Достапни линкови

Куманово се гуши во ѓубре


Кумановци се жалат, локалната опозиција критикува за хаос со комуналната хигиена, додека локалната власт уверува дека ситуацијата наскоро ќе се среди.

Незадоволни од комуналната хигиена во градот и во приградските населби на Куманово, граѓаните ги критикуваат надлежните. Тие, пак, се правдаат дека имаат објективни проблеми, за кои делумно разбирање имаат медицинските стручњаци, но не и советниците од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Кон крајот на Улицата „Доне Божинов“ да не отидете да видите. Не здравје, туку ќе дојде и до умирачки.
анкетиран жител на Куманово

Директорот на ЈП „Чистота“, Сашо Петрушевски вели дека наскоро ќе се нормализира состојбата со изнесување на сметот и отпадот од градот и околината.

Некои од запрашаните граѓани скептични забележуваат на грди слики и непријатна миризба по улиците и во близина на нивните домови.

„Во близина на кланицата е за никаде, а и воопшто не чини.“

„Кон крајот на Улицата „Доне Божинов“ да не отидете да видите. Не здравје, туку ќе дојде и до умирачки“, велат анкетираните кумановци.

Сунчица Јосифова, специјалист по инфективни болести и советник во општинскиот Совет, смета дека за здравјето на луѓето најголемо влијание има личната и семејната хигиена.

„Пред сè навиките на населението, одржување на лична хигиена и во домашни услови, во колективите каде што работат, во училиштата“, вели таа и додава дека од комуналната нехигиена ризикот не е толку голем.

„Сме разговарале многу пати на оваа тема, но капацитетот и механизацијата на јавното претпријатие не се доволни за справување со сметот и отпадот. Оправдување не може да има, но мора и да имаме разбирање“, вели таа.

Според Мимоза Величковски, специјалист по хигиена, здравјето на луѓето може да биде загрозено поради несоодветен одвод на отпадни води и загадување на водите и почвата особено во руралните средини.

„Во делот од руралните средини имаме соодветно водоснабдување и довод на отпадни води, но во останатиот дел имаме водоснабдување од локални водоводи, но одвод на отпадни води не е регулиран“, вели таа.

Драган Петковски, советник од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, забележува дека тие и јавно реагираат за несоодветната комунална хигиена.

„И самите граѓани го гледаат и го чувствуваат тоа дека Куманово се наоѓа во една хаотична состојба во однос на комуналната хигиена, дека претпријатието кое што треба да се занимава со собирање смет, наместо да се занимава со основната дејност за што е формирано, туку се занимава со периферни работи, како што е угостителство и угостителски објекти“, вели Петковски.

Тој додава дека од надлежното претпријатие постојано се жалат на немање соодветни возила поради дефекти, но според него тоа не е за оправдување.

Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Чистота“, вели дека навистина во изминатиот период претпријатието било изместено од планираната динамика на која кумановци навикнале, што значи во одредено време да се собира сметот.

„Планот е пореметен поради големи дефекти на камионите за чие санирање е потребно долго време. За еден ремонт е потребно време“, вели тој.

Од донации обезбедиле три камиони кои се на терен, санирана е првичната грда слика настаната заради собирање смет само со пет камиони, недоволни за 23 реони.

Тој најавува дека за една седмица состојбата ќе се нормализира, а граѓаните ќе бидат задоволни.

Ова не е првпат Куманово да се соочува со проблемот на комуналната хигиена, но како што велат медицинските стручњаци за среќа немало последици по здравјето на луѓето.

Во Куманово нема еколошки друштва.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG