Достапни линкови

Со казни до поголема еко–свест во Куманово?


Ретко која акција за засадување цвеќе или млади дрвја остава зад себе посакувани ефекти. И младите и многумина возрасни, меѓу кои и жени во вечерните или раните утрински часови се впуштаат во „акција“.

Кумановци кои ги уништуваат јавните зелени површини, ги корнат и кршат младите садници дрвја, ги уништуваат дури и бетонските садови за смет и клупите покрај шеталиштата и во парковите заслужуваат казни за да им се разбуди свеста за зачувување на животната околина, едногласни се и надлежните и граѓаните.
Граѓаните како што сакаат да им бидат средени нивните дворни површини така треба да внимаваат да е среден и градот.
Цветанка Арсиќ, советник за заштита на животната средина во Општина Куманово.

Ретко која акција за засадување цвеќе или млади дрвја остава зад себе посакувани ефекти. И младите и многумина возрасни, меѓу кои и жени во вечерните или раните утрински часови се впуштаат во „акција“. Тие се глуви на апелите од Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ да не го прават тоа, туку да побараат од нив садници кои бесплатно ќе ги добијат. Деструктивноста нема граници, па никој не забележува ниту натписи за неуништување на околината.
Во средина каква што е нашата само апелирање на еко-свеста не дава ефекти. Луѓето се навикнати да ги менуваат навиките само ако има голема казна.
Анкетиран граѓанин.

Цветанка Арсиќ, советник за заштита на животната околина во Општината вели дека граѓаните треба да ги едуцираат децата да ги чуваат тревата, дрвјата и да не ги искорнуваат садниците, како што е случај со последната акција.

„Граѓаните како што сакаат да им бидат средени нивните дворни површини така треба да внимаваат да е среден и градот“, вели Арсиќ.

И покрај тоа што надлежните поставуваат садови за смет безмалку на секој чекор, малкумина од граѓните отпадоците ги фрлаат таму. А и оние што забележуваат недоветно однесување на нивните сограѓани не реагираат, ниту, пак, пријавуваат. А кому да пријават, кога еко-редари или нема или нивниот број е незначителен, па не може да постигнат. И полицијата не може да интервенира доколку за тоа нема налог.

„Во тој случај таа работа ја вршат комуналните редари кои се задолжени за зачувување на јавниот ред, значи да не се фрлаат отпадоци, да не се кршат садови и клупи. Несовесноста на граѓаните е присутна и покрај редарите и полициските контроли. Тие наоѓаат начин да ги корнат садниците, да го кинат цвеќето, садовите за смет и клупите редовно ги кршат и уништуваат“, вели Арсиќ.

Запрашани за ова, граѓаните велат:

„Во средина каква што е нашата само апелирање на еко-свеста не дава ефекти. Луѓето се навикнати да ги менуваат навиките само ако има голема казна, ако некого го фатат еко-редарите или полицијата и кога ќе се расчуе. Инаку, и од пред врата и од двор може да ви земат канта за смет. За заедничкото се мисли како да е на некого од свемирот, а не како да е наше, да се земе што повеќе, некој ситен бенефит, некој попримитивен манир, кој што никому не му носи добро. Тоа го има и кај младите и кај возрасните, што е поразочарувачки. Во ред е и апелирање, но некоја построга казнена политика не би била на одмет, за да се воведат некои стандарди на културно однесување.“

„ Самите граѓани треба да внимаваат. Еко-редари не треба да има до секоја клупа. Закон постои, но не се спроведува воопшто.“

„Мислам дека треба поголеми и поригорозни санкции за несовесните граѓани“, велат анкетираните кумановци.

Во тек е предизборна кампања, сите политичари набројуваат најразновидни точки од програмите, но на дело малку се гледа. Така е и во областа на екологијата.

„Ќе треба и со некои флаери. Кога политичарите можат да прават флаери со нивни имиња и плакати, треба да има флаери и за заштита на животната средина“, вели еден граѓанин.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG