Дванаесет години македонската влада издава концесии за изградба на мали хидроцентрали, а десетина години трае и битката на невладините организации и локалното население против нивната изградба. Владите остануваат на тврдењата дека овие капацитети се потребни за да се зголеми производството на енергија од обновливи извори, а оние кои се против тврдат дека се прави големата штета врз природата за не многу голем удел во вкупното производство, но за голем профит на сопствениците на хидроелектраните.
Што велат бројките - врз основа на студија од осумдесеттите години на минатиот век во која се одредени 400 локации поволни за изградба на мали хидроцентрали, владата тогаш предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2007 година почна со издавање концесии. Според последниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2018 година, а објавен годинава, до лани во земјава имало изградено 96 мали хидроцентрали.
Во истиот извештај се наведува дека во структурата на домашни производители на електрична енергија лани, АД ЕСМ Скопје е доминантен домашен производител на електрична енергија со удел во домашното производство од 78,46%, потоа следи ТЕТО АД Скопје со 13,16%, ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје со 3,03%, преостанатите мали хидроелектроцентрали со 3,93%, термоелектроцентралите на биогас со 0,99% и фотонапонските електроцентрали со 0,43%.
Биолозите велат дека неспоредливо мало е производството на енергија од малите хидроелектрани во споредба со природата која се уништува, а локалното население со свои очи ги гледа промените во екосистемот кои се случуваат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Еден успех- повлечени одлуките за Жировничка река
Никогаш никој со нас не зборувал за изградба на мини хидроцентрали, а најмалку за позитивното или штетното влијание врз животната средина- вака Анес Ахмети од селото Жировница летово објаснуваше зошто протестираат против изградбата на такви енергетски капацитети на Жировничка река.
„Нашите извори од кои пиеме вода се веднаш под хидроцентралите каде што треба да се градат. Машинската зграда на пет ката е над самите извори. Мислам дека не се вршени соодветни мерења со кои ќе се докаже дека нема да има никакво влијание врз изворите од кои се напојуваме”, вели Ахмети.
Есенва општината во која живее Ахмети, Маврово-Ростуше му ја одзема дозволата на инвеститорот Хидроген Енерџи Груп за градба на хидроцентралите Жировничка 5 и Жировничка 6 поради пречекорување на рокот од две години од правосилноста на одобренијата. Концесиските договори за овие две хидроцентрали беа потпишани во 2015 година, од претходната влада, а потоа новата влада потпиша анекс договори со кои им овозможи дополнителен рок за градба.
„Хидроцентралите на Жировничка од повеќе аспекти се правно неиздржани. Од една страна имаат пропусти во сите студии, од елаборати до градежни дозволи, односно сите дозволи кои ги имаат добиени имаат некаков проблем. Еве на пример дозволата за водно право, за таа дозвола кога се поднесува барање има обврска не само да се консултира јавноста, туку и локалното население и да се направат нови мерења за да одговара она што како биолошки минимум ќе се стави таму на реалната ситуација, но локалното население тврди дека водата е многу променета од тоа што било порано“, вели Александра Бујароска од Фронт 21/42.
Се уништува целата околина
Ова е последната добиена битка на невладините организации и локалното население. Посериозна битка пак почна на граѓанскиот сектор почна во 2010 година по најавата на владата за изградба на две големи хидроцентрали- Бошков мост и Луково поле за кои екологистите предупредуваа дека ќе го загрозат националниот парк Маврово.
Ана Чоловиќ – Лешоска од тогаш ја водеше кампањата за стопирање на меѓународното финансирање за двете големи хидроцентрали. Епилогот е што и Светската банка и Европската банка за обнова и развој се откажаа од финансирањето. Несомнено и малите хидроелектрани влијаат врз еко системот, додава таа. Според студијата која ја правела невладината организација Еко-Свест пред две години и проценката на речните еко системи кои се под влијание на малите хидроелектрани дека тие поради зафатот кој го оневозможува протокот на вода во речното корито се јавува фрагментација на целата река.
„Имено, имаме еден здрав екосистем пред зафатот каде што можеме да сретнеме богатство од видови и здравје на екосистемот, а по зафатот имаме на некој начин мртов екосистем затоа што флуктуациите на водата во речното корито се многу големи и оневозможуваат тековен раст и развој на видовите и биодиверзитетот. Третиот дел е по техничката зграда кога водата повторно се испушта во речното корито каде гледаме дека екосистемот се обидува да се врати во нормална состојба но не е возможно тоа да го стори поради променетиот квалитет на вода“, вели Чоловиќ- Лешоска.
Но, не е загрозено само Маврово туку и други заштитени подрачја природата се уништува и на Шар Планина, на Кожуф и на Јакупица, па речиси секаде локалното население се буни.
Летово месната заедница од шарпланинското село Вратница испрати отворено писмо до вицепремиерот Кочо Анѓушев и до повеќе министерства во кое јасно наведува дека е против изградбата на предвидените пет мали хидроцентрали.
„ Како може да се дозволи заради бизнис интересите на една дланка моќници исклучиво заради нивен личен профит, да се стави во прашање опстанокот и голата егзистенција на ова население кое живее околу реката? Со сила ни се наметнува проектот за уништување на Вратничка река, единствените недопрени шумски површини околу реката и сиот животински и растителен свет што е директно зависен од реката“, се наведува во јавниот повик на месното население.
Електрична енергија или природа
Соселаните Албанци и Срби во едно косовско село и покрај тоа што со децении живеат одвоено деновиве се обединија во знак на протест против изградбата на хидроцентрала за која велат дека ќе им ја одземе водата и нивната егзистенција одгледувањето малини.
Гоце Атанасов
Полицијата употреби и солзавец за да ги растера селаните кои се обидоа да го запрат движењето на булдожерите. Притоа беа повредени над дваесет луѓе, меѓу нив жени и деца. Етничкото албанско мнозинство и малото српско малцинство во селото Бити Е Поштме велат дека хидроцентралата ќе го исуши речното корито под планината Брезовица, најголемото и најпознатото скијачко одморалиште на Косово.
Тие носеа плакати на кои пишуваше: „Лепенец е наша вода и наша храна“ и „Водата е живот“ додека маршираа низ селото, набљудувани од десетици полицајци и мировници на НАТО од Полска. Протести се одржуваат скоро секоја недела, но без некој поголем ефект. Булдожерите започнаа инсталирање на метални цевки кои се дел од хидроенергетскиот систем.
Кефсер Фетаху, мајка на три деца вели: „Моите деца немаат иднина. Ако ја погребаат нашата река, ние треба да ги напуштиме нашите домови. Нема живот без вода“. На исто мислење е и Звонко Михајловиќ, економист кој живее во таа област.
„Ако се реализира овој штетен план, луѓето ќе живеат се полошо, а многумина ќе се решат да ја напуштат оваа област“.
Најголем приход за семејствата е од одгледувањето малини. Реката Лепенец е дел од најголемото скијачко одморалиште во земјата, со убав пошумен алпски терен. Во Косово се планирани повеќе од 80 мали хидроцентрали, бидејќи владата планира да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори. На ваков начин Косово произведува само два отсто од електричната енергија. Остатокот се произведува во две термоцентрали на јаглен.
Според плановите на владите, низ Западен Балкан, може да се изградат скоро 3.000 хидроцентрали. Околу една третина од нив во заштитени области, што предизвика серија протести во Босна, Србија и Црна Гора. Во минатиот месец, активисти за животна средина ја повикаа Европската унија да го намали бројот на мали хидроенергетски проекти со тоа што ќе се заложи за построга еколошка легислатива и поекономичен систем на субвенции. Црна Гора во мај донесе одлука да престане да издава одобренија за изградба на мали хидроцентрали и да ги преиспита досега доделените. Ута Ибрахими, првата косовска жена што се искачи на Монт Еверест, им се приклучи на протестите во петокот и покрај скршената нога. „Ние не сфаќаме дека нашите природни убавини се нашето богатство. Луѓето што се вклучени во туризмот го знаат тоа. Туристите пристигнуваат тука затоа што Косово има дива природа и ако ги поставиме нашите реки во цевки, што ќе треба да покажеме тогаш?“.
Загрозени подрачја на цел Балкан
Инаку според студијата „Еко-Мастерплан за Балканските реки“ подготвена од фондацијата „Еуронатур“ и невладината организација „Ривервоч“ во која предмет на научно истражување од аспект на биодиверзитетот и хидроморфологијата била мрежа на реките на Балканот во должина од 80.000 километри речиси сите реки на Балканот се на удар.
Со изградбата на мали хидроцентрали ќе се уништи домот на голем број ендемски и загрозени видови животни и растенија па се предвидува дека последиците може да бидат катастрофални за биодиверзитетот во овие подрачја кој е уникатен во Европа. Во студијата се наведува дека во балканските реки живеат 69 видови риба кои ги нема на ниту едно друго место во светот, а дури 40 отсто од загрозените слатководни школки и полжави во Европа можат да се најдат во овие слатководни системи. Истите организации сметаат дека ваквиот налет на Балканот се прави поради притисок да ги исполнат зацртаните цели од Европската унија за производство на енергија од обновливи извори занемарувајќи ги негативните ефекти што ваквите проекти ги предизвикуваат по животната средина.