести и информации, се случуваше “десороизација” на граѓанските организации, се плашевме да критикуваме, ни беше страв да не сме послушувани и едноставно се чувствуваме дека ставени под диктаторски режим.
Но, сега е веќе 2020 година, речиси четири години по „паѓањето” на т.н режим, ситуацијата е дефинитивно променета барем во однос на слободата на изразување, се чувствуваме послободни да реагираме, критикуваме и слободно да ги изразуваме своите ставови и мислења јавно. Но, сепак ова е поле на кое што треба се уште голема ангажираност и напорна работа од страна на властите, но и од страна на нас граѓаните.
За крај морам да напоменам дека феноменот на одлив на мозоци не се случува само кај нас. Истото е застапено и во земјите на ЕУ особено оние држави од маргините на ЕУ и оние што неодамна се имаат придружено на оваа заедница. Официјалните истражувања на ЕУ за ова прашање открија дека во 2017 година скоро 17 милиони граѓани на ЕУ се преселиле во другите земји членки на ЕУ, од кои 32% биле на возраст меѓу 15 и 34 години. Германија е наведена како држава со најдобри услови за млади европски граѓани па и не треба да не чуди фактот што толкав број на наши граѓани одат токму таму. Романија, Полска, Италија, Португалија и Хрватска се земјите од ЕУ од каде што младите најмногу заминуваат.
Јас сепак се уште сум тука во оваа држава затоа што верувам дека токму младите се силата на едно општество и дека ние сме тие кои треба да ги поттикнеме промените. Убеден сум дека оваа држава може да биде пријатно место за живеење кое ќе ни понуди финансиска стабилност, квалитетно образование како и квалитетен живот и сигурна иднина.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.