Кумановци сакаат да живеат во чист и уреден град. Свесни се дека се однесуваат неодговорно и несовесно кон комуналната хигиена. Согласни се дека никој не може да исчисти толку колку што тие можат да расфрлаат смет и отпад, но продолжуваат со своето недолично однесување. За дел вината ја префрлаат на ЈП „Чистота и зеленило“, а за повеќето се самокритични и индолентни.
Даниел Стојчевски директор во „Чистота“ вели дека тие настојуваат своите обврски да ги извршуваат соодветно на можностите. Ја поздравува групата „Не биди ѓубре“ и резигнирано додава дека за кусо време исчистените локации стануваат нови депонии. „Балкански навики“, велат и граѓаните и Стојчевски.
„Никогаш нема да биде чисто, а виновни сме сите. Отсекогаш било така, тоа не е од вчера. Никогаш не било чисто Куманово и не само Куманово, туку целиот Балкан. Кога ќе отидат нашите во други средени земји таму не се чувствуваат како домашни и мораат да ги почитуваат тамошните закони. Освен тоа, таму има и парични казни. Кај нас и да се воведат казни, во мал град, мала држава каде што има пријателство и роднинство никогаш законот не може да функционира.“
„Да сме луѓе и да сме реални, ќе биде добро. Тоа нема овде.“
„Колку и да се ангажира јавното претпријатие граѓаните се тие кои создаваат нечистотија. Повеќе се фрла на несоодветно место, често пати и до празен контејнер сметот се остава околу него. Нас балканците само по џеб треба да не удри, построги и поригорозни казни, друго нема. Во училиштата треба почесто акции и со мали деца, за да се навикнат, а и од дома треба да се учат.“
„Немаат култура. И од странство кога ќе дојдат фрлаат на сите страни.“
„Фрлаат каде ќе стигнат. Тоа е недостиг од наша култура и никогаш нема да се искорени. Ќе се задушиме во смет од таквите. Камери треба да снимаат, да удрат по џеб и стари и млади“, велат запрашаните кумановци.
Директорот на „Чистота“ појаснува дека во овој период од годината фреквенцијата на луѓето е зголемена, со тоа и количеството на расфрланиот смет. Претпријатието, според Стојчевски, работи согласно динамичен план и обврската е во центарот три пати дневно да се празнат садовите и покрај создавање метеж во сообраќајот. Има дежурни екипи, се метат улиците и се чистат јавните прометни површини.
„Меѓутоа, за жал, морам да констатирам дека и покрај сите обиди што ги прави ЈП се соочуваме со огромни количества смет, направени од несовесни граѓани кои несоодветно го одлагаат сметот“, вели Стојчевски.
Тој додава дека ЈП не се наоѓа во добра кондициона состојба во однос на опремата и неопходните ресурси, а сепак се вложуваат усилби максимално да се справи со сметот. Познати му се критиките и незадоволството од граѓаните по социјалните мрежи, но како што Стојчевски вели не можат да се справат со неодговорните граѓани и нивното фрлање смет насекаде. Треба и маркетиншка кампања и едукација на населението за последиците кои можат да настанат од нехигиената. Едукацијата треба од најмалите деца, до нивните баби и дедовци. Неопходно е системско решавање на проблемот. Стојчевски ја поддржува групата „Не биди ѓубре“, која организира акција во која и тој и претпријатието се вклучуваат, но ги повикува сите граѓани да се вклучат и да се подигне свеста на граѓаните и барем на исчистените површини да не создаваат нови депонии.
Стојчевски вели дека пред една година ЈП започнало со процес за примарно селектирање отпад.
„На 20-ина локации во градот беа поставени садови за одлагање хартија, стакло и пластика, а имаше и други садови за одлагање органски отпад. За жал, од сето тоа собравме само поголеми количества стакло, што веројатно нема откупна цена, па дивите собирачи не се заинтересирани. Останатите садови не само што беа празнети, туку и беа уништувани од дивите собирачи. Граѓаните веќе почнаа да размислуваат во таа насока и почна да се врши селекција на отпадот. За жал не успеавме до крај да ја истуркаме оваа постапка. Во иднина планираме преку проекти од европски фондови да обезбедиме средства и да набавиме опрема за примарна селекција, да работиме и на депониите“, вели Стојчевски.
Тој додава дека ЈП нема никаква надлежност за воведување и спроведување репресивни мерки, иако очигледно е дека само со едукација и со опомени нема резултати.
„Мислам дека е неопходно да бидат воведени репресивни мерки од надлежните институции“, вели Стојчевски.