Премиерот Зоран Заев, неговите заменици во Владата Радмила Шекеринска и Бујар Османи, опозициските лидери Христијан Мицкоски и Биљаљ Касами, сите реагираа со спротиставени, a некои и жестоки ставови за мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.
Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, ваквите реакции на политичарите се должат на договорените пролетни предвремени парламентарни избори и обидот на нив да се добие глас повеќе.
„Оваа тема што ја отвори Венецијанската комисија со рационален пристап може да се затвори на соодветен начин, но проблемот е што партиите пред избори на сите прашања гледаат како на начин на кој може да профитираат“, вели Незири.
Што препорача комисијата?
Венецијанската комисија во минатата недела даде препораки во неколку области од законот, а смета и дека треба да дојде до напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки оценувајќи дека тоа може да ги одолговлечи. Мислењето за Законот за употреба на јазиците доаѓа речиси две години по неговото усвојување. Тој беше донесен во јануари 2018 година и со него се дава поширока употреба на албанскиот јазик. Веднаш по носењето беше испратен до Венецијанската комисија за мислење кое еднаш во октомври на барање на Владата беше одложено. Објаснувањето тогаш беше дека во моментот немало човечки ресурси за да ги спроведе заклучоците на комисијата.
Видете и ова: Венецијанската комисија препорача преиспитување на законот за јазиците
Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски смета дека силните реакции на политичарите се должат и на претходно пропаднатите обиди да се постигне консензус за носењето на законот и за тоа, како што вели, сега се случуваат вакви поделби. Ваквите изјави, смета Кржаловски, ќе беа слични и ако не се ближеа предвремени парламентарни избори.
„Но, точно е дека самото ближење на изборите додава на драматиката, изостреноста на реакциите и нивната радикалност и дополнително, како што сме навикнале, е палење на етничкиот елемент, особено од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во смисла да ги засилат тие меѓуетнички тензии за да ќарат глас повеќе на своја сметка“, вели Кржаловски.
Што рекоа политичарите?
Прв од политичарите сега реагираше премиерот Зоран Заев кој рече дека власта ќе го почитува мислењето на Венецијанската комисија, но веднаш по него следеше реакција од вицепремиерот Бујар Османи кој рече дека секое отворање на Законот за јазици со кој се затвориле прашањата од Рамковниот договор ќе не врати пред 2001 година.
Видете и ова: Мицкоски - Законот за јазици е правна дивоградба, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција пак кажа дека тие ќе поднесат амандмани на законот кој го нарече правна дивоградба.
Од Алијансата за Албанците, Движењето Беса и Алтернатива реагираа дека Албанците не се малцинство и оти албанскиот јазик треба повторно уставно да се регулира.