Достапни линкови

Балканскиoт рис под закана од карпатскиот


Балкански рис на Баба Планина.
Балкански рис на Баба Планина.

Балканскиот рис да се сочува од продорот на карпатскиот рис на Балканот предупредуваат еколозите.

Појавата на карпатскиот рис на Балканот може да се одрази негативно и врз така лошата состојба со балканскиот рис на овие простори предупредуваат еколозите. Според нив не треба да се дозволи да дојде до такво нешто и таквата појава треба дополнително да се проучи.

Карпатскиот рис се спушта од Карпатските планини преку Чешка и Словачка па надолу. Веќе имаме присуство на карпатски рис во Бугарија и Србија што значи дека може да се случи во иднина карпатскиот рис да се приближува на територијата на балканскиот рис.
Ѓорѓи Иванов, Македонско еколошко друштво.

„Има една ситуација која сме немоќни да ја контролираме. Карпатскиот рис се спушта од Карпатските планини преку Чешка и Словачка па надолу. Веќе имаме присуство на карпатски рис во Бугарија и Србија што значи дека може да се случи во иднина карпатскиот рис да се приближува на територијата на балканскиот рис во Косово, Црна Гора и Македонија. Не сме сигурни што ќе предизвика тоа, дали ќе дојде до хибридизација, дали ќе се одрази негативно по популацијата на балканскиот рис. Тоа дополнително треба да се истражува“, рече Ѓорѓи Иванов од Македонското еколошко друштво.

Инаку ситуацијата со присуството на балканскиот рис во Македонија се уште е непроменета. Присуството на рисот на планината Јабланица кај Струга се уште не е доволно проучено, велат македонските еколози. Од 2010 година од кога почна поставувањето на камери на Јабланица, утврдена е само една единка, а потврдена е трага од рис на површина која е одобрена за лов, вели Иванов.

Не постоеше друг начин, бидејќи во Албанија не се почитуваа законите, не се знаеше што е легален, а што нелегален лов, а фауната беше под огромен притисок.
Александар Трајче, Здружение за заштита и зачувување на природата во Албанија.

„Подетални истражувања ќе треба да се спроведат во наредните години заедно со ловното друштво Црн камен кое стопанисува со тоа подрачје. Да се надеваме дека бројноста на рисови од македонска страна ќе порасне. Имаме сознанија дека и од албанска страна наши колеги кои работат на истиот проект имаат фотографирано две единки на тој дел. Се надевам дека и во Албанија тој број ќе расте бидејќи многу подобро е регулирана заштита на тоа подрачје, а со тоа и заштита на рисот“, рече Иванов.

Претпоставките се дека Македонија располага со околу 30 единки на балкански рис од кои најголемиот дел се наоѓааат во Националниот парк Маврово. Треба да се сочуваат природни премини на Балканскиот рис од Јабланица кон Маврово, подрачјето да не биде преградувано и да нема каменоломи, вели Иванов.

Сличен проект се спроведува и во Косово и Црна Гора. Се претпоставува дека во Косово балкански рис има на Шара, а во Албанија најмногу на планината Проклетие позната како Балканските алпи. Проценките се дека на Балканот може да живеат околу 270 единки на балкански рис.

Албанија со цел да се спаси она што е останато од дивеч воведе целосна мерка за забрана на лов на дивеч во траење од две години. Ова е одлична мерка бидејки не постоеше друг начин да се спаси дивечот рече Александар Трајче од Пипинеа, Здружение за заштита и зачувување на природата во Албанија.

„Не постоеше друг начин, бидејќи во Албанија не се почитуваа законите, не се знаеше што е легален, а што нелегален лов, а фауната беше под огромен притисок“, рече Трајче.

XS
SM
MD
LG