Достапни линкови

Дали рисот Маја ќе има пород?


По долго трагање, еколозите конечно пронајдоа и женка рис. Таа со околувратник повторно е пуштена во шумата и треба да даде одговори како се храни, движи и најважно информации околу природната репродукција.

Желбата да се најде женка рис со цел да се добијат нови информации за ова загрозено животно се оствари на луѓето од Македонското еколошко друштво кои ја спроведуваат програмата за закрепнување на балканскиот рис. Сега веќе Маја, како што ја именуваа, повторно е во шумата и се согледува како опстојува преку околувратник на кој има ГПС систем за следење.

Диме Меловски од Друштвото објаснува дека конечно покрај за машките рисови ќе се дознае како женката низ овие планини се храни и се движи, а најзначително ќе биде доколку се добијат информации околу нејзината природна репродукција.

„Во наредните неколку месеци, батериите траат од 5 до 6 месеци подетално ќе се следи нејзиното движење и ќе се види дали таа женска има воспоставено своја територија, колкава е таа територија во кои страни во кои живеалишта се движи, какви шуми, какви ливада на пример, колку време се задржува во секој од нив и за фреквенцијата на храната, колку често заловува плен“, вели Меловски.

Тој додава дека едно од најзначајните параметри што можат да ги добијат е за репродукцијата.

„Доколку успее да донесе на свет млади рисчиња, да видиме колкаво е леглото, да видиме колку од тие рисчиња ќе успеат да преживеат до поголема зрелост, значи тоа е репродуктивниот успех на рисовите, што е една од најзначајните параметри за следење на успехот на опоравување на оваа популација на балканскиот рис“, вели Меловски.

Во шестте години колку што на терен се следат рисовите, беа најдени четири мажјаци. Од сите исто преку околувратник за следење се добиле многу информации.

„Конректни работи со екологијата на балканскиот рис ќе бидат дознаени и ќе успееме да ја дополниме сликата која досега ни фалеше. Досега имавме само 4 мажјаци обележано. Сега со оваа женка се надевам ќе дојдат и други да ја дополниме сликата за екологијата на критично загрозениот балкански рис. Овој успех на МЕД секако немаше да биде возможен без помош од шумарите и ловџиите, стажанти и волентери, студенти од Институт за биологија и странски гости дојдени на стажанство“, објаснува Меловски.

Освен следењето на рисовите на терен Програмата за закрепнување на балканскиот рис трае дури и над десет години во насока на лобирање за прогласување на нови заштитени подрачја, вклучување на локално население во заштита, истражување, едукација и мониторинг на балканскиот рис во југозападен Балкан. Крајната цел е да се редуцираат главните закани и да се обезбеди целосна заштита на балканскиот рис не само во Македонија, туку во Албанија, Црна Гора, Косово и Грција.

XS
SM
MD
LG