Куманово одамна се соочува со лоша комунална хигиена. Се чини дека ниту Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во соработка со кумановските акцијаши не може толку да исчисти колку што граѓаните можат насекаде да расфрлуваат секаков отпад. Поставените садови за смет не ретко се оштетуваат и уништуваат, контејнерите пак, се мали депонии бидејќи во нив се фрла сè, од игла до локомотива. Пластични ќеси и на слаб ветер летаат насекаде. Граѓаните немаат култура, совест и одговорност кон сопствената животна средина, при тоа обвинувајќи го надлежното претпријатие, кое пак исто така недоволно си ги извршува своите основни задачи.
Новоназначениот директор Даниел Стојчевски вели дека претпријатието работи по програмата од Општината и настојува да ја завршува во најголема можна мера.
„Имавме проблем со возилата кои изминатиот период беа во дефект, сега се поправени и работата се одвива нормално. Она што за нас претставува најголем проблем се дивите депонии кои несовесните граѓани ги создаваат на повеќе локации во градот. Изминатиот месец со вработените направивме една акција во близина на маркетот „Туш“, но ако денеска излеземе таму, се гледа дека повторно е направена депонија. Таква акција имавме и во објект на поранешен „Житомел“, изнесовме големи количини смет, а и таму повторно е направена депонија“, вели тој.
Стојчевски додава дека во центарот на градот контејнерите се празнат три пати дневно.
„Меѓутоа, тука наидуваме на еден проблем бидејќи граѓаните не само што фрлаат комунален отпад, што ние треба да го собираме, туку фрлаат и цврст отпад, метален отпад и шут, а тоа доведува до оштетување на секачите на нашите камиони. Потоа не може нормално да се одвива работата“, вели Стојчевски.
Тој апелира до граѓаните да се придржуваат до комуналниот ред.
За сортирање на отпадот Стојчевски смета дека првин граѓаните треба да се научат сметот да го фрлаат во контејнерите, за што е започнато во населбата Средорек со делење флаери со упатства граѓаните да не фрлаат отпад во реката.
„Ќе треба уште многу да работиме за подигање на свеста кај граѓаните, но наше е да го чистиме градот и да ја одржуваме чиста животната средина“, вели тој.
Александра Тасиќ, советник во општинскиот Совет (од ДПСМ), вели дека комуналната хигиена во Куманово е на многу ниско ниво што е резултат и на несинхронизирана работа помеѓу претпријатието и полицијата. Според неа, потесните улици дури и во центарот, поради непрописно паркирање, се непроодни за возилата на „Чистота“. Исто така, забележува Тасиќ, во овој период се мијат само главните улици, а не и помалите, меѓутоа, вели дека наместо првин да се собере сметот, па потоа да се мијат улиците работата се одвива обратно. Затоа и нема ефект од миењето.
За подобрување на хигиената одговорни се и граѓаните.
„Сведоци сме дека за кусо време по поставување на урбаната опрема таа беше уништена или оштетена. Треба да се работи на свеста дека урбаната опрема и самиот смет се нашата социјална одговорност. Граѓаните треба да се свесни дека и тие имаат одговорност да го чистат местото во коешто живеат и да допринесат за подобро живеење и почисто Куманово“, вели таа.
Тасиќ посочува дека уште на многу места треба да се постават садови за смет, како што се некои новоизградени станбено-деловни објекти или пак пред одредени институции.
Новинарот Никола Ивановски смета дека претпријатието се ангажира колку-толку да ја одржува комуналната хигиена, но неопходно е да се работи на превентива, односно на подигање на културата и на свеста на граѓаните, кои фрлаат отпадоци насекаде.
„Прост пример е ако во вторник се чисти реката, во среда веќе ја загадиле. И младите и повозрасните треба да се едуцираат да не фрлаат отпад насекаде, а и инспекциските служби треба повеќе да се ангажираат на терен и да ги санкционираат ваквите несовесни граѓани“, вели тој.