Отворен и динамичен разговор имал македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот француски колега Емануел Макрон на средбата во Париз. Но, според изјавата на Пендаровски по средбата на која двете страни ги изложиле своите аргументи, може да се заклучи оти се уште нема гаранција од Франција дека Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ на наредниот самит на ЕУ во Загреб закажан за мај наредната година.
Франција, како што наведе македонскиот претседател, поднела неформален предлог (нон-пејпер) испишан на три страници до земјите членки на ЕУ за новата методологијата на преговарачкиот процес. Методологијата, како што го информирал Макрон, очекува да биде усвоена до март, а ставовите и евентуалните амандмани од земјите членки да бидат доставени во наредните два месеци. Пендаровски му порачал дека македонските власти нема да се согласат со никаква друга алтернатива на членство во ЕУ.
„Ми рече прецизно, никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство. Само вели сакам да го подобрам процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси кај земјите кандидати“, порача Пендаровски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пендаровски истакна и дека му соопштил на Макрон оти земјата стои зад позицијата на Франција за промена на методологијата и принципот на реверзибилност. На прашањето длаи во мај е можно повотрно одлужување на отпочнувањето преговори со ЕУ, Пендаровски одговори дека сите опции се отворени.
„Сите опции се отворени, со тоа што претседателот Макрон на средбата децидно кажа и бидејќи инсистирав да се каже заради што е одложувањето. Имате различни шпекулации и кај нас дома и во регионот, дека тоа е од не знам какви други политички причини. Тој рече не, одложувањето е зошто сега нам ни треба повеќе време, не вака. Значи дозволете ние, тој и со тоа го почна разговорот. Моја стара заложба е да има продлабочување на Унијата, подобрување на методологијата. Значи тоа се двете страни на ист процес. Продлабочувањето на оние што се веќе внатре, а методологија за оние што сакаат да станат нови членки. Вели, тие работи знам дека може да одат паралелно и ќе одат паралелно бидејќи вие сега барате само отворање на преговорите, мене ми е кристално јасно“, му рекол Макрон на Пендаровски.
Видете и ова: Средба Пендаровски - Макрон за појасна слика за француските барања
Макрон рекол и оти промената на методологијата и отпочнувањето на преговори може да одат паралелно и оти земјата испорачала се што се барало од неа и не го спомнал донесувањето на Законот за јавно обвинителство како пречка во процесот. Според Пендаровски, земјата треба најпрвин да организира предвремени парламентарни избори како што доликува.
Пендаровски информира и дека Макрон ќе ја посети Македонија во првата половина од наредната година. Пендаровски освен со Макрон на маргините на Парискиот мировен форум се сретна и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и со австриската канцеларка Биргит Бирлајн.