„Валпургиска ноќ“ и „Кармен“ за чествувањето 70 години македонски балет

Со премиерните изведби на „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин, во кореографија на Габор Кевехази од Унгарија, в сабота на 5 октомври во 20 часот ќе започне сезоната 2019/20 на Националниот балет.

„На премиерата, публиката што немаше билети ги скрши прозорците од споредните простории и влезе „непоканета“. И никој не ја избрка, ниту пак ја казни, бидејќи одушевувањето беше општо и огромно. Поради аплаузите и постојаното враќање на уметниците на сцената, претставата, наместо два и пол часа траеше четири часа“.

Со овие зборови кореографот Ѓорѓи Македонски во едно свое интервју ќе ја отслика атмосферата која владеела при изведбата на „Валпургиска ноќ“ првата премиера што Балетот на МНТ ја прикажал на 27 јануари во далечната 1949 година. Во неа покрај него настапиле Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ... со оркестарот диригирал Трајко Прокопиев, сценограф бил Василие Поповиќ - Цицо, а костимограф Милица Бабиќ – Јовановиќ.

Цели седум децении подоцна, Олга Панго директорката на Балетот за чествувањето на големиот јубилеј ја одбрала истата претстава - „Валпургиска ноќ“ со Габор Кевехази од Унгарија како кореограф. Притоа со Бисера Чадловска како диригент со оркестарот на НОБ, Марија Ветероска – сценограф, Марија Пупучевска – костимограф ...и со Марија Кичевска Шокаровска и Христина Наќевска во улогата на Ваханалка, Саша Евтимова и Андријана Петковски како Нимфа 1, Ивана Коцевска и Ивана Димкоска како Нимфа 2 и Мирослав Митрашиновиќ, Николас Орсо, Кристијан Јангос како трите момци во црно.

Згора на тоа во Балетот се решиле програмата да ја збогатат и со „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин, каде насловната улога им е доверена на првенките Александра Мијалкова и Мими Поп Алексова Атанасовска, Дон Хозе е Болаш Лашеи од Унгарија, Ескамиљо – Васил Чичиашвили од Грузија и нашиот Мирослав Митрашиновиќ...и така со ред.

„Овие две претстави иако и досега биле поставувани сега ќе ги видиме во едно ново руво, со една современа нота, поинаку од она што било работено некогаш за што се погрижи нашиот гостин кореографот Габор Кевехази од Унгарија“, ќе рече во пресрет на премиерата Олга Панго, директорка на Националниот балет.

А, Кевехази пак откако забележува дека сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани, Жорж Бизе и Шарл Гуно, ќе рече дека кога му била понудена соработката без размислување ја прифатил и веднаш започнав со подготовка на кореографијата. Појаснува дека оваа задача барала од него посебна инспирација, бидејќи за овие две дела има постоечка кореографија од светски познати кореографи, како што се: Алберто Алонсо, Баланшин, Матс Ек и други. Згора кога започнал со работа на кореографијата, сфатил дека дури и не го познава доволно балетскиот ансамбл на НОБ, а неговата креативност секогаш е подобра, кога прави кореографии според балетски играчи, кои лично ги познавам, па затоа вложил особени напори.

„Кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакав да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика. Би сакал да истакнам, дека добив огромна поддршка од прекрасниот балетски ансамбл Националната опера и балет. Затоа Ви посакувам долготрајно уживање и секако забавувајте се“, вели Кевехази.

Инаку, Габор Кевехази е роден во Будимпешта, каде што дипломирал на Државниот балетски институт во 1970 година. Студиите ги продолжува на балетскиот институт „Ваганова“, во Санкт Петербург, Русија, за да потем стане член и солист на Унгарската оперска куќа од 1972 до 1992 година. Во овој период ги толкувал скоро сите машки главни улоги од балетската литература, а за својата работа освоил златен медал на Меѓународниот балетски натпревар во Варна (јуниорска категорија, 1972) и сребрен во 1975 година (категорија за возрасни).

За време на кариерата како балетски солист, настапувал во познати театри ширум светот, како што се: Ковент Гарден во Лондон, Виенската државна опера, Државната опера во Минхен, Болшој театарот во Москва и театарот „Киров“ во Санкт Петербург. За време на својата кариера, се стекнал со огромно искуство работејќи во водечките светски класични балетски компании, а во исто време, креирал широка меѓународна мрежа на односи.

Габор Кевехази не е само балетски солист, туку и креативен уметник. Неговите кореографии на „Балинка“ (работена според музиката на ДИП ФОРЕСТ), „Кристофоро“ (Бела Шакци Лакатос), „Зорба“ (Микис Теодоракис) и „Ода на радоста“(Лудвиг ван Бетовен), постигнале огромни успеси во неговата родна земја, но и во држави како Мексико и Грција.

Габор првпат бил директор на балетот во Националната унгарска опера од 1989 до 1992 година ,потоа го основал „Будафест“, летниот фестивал на операта и балетот, а од 2001 па во наредните четири години бил прв човек и на балетот во Печ и успеал да го издигне во реномирана европска компанија.

Кевехази е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои особено е значајна наградата за доживотен член на Националната опера на Унгарија (2007).