Достапни линкови

Нефункционалниот колектор во Струга закана за водите во регионот


Расфрлано ѓубре околу Дебарското Езеро
Расфрлано ѓубре околу Дебарското Езеро

Нередовното функционирање на колекторот во Струга претставува опасност за еко системот во регионот. Од Општина Дебар велат дека покрај потребата од редовно функционирање на колекторот, неопходно е редовно собирање на сметот во дивите депонии.

Нередовното функционирање на колекторот во Струга во текот на последните години нанесува огромна штета врз еко системот на водите во неколку општини во југозападниот регион на нашава земја. Оваа оценка е изнесена на конференцијата што се одржа во Дебар на која учествуваа граѓански здруженија од Дебар, Струга, Вевчани и други општини од овој регион. Констатирано е дека нередовната работа на колекторскиот систем ја загадува реката Црн Дрим и сите други реки и притоки, како и двете вештачки езера.

„Влијанието од нефункционирањето на колекторскиот систем е огромно. Ако проблемот се реши ќе имаме позитивна состојба и позитивно влијание кон целиот еко систем. Загадувањето на реката Црн Дрим го загадува Глобочишкото и Дебарското Езеро, но исто така продолжува со загадувањето и на другите води, бидејќи се соединува со Бел Дрим и се влева во Јадранското море. Овие средби се битни бидејќи се во интерес на Дрим и водите во целина“, вели Иван Малезанов координатор на оваа активност посветена на реката Дрим и заштитата на водите во регион.

​Претставникот на Општина Дебар Шуип Марку смета дека покрај потребата од редовно функционирање на колекторот, неопходно е редовно собирање на сметот во дивите депонии по селата се со цел да се заштитат водите во Дебар и другите општини.

„Главни загадувачи на водите во регионот се нефункционирањето на колекторскиот систем во Струга со што се влијае негативно во еко системот на водите, односно реките но и на Дебарското Езеро. Дивите депонии во селата се големи загадувачи бидејќи отпадот не се собира, не се селектира, а потоа како таков се влева во реките и Дебарското Езеро. Во последно време Општина Маврово –Ростуше реализира акции за собирање на сметот во селата, но проблеми има со дебарските села Могорче, Долно Косоврасти, па и Џепишта и Отишани“, вели Марку.

Граѓанските еколошки здруженија се договорија да ја зајакнат соработката и заеднички со проекти да ги надминат проблемите кои предизвикуваат загадување на водите во овој прекрасен предел на Македонија.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG