Невладиниот сектор во Дебар смета дека во интерес на развојот на туризмот во дебарското езеро треба да се забрани стопанскиот риболов. Според спортското риболовно друштво „Трофта“, кое има силна подршка и од другите граѓански здруженија кои се активни во Дебар, од новиот концесионер на Дебарското Езеро надлежните треба да бараат да се дозволи само спортскиот риболов, бидејќи поради стопанскиот риболов во езерото видно е намален рибниот фонд.
„Ние како спортско риболовно друштво „Трофта“ реагираме за начинот како се лови риба во езерото. Ловењето на риба за стопански цели создава голема штета на Дебар, бидејќи има негативно влијание врз фондот на рибата во езерото. Моментално има големо осиромашување на рибниот фонд. Овде пред извесно време доаѓаа голем број на спортски риболовци од сите градови на Македонија, но имаше и од Албанија и Косово. Сега не е така, а штетите ги трпи туризмот“, истакнува претседателот на „Трофта“, Дритан Боцку.
Тој вели дека ако се стави забрана за стопанскиот риболов и се дозволи само спортски риболов видно ќе се влијае позитивно во развојот на езерскиот туризмот во општината.
„Во пресрет на издавање на новата концесија за езерото, бараме од надлежните институции во земјава да се дозволи во одреден период само спортски риболов. Спортскиот риболов носи многу туристи во Дебар, а туризмот е силен столб на развојот на Дебар“, додава Боцку.
Поддршка на барањата на граѓанските здруженија за забрана на стопански риболов во Дебарското Езеро, дава и локалната власт во Дебар. Таа исто така бара од страна на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство да побара од новиот концесионер забрана за стопански риболов во наредните пет години. Општината смета дека спортскиот риболов ќе влијае многу позитивно во развојот на туризмот во целина.