Зависноста од модерната технологија кај младите родители и тоа што на децата уште од најмала возраст им ставаат во раце и пред очи паметен телефон, таблет, создаваат пречка за јазично-говорниот развој. Со тоа сè повеќе расне бројот на децата кои имаат голем проблем, дури до таму што на одредена возраст за негово надминување имаат потреба од вклучување стручен тим, вели Романа Орозовиќ, логопед во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово. Ова се однесува на децата кои се раѓаат без некое биолошко нарушување.
„Но, дури уште од бебиња се изложени на средства од технологијата, модерни, паметни телефони, ајфони, смартфони, лап топи, компјутери. Така, почетната стимулација во стартот е погрешна. Технологијата оди напред, сите сме зависни од неа, имаме потреба од технолошките средства, меѓутоа едно бебе од два-три месеци до три години како што трае основниот развој на говорно јазичната комуникација, не би требало да ги користи“, вели логопедот Орозовиќ.
Таа вели дека родителите мислат дека тоа е така интересно, има весели бои, убави живи слики кои се движат, иако децата во тој период не ги ни разбираат. Според некои студии дури кај детето во тој момент се случуваат и физиолошки промени, организмот лачи повеќе хормони на среќа и слично. Ова е за децата кои немаат предиспозиција да доцнат во говорниот развој. Поради слабата комуникација на родителите со децата тие доцнат со забележување на проблемот.
„До три години детето треба да го направи говорот, основата за посложената говорно јазична комуникација. На детето му се зборува од првите денови. Најубава, најприрода стимулација е со мајчиниот глас, а потоа со таткото, со тие што се во негова непосредна околина.“
Орозовиќ која три ипол децении секојдневно работи со децата кои имаат говорно јазичен проблем додава дека бројот на ваквите деца не само што не се намалува, туку тој рапидно расне. Иако е во училиште нејзината работа е од амбулантски тип.
„Студии на мои колеги покажуваат дека некаде 50-60 проценти училишни деца имаат некаква говорна комуникација. Во суштина децата тргнуваат на училиште неподготвени и не го знаат мајчиниот јазик. Во нашето училиште секоја година запишуваме по една посебна паралелка, годинава имаме девет. Тоа се 50-ина деца. Од нив по две-три деца во паралелка имаат некаков, останатите се без говор. Но, тоа не се должи само на технологијата, туку широк е дијапазонот на етимолошките проблеми за пореметувањето.“
Бројот на вработените логопеди и дефектолози по градинките и училиштата во Куманово и натаму е недоволен во однос на бројот на децата кои имаат потреба од нивна помош.
Орозовиќ вели дека до тригодишна возраст не му треба технологијата на детето.
„Во тој период на детето му требаат песнички, игрички, стимулација за тактилната дразба, за моториката фина и груба, за слушната перцепција. Што прави играта на таблетот, таа постојано има еден монотон звук (тин,тин,тин), се развива стереотипија. Или не ги регистрира, или се навикнува на тие звуци. Тоа дете присилно се завлекува внатре, не мора да значи дека има некоја дијагноза.“
Според логопедот родителите соочени со динамиката на современиот живот и егзистенцијалните потреби и обврски децата ги „смируваат“ со технологијата, а потоа проблемот мора да го надминуваат со помош на стручни тимови.