Тања Балаќ со две награди за експерименталното видео „Меморабилиа“

Mакедонската уметничка Тања Балаќ за своето експериментално видео „Меморабилиа“ го освои четвртото место и наградата „Лоренцо ил Мањифико“ во категоријата за видео-арт на штотуку завршеното 12-то Меѓународно биенале за современа уметност во Фиренца, Италија.

„Меморабилиа“, експерименталното видео на македонската уметничка Тања Балаќ, за многу кусо време се закити со две награди на исто толку значајни меѓународни манифестации. Најнапред, на крајот на април годинава беше победник во својата категорија на Фестивалот за краток филм во Вест Вирџинија во САД, а по нецели шест месеци го освои и четвртото место и наградата „Лоренцо ил Мањифико“ за видео-арт на штотуку завршеното 12-то Меѓународно биенале за современа уметност во Фиренца.

И, она што е интересно е што „Меморабилиа“ во меѓувреме било прикажано и на една голема манифестација во Северна Кореја и што таа за актуелното признание во Италија дознала по враќањето во Скопје. Од таму, прашана за наградите Тања Балаќ ќе рече дека сепак е битно за еден уметник потврдата за она што го твори да му стигне од релевантни селективни светски фестивали и „што притоа некој реално ви го препознава трудот“.

„Сигурно е дека е пријатно чувството, стандардно е дека е поттик за понатака...но еве јас малку почудно реагирам на сето тоа. Најголемата возбуда е во самиот процес на создавање на делото, а тоа потем си патува низ некои други универзални простори и како ќе одговори понатаму е во зависност од неговиот квалитет“, вели Тања.

Балаќ појаснува дека главниот лик на „Меморабилиа“ е една жена која ја толкува нашата позната балерина и кореографка Саша Ефтимова. Таа е заглавена во коцка и носи виртуелна маска.

„На еден метафоричен начин сакам да проговорам за реалноста во којашто живееме и не ги гледаме работите што ни се пред носот. Односно одбиваме да ги видиме вистинските нешта. Често пати се правиме можеби и недоветни и нашата мала реакција во однос на многу работи за коишто можеби и треба погласно да проговориме е таква каква што е“, истакнува авторката.

Во дополна и со информација дека анимацијата е на двајца автори Петар Џон и Димитар Митковски и дека притоа се употребени нејзините слики кои „така на еден магичен начин тие заедно ги придвижиле“.

Врз таа коцка во којашто е заглавена балерината акцентот е ставен на моите слики и така е направен спој на неколку медиуми како еден заеднички нов видео експериментален филм. И, уште една многу битна работа – музиката е на еден многу познат автор Марио Батковиќ кој е од Бања Лука, Босна и Херцеговина, но живее и твори во Швајцарија и со кого јас по вторпат соработувам. Марио свири на хармоника и експериментира со џез, а познат е по соработката со Геф Бароу, продуцент и член на славните PORTISHEAD...а кого скопската публика имаше можност да го види и да го чуе на четвртата ПИН-музичка конференција одржана во пресрет на ТАКСИРАТ 2017.

Саша Ефтимова во „Меморабилиа“

Посебно интересен момент во целата оваа приказна е фактот што „Меморабилиа“ иако снимено во текот на 2018, се уште не е прикажано пред домашната културна јавноста.

Авторката забележува дека нема некоја посебна причина за таквиот след на настаните, туку дека едноставно „во овој период малку повеќе патувала и дека видеото ќе биде пред публиката до крајот на оваа или на почетокот од следната година во некоја од нашите национални институции, најверојатно во Национална галерија“.

Вели дека нејзе лично и требаат уште некои подготовки околу презентацијата и дека во моментов работи на уште едно друго видео. Ова е за неа како што истакнува е творечки период, и затоа настојува покрај редовните обврски сепак да стигне да го заврши сето она што го наумила. Таа дури не го исклучува ни моментот обете видеа да бидат презентирани заедно, иако и натаму стои на мислата дека сепак ним треба да им се даде одвоен простор иако „обете на еден начин можеби и кореспондираат, но од друга страна сепак се различни“.

„Она што ги поврзува и двете видеа е заглавеноста во еден простор, во коцка. Коцката е тој момент којшто ми се провлекува низ неколку последователни проекти бидејќи паралелно работам и сликарство. Впрочем, сликарството е првата љубов. Тоа е нешто што за мене е константа. Видеото ми е повеќе експериментот. Желбата идејата да ја претставам со други изразни средства. Самата идеја, барем кај мене, си го диктира и медиумот со којшто треба да биде презентирана. Уметникот секогаш треба да твори во повеќе медиуми. Мене лично секогаш медиумите ми се предизвик. Експериментот. Всушност новото. Возбудата е често пати кога нели се обидуваш идејата да ја презентираш со различни медиуми. Видеото во одреден период ми дојде како едно изразно средство коешто најблиску можев да го покажам концептот на идејата. Четката ја заменив со фотографијата, со светлината на кадрите коишто исклучително ми се важни. Тоа е естетскиот дел, но и пораката којашто се обидувам да ја пратам преку моите дела. Всушност, уметноста е тука да ја испрати пораката“, смета Тања Балаќ.

Во контекст на пораката, таа и со уверување дека нејзе секогаш човекот и е во сферата на интересот. И во сликарството и во видеото.

Човекот секогаш ми е во сферата на интересот како уметник. И тој за мене е бескрајна инспирација. Во видеото што го работам и чиј сегашен наслов, а веројатно и така ќе остане... е „Заглавени заедно“, зборувам за повеќе човечки судбини заглавени во тесен простор а нитката што ги поврзува сите е сиромаштијата, но и отсуството на дом како засолниште. Видеото е во процес на монтажа и ќе видиме што ќе излезе од него, ќе рече уметничката.