Невладините бараат правила по кои општините ќе им даваат пари

Невладините организации во Дебар бараат нов начин на финансирање од општината. Досега се финансирале проекти во зависност од нивното значење за општината, а сега бараат прво да се објави конкурс за проекти и финансирањето да се врши со примена на соодветна методологија.

Граѓанските здруженија во Дебар на јавната дебата за усвојување на општинските буџет, побараа од локалните власти да се финансираат по институционален пат, односно да се применува методологија.

Фуат Спахиу, член на Советот на општината и член на тимот на кабинетот на градоначалникот Хекуран Дука вели дека локалните власти имаат разбирање за ова барање, но дека досега не била применувана методологија и проектите биле поддржувани во зависност од нивното значење за општината.

„И со Буџетот за 2020 година се предвидени средства за здруженијата. И ние правиме напори финансирањето да биде институционално. Инаку соработката на општината со здруженијата е на ниво и досега финансирањето не беше со методологија. Како член на екипата на градоначалникот имаме разбирање за барањето“, вели Спахиу.

Видете и ова: Европски пари за европска иднина на Македонија

Невладините здруженија во општината Дебар не се задоволни од начинот на финансирање на новите проекти од општинскиот буџет и бараат локалните власти прво да објавуваат конкурс за проекти и финансирањето да се врши со примена на соодветна методологија.

„Соработката на граѓанските здруженија со локалната власт во Дебар е добра, но сметаме дека таа соработка во однос на финансирањето на проектите на здруженијата треба да се институционализира. Да има правила како ќе се добиваат средства за проектите. Ние во јавната дебата за буџетот побаравме прво да се објавува конкурс, а распределбата да биде врз основа на одредена методологија. До сега финансиската поддршка во општината се врши неформално и нема потоа транспарентност и извештаи за она што е финансирано“, истакнува Шуип Марку од Центарот за одржлив развој на заедницата во Дебар.

Тој додава дека токму поради намалување на донаторите има и намалување на активностите на граѓанските здруженија

„Во ова време кога од Македонија бегаат донаторите имаме сè помалку активности на граѓанските здруженија. Сега за да се добијат проекти од фондовите на ЕУ, потребни се квалитетни кадри, што на локално ниво ги немаме доволно“,подвлекува Марку.