Со употреба на камерата како „око на гледачот“, Тања Балаќ не случајно ја позиционира бремената жена во центарот на сликата, каде бавното движење, квалитетот и тонот на осветлувањето, направен од страна на кинематограферот, Атанас Велковски, функционираат заедно со цел да предизвикаат еден сликарски сензибилитет, не многу поразличен од онаа елеганција присутна во фламанската „Мртва природа“. Храбро наметнатата графичка слика исто така повикува на многу други канонични - иконични слики. Иако Балаќ го покажува својот деликатен, класичен сензибилитет во својата дејност, „Раѓање на Нацијата“ претставува навистина храбро, експериментално уметничко дело чие темпо, текст и звучен дизајн, се составени со цел да предизвикаат размислување за нејзината татковина, Македонија.
Ова во каталогот за мултимедијалниот проект на македонската уметница Тања Балаќ ќе го запишат кураторките Алесандра Чианети и Ани Јаел Кван од Велика Британија. А, авторката, чие дело патем публиката ќе има можност да го проследи на вечерните проекции (од 19 до 21 часот) во галерискиот простор на Национална галерија на Македонија – објект Чифте Амам во Скопје до 10 октомври, вели дека „Раѓање на Нацијата“ е нејзиното ново видео кое всушност зборува со слики.
„Метафората на раѓање во овој случај, во ова видео, ја искористив повеќе да ги отворам прашањата за нашата иднина отколку да дадам некаков јасен и прецизен одговор за сегашноста во која што се наоѓаме“, вели Балаќ.
Во експликацијата за својот нов краток филм таа истакнува дека во него се појавува само еден лик – една трудна жена, како метафора не само на денешново, но и на некое идно време на Република Македонија, земјата која моментално минува низ еден многу турбулентен период со длабоки општествени поделби и раслојувања, кои со секој изминат ден стануваат се поголеми. Дополнува дека чувството на колективна апатија и безнадежност добија свој политички израз во демонстрациите кои секојдневно му се случуваат на Скопје. Дека од онаа страна на видливиот политички ангажман кој претставува лична одлука на секој поеднинец, всушност се наоѓаат прашањата за опстанок на еден народ кој се наоѓа на опашката на Европа.
Инаку, Тања Балаќ, пред неполн месец, се најде на насловната страница и беше една од неколкуте европски уметници кои говореа за сопственото творештво во годинашното издание на влијателниот арт магазин „Cinewomen“. Во интервјуто, откако за нејзиниот „Граѓани“ ќе биде забележано дека е „неверојатно хипнотички и извонреден филм кој се навраќа на нултиот степен на киното, дека таа ја турка границата меѓу фиктивното и документаристичкото, вовлекувајќи го гледачот во кинематографскиот процес на трансформирање на стварноста“, на прашањето за инспирациите да твори во овој медиум авторката истакнува дека „секоја идеја може да се изрази низ секоја уметничка форма, но дека е уверена дека одредени уметнички концепти, најдобро се презентираат со употреба на точно одредени техники. Со други зборови дека содржината ја диктира формата, а во ера на сеприсутност на дигиталната слика за визуелните уметници е исклучително важно да не и дозволат на технологијата да ги заведе.
„По професија сум академски сликар, но работам и на инсталации и видео арт. Сметам дека за еден автор е важно да ја задржи желбата за експериментирање и истражување што подолго, а тоа видео артот ми го дозволува. Меѓутоа, набрзо сфатив дека кратките филмови како медиум не сакам да ги користам како обична визуелизација, туку сакам со помош на камерата да се обидам да го изразам својот став за општествената реалност. Така и дојдов до сознание дека кога станува збор за филмскиот израз, преплетувањето на документаристичкото и уметничкото најмногу одговара на моето естетско чувство. Терминот „уметничко“ овде го користам во смисол на отворање на врата за влез во интимниот свет на протагонистите со што се надминува обичната документаристичка објективност. Всушност вратата мора да биде подотворена, само малку да не повика со една нога да зачекориме во тој меѓупростор помеѓу фикцијата и стварноста“, ќе рече Балаќ.