Достапни линкови

Битолскиот Центар за деца со Даунов синдром не проработи


Ида Мантон од здружението „Центар за Даунов синдром во Македонија“ со Васко Војневски кој прави изработки од дрво.
Ида Мантон од здружението „Центар за Даунов синдром во Македонија“ со Васко Војневски кој прави изработки од дрво.

Свечено отворен во март, но Центарот не проработи. Сега просториите се празни, а ја нема ни опремата.

Во Битола не проработи Центарот за деца со Даунов синдром, кој официјално беше отворен во март во зградата на Домот за доенчиња. Тогаш Центарот за социјални работи даде дозвола да биде сместен во просторија од одделот каде се згрижуваат деца од улица. Но, битолчани реагираат дека не проработи и не знаат каде е опремата.

Во септември видовме дека просторот е испразнат, цела опрема ја снема. До денес чекаме одговори зошто не проработе центарот и каде е опремата.
Мирјана Ќука, мајка на лице со Даунов синдром.

„Во текот на летото дури чекавме да се потпишат договори меѓу Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални работи и Домот за доенчиња во Битола, наидовме на многу лоша слика. Во септември видовме дека просторот е испразнат, цела опрема ја снема. До денес чекаме одговори зошто не проработе центарот и каде е опремата?, вели Мирјана Ќука, мајка на 39 годишен син со Даунов синдром.

„Не беа направени работи кои ни беа ветени. Прво да се затвори вратата од балконот. Во зимски услови ние не можевме да работиме со отворан врата, немаше греење. Програмата беше готова, одредени термини за физикална терапија, договорена соработка со логопеди. Но, за жал работата не почна“, изјави Ида Мантон од здружението „Центар за Даунов синдром во Македонија“.

Заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, при неговата последна посета на Битола, немаше одговор зошто Центарот за деца со Даунов синдром од Битола, во моментов е под клуч.

„Ќе побарате од директорката на Центарот за социјални работи одговор. Колку што сум јас информиран претставници на здружение бараат канцеларии , тоа не е дневен центар. Побараа пристап до канцеларии, пристапот им е овозможен и секогаш кога имаат потреба можат да се обратат до Центарот за социјални работи и директорката е должна да им ги стави на располагање“, изјави Спасов.

Директорката на Центарот за социјални работи од Битола, Виолета Гаџовска соопшти дека опремата е однесена во друг центар.

„Опремата беше од друг дневен центар и целата е повлечена во Центарот за лица со попреченост. Таа опрема е на попис во Центарот за социјални работи. Јас таа опрема ја должам и сите елементи се на број. Нека не се секираат луѓето каде е опремата, зашто таа не ни беше донирана за Центарот за лица со Даунов синдром“, рече Гаџовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG