Балканскиот рис, кој е македонски национален симбол, се наоѓа на територијата на Националниот парк „Маврово“. Поради тоа што тој последните декади беше во фаза на истребување беа преземени активности за негов опстанок. Пред 15 години започна реализацијата на проектот за негова заштита и веќе има позитивни ефекти, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, раководител на проектот за закрепнување на балканскиот рис.
„Започнавме со анкетирање на локалното население, ловци и сточари, а потоа и со пософистицирани методи како што се фото замки и радиотелеметри и обележување на рисот. Потоа продолживме со следење и со овој методи фактички успеавме да видиме колкава е бројката. За десет години утврдивме дека на територијата на НП „Маврово“ и пошироко во Мавровскиот регион има зголемена бројка на оваа животно. Оваа значи дека проектот има ефекти“, вели Меловски.
Видете и ова: Конфликт на интереси при новите рокови за малите хидроцентрали?
Според Меловски, активностите предвидени со проектот за закрепнување на балканскиот рис е мошне скап и него го финансираа фондација „Мала“ од Швајцарија. Тој вели дека овој значаен проект дава позитивни резултати.
„Активностите се скапи. Секоја фаза од проектот чини по 100 илјади евра за период од 2 до 3 години. Тука се трошоците за мониторинг, плати, патни трошоци и тн. Што се однесува до карактеристиките на балканскиот рис, треба да се нагласи дека надворешно гледано нема разлики, бидејќи и тој е евро-азиски рис. Но тој е подвид кој има свои специфики и има различни генетски карактеристики и е локално адаптиран“, додава Меловски.
Надлежните институции во земјава, националниот парк „Маврово“ и граѓански здруженија во земјава ги поздравуваат ефектите од проектот и се убедени дека ова ретко животно од типот на мачки сепак ќе биде заштитено.