По само десеттина дена од светската премиера на 14. Филмски фестивал во Рим, „Врба“ шестиот долгометражен филм на режисерот Милчо Манчевски, „сторијата за мајчинство, љубов и доверба“, тргнува во поход на Македонија. И тоа онака како и што доликува. Ноември го отвара со гала во Филхармонија и проекции во кината „Синеплекс“ и „Милениум“ во Скопје и со паралелни прикажувања во Битола, Охрид, Штип...три дена подоцна и во Прилеп, па Куманово и така со ред.
И, кога сме веќе тука неминовно е да бидат кажани и следниве информации. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето на филмот траело два месеци, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје.
„Врба" е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба" имаат слични грижи, радости и соништа.
„Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути“, знае да каже режисерот Милчо Манчевски.
Во него игра млада екипа, актери како Сара Климоска, Никола Ристески, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и Камка Тоциновски, а во останатите улоги се појавуваат Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Режисерот Милчо Манчевски
Манчевски во пресрет на македонската премиера и потем закажаните проекции со две верзии на делото „машка“ и „женска“ што ќе треба да ги открива публиката, говорејќи за континуитетот во сопственото творештво во кое се многу наградуваниот „Пред дождот“, „Прашина“, „Мајки“..., истакнува дека „никогаш не тргнува од програми, од пораки или од намери, туку дека тие секогаш произлегуваат од материјалот, од приказната, од работата со глумците, од процесот на правење на филмот“.
„Мое уверување и мое искуство е дека ако тргнуваш од идеја резултатот ќе биде крут. Ќе ја нема таа убавина, таа елеганција. И во крајна линија јас сметам дека пораката не е најважна во едно уметничко дело, туку чувството и поврзувањето човек со човек. Поврзувањето на уметникот со тој еден одвоен гледач. Во случајов тргнавме од ситуацијата на неколку луѓе, потенцијални мајки и потенцијални татковци и таа се развиваше. Така, на крајот кога ќе ги наредиме вака филмовите излегува дека има некаков намерен континуитет, но тоа не е така“, вели режисерот.
Тој и со дополна дека притоа најважни се подготовките, потем работата со глумците и она што тие можат да го дадат, да го креираат, „исцедат од себе на сетот“. За сопствените потраги и проникнувања во материјата ќе рече дека за него „секој филм создава свој универзум“.
„Секој филм создава свој универзум и мислам дека гледачот го сака филмот ако успее да влезе во тој свет. Тој свет може да биде страшно реалистичен и денешен како што е дел од филмот, а може да биде и средновековен или некаков поинаков како што е даден во него. Во „Прашина“ страшно ме интересираше тоа колку луѓето биле различни а и блиски луѓето од тоа време. И колку тоа што ние го знаеме како историја е всушност глобализирана фикција. Тоа е една од убавите придобивки на правење ваков филм“, појаснува Манчевски.
Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски во сцена од филмот „Врба“
А, по ова само уште и тоа дека по светската премиера на „Врба“ во Рим се огласи и тамошната критика. Прочуените пера се едногласни во ставот дека ова е величествено враќање на Милчо Манчевски. Така во италијанскиот „Кинематограф“ меѓу другото ќе биде забележано: „Величествена македонска филмска приказна, која се појавува моќно, драматичен еп за три македонски жени и нивната желба за семејна љубов. Делото на Манчевски е многу покомплексно одошто може да се замисли. Наратив кој – благодарение на неговата необична природа и развивањето на темите – е набиен со значење и религиозен/мистичен подтекст што на „Врба“ ѝ дава вкус на одамна поминати времиња на половина пат меѓу Бергман и Тар, бајка што боли на половина пат меѓу минатото и сегашноста. Режија што станува интимна и прецизна. Митолошки наратив меѓу бајката и сировиот реализам, со Љубовта како единствено решение за древните проклетства. Приказна која длабока го почитува животот и оние кои што се дел од него, силни жени и кревки мажи. Едно од оние дела кои е невозможно да минат незабележано, еден од најинтересните филмови на Римскиот фестивал и воопшто на 2019“.
Европскиот филмски портал „Кинееуропа“ го дефинира филмот како раскошен и комплексно комичен: „Манчевски, мајсторски ги вткајува во едно нишките на трите приказни, со повторување на мотиви и мали ишарети, кои гледачот може да ги толкува како што милува. Визуелно ова е раскошен филм... комплексно комичен.“
Сара Климоска и Никола Ристески во „Врба“
Критичарот на „Синефилос“ откако ќе забележи дека „Врба“ е „визуелно фасцинантен... емоционално трогателен“ појаснува: „Трогателен портрет што нурнува во коренот на копнежот да се биде мајка, истакнувајќи значајна вистина, како во тематски сличниот филм „Крадци“ на јапонскиот режисер Хиракозу Коре-еда, добитникот на Златна Палма во Кан 2018. Иако се занимава со актуелни теми како вештачко оплодување, абортус, посвојување и сѐ друго што е поврзано со кревкиот свет на мајчинството, филмот го дарува задоволството да не суди за ништо од ова. Напротив.“