Општината Куманово нема доволно пари за реализацијата на зацртаните проекти

Куманово.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски вели дека општината нема доволно пари за да може да ги спроведе сите негови идеи за подобрување на животот на граѓаните. Сепак, вели дека ветувањата етапно се реализираат и делумно е исправена сликата за Општината. Градот се соочува со проблеми во урбанизмот, загаденоста и сообраќајниот хаос.

Сообраќајниот метеж во центарот на Куманово, аерозагаденоста, сметот насекаде, урбана опрема, детски катчиња на повеќе локации не само во градот, туку и во руралните средини, локални патишта, пошумување, економската зона, се дел од нецелосно решените проблеми, сметаат запрашаните граѓани. Третата година од мандатот на градоначалникот Максим Димитриевски, според него, продолжува со голема динамика, но како што вели, не се чувствува исполнет од сработеното во однос на зацртаното. Особено за финансиската состојба на локалната самоуправа.

„На пример, сè е убаво. Има клупи, садови за смет, сè е убаво, сериозно, Максим е шампион.“

„Само центарот се средува, подалеку е за никаде. Ѓубре насекаде.“

„Мислам дека Куманово напредува.“

„Куманово реално се соочува со неколку проблеми, како што е енормната загаденост на воздухот, градоначалникот и локалната самоуправа се обидуваат со аеросолизација, со миење на улици, јас му посакувам среќа во тоа што се обидува да го направи. Исто така, сообраќајниот и урбаниот хаос не е среден.“

„Исто е како што беше и порано, така е и сега“,

Велат запрашаните кумановци.

Градоначалникот Димитриевски појаснува дека финансискиот капацитет на Општината е некомпатибилен со неговите очекувања. Сепак, делумно е исправена сликата за Општината и услугите, се со цел да се во функција на граѓаните, со тоа што се лоцирани нивните проблеми. Она што било ветувано етапно и согласно финансиските можности се реализира.

„Ја направивме првата монтажна гаража во градот за времено решавање на паркирање. Таму каде што е најпотребно направивме паркинзи, поставивме столпчиња за оградување на јавните прометни површини, на Октомвриска револуција за заштита на граѓаните, пешаците. И ќе продолжиме. Поставена е урбана опрема и се бориме со аерозагадувањето. Засадивме само годинава осум илјади нови едногодишни садници, заштитен појас помеѓу Градските гробишта и Населбата „Гоце Делчев“, е засаден со помош на АРМ, средношколците и ЈП „Чистота и зеленило“, исто така и на Спомен костурница. Во Населбата „Карпош“ и на други локации, исто така се засадени две и четири годишни садници и за жал се уништуваат. Наредната година пет проценти од вкупниот капитален буџет да се издвојат за засадување на зелени површини. Продолжува проектот „Засади дрво за нов живот“, за новороденчињата се дава подарок да се засади дрво“, вели градоначалникот.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

За борбата со загадувањето Димитриевски вели дека ќе се набават инструменти кои точно ќе го покажуваат не само степенот на аерозагаденоста, туку и во која насока, за да може да се делува. Тешка индустрија нема, но болницата е еден од загадувачите и според него битна улога ќе има гасификацијата, како долгорочна мерка. Како приоритет на секундарната мрежа, а Советот донел одлука за домаќинства кои сакаат да се приклучат да плаќаат по 150 евра како субвенција, а вкупната цена е 750 евра. Тоа оди бавно.

„Затоа што процедурата е многу сложена треба да изготват елаборат кој поминува на согласност преку МВР, да добијат градежна дозвола за негова реализација. Едноставно граѓаните бегаат од бирократската процедура поврзана со законот. Затоа е потребна нужна измена на законот. Оваа година имаме стотина приклучоци, еден е на јавен објект и јас лично не сум задоволен. Нашата интенција е да се зголеми бројот на приклучоци за гас. Тука е и Општата болница“, вели Димитриевски.

Видете и ова: Со репресивни мерки до чиста средина

За справување со сообраќајниот хаос се преземаат мерки, но и културата на граѓаните има свое влијание. Имено, не може еден пајак да однесе илјада возила на несовесни граѓани кои се паркираат на тротоари.

„Кружниот тек треба да даде нов лик на влезот на Куманово, а паралелно разработуваме и нови идејни решенија за останатите крстосници и тоа се скапи проекти. Ставивме крај на традиционалниот тип на градба на колективно домување. Први во државава воведовме принцип 50 проценти коефициент на искористеност на една градежна површина. Задолжително мора минимум 20 проценти зеленило да има зеленило како сопствено уредување на објектот и 30 проценти други содржини или внатрешни паркинзи. За веќе изграденото ќе го плаќаме данокот“, вели тој.

Куманово, за жал, нема генерален урбанистички план според сопствените потреби. Потребни се од 400 илјади до 600 илјади евра, а општината нема таков буџет. Иако најголема локална самоуправа се уште е во најнеразвиените региони, поради нерамномерниот регионален развој во државава.

Уште многу мали и големи проекти се реализирани, но Димитриевски вели дека годинава Куманово е град на културата.

„Мило ми е што кумановци имаат чувство за култура. Во следниот период планираме да вложуваме и дополнителни средства, бидејќи со културата оди и едукацијата, а таа пак се пренесува и дома каде што ни е повеќе од потребна, да изградиме принцип на солидарност и за да не уништуваме она што е заедничко. Заедничкиот имот да го чувствуваме како свој.“

Се работи и на полето на спортот како што е кошарката, машкиот ракомет и општинските фудбалски лиги, велосипедизмот, боксот, атлетиката. За ова се бараат и спонзори, а дел се издвојуваат средства и од општинската каса.