Зоран Маџиров е уметник. Тој ја најде музиката онаму каде што пред него никој не се осмели да ја побара – во празните, полуполните, скоро полните шишиња. Така го „патентира“ својот „ботлфон“ (или „стаклофон“) со кој поодамна ја воодушевува публиката секаде онаму каде што ќе замисли дека просторот прилега да му биде сцена. И притоа нималку не се штеди во споделувањето на сопствената еруптивност и врутоците на позитивна енергија. Затоа е добредојден секаде онаму каде што стапнале неговите патики. Каде што широко ја развлекол насмевката и ја споделил со сите трагачи по звучни возбуди.
Огромна е честа да се присуствува на таков настан, на една таква манифестација на којашто има огромен број на учесници од целиот свет. Во публиката можете да ги видите и Вуди Ален и касиерката од блиската самопослуга.Зоран Маџиров, музичар.
А, од 4 до 9 февруари, Маџиров ја имаше честа да биде еден од артистите на прочуениот Венециски карневал и на него, во клубот „Арсенал“, да одржи еден премиерен и шест ексклузивни настапи иницирани од продуцентот Марко Макапини и неговата ќерка Маргарита Мисони, како претставничка на славната дизајнерска лоза.
„Огромна е честа да се присуствува на таков настан, на една таква манифестација на којашто има огромен број на учесници од целиот свет. Во публиката можете да ги видите и Вуди Ален и касиерката од блиската самопослуга. Значи станува збор за шаренолик аудиториум бидејќи за неа се грижи самиот Град. Не е сè базирано само на моќта на приватните бизниси. Првиот впечаток, кога ќе ме видат и чујат, е шокантен, не им се верува дека такви звуци можат да излегуваат од едни обични шишиња, а потем следува оној позитивен транс. Имаме неверојатна размена на енергии со публиката“, вели музичарот.
Тој дополнува дека по настапите имал средби со неколку претставници на локалните компании кои биле расположени да финансираат изработка на уште почуден инструмент за него од познатото венециско мурано стакло.
„Според нивните дизајнерски замисли, со моите акустични решенија, самото шише ќе стане некоја арт форма од стакленки. И, кога некој ти доаѓа со такви идеи по твојот настап, можете да замислите какво воодушевување сте предизвикале со изведбата. А, кога по некое време ќе ви стивне изненадувањето, полека ви станува јасно дека тие луѓе понесени од вашата музика добиле желба самите креативно да се изразат“, вели тој.
И, додека ова го говори, Маџиров полека со мислите се префрла во едно поинакво опкружување. Приказната за тој проект ја почнува со информацијата дека на еден од неговите минатогодишни настапи го забележал композиторот маестро Серџо Рендине. Тој, фасциниран од виртуозот и неговиот „ботлфон“, решил да напише една композиција која потем ја инкорпорирал во финалето од својата последна опера „Пинокио“, чија премиера е планирана за 10 февруари во Монте Карло.
„Тој дел се вика „Финале со стаклофон“ и е последниот дел од операта. Тогаш јас излегувам на сцена и правам „растур“. Инаку, станува збор за помодерна, современа класична музика која и не е толку „класична“ бидејќи во себе ги содржи сите можни музики што сме слушнале во времево на електроника, интернет и слично. Значи говориме за извонредно современа, модерна музика“, вели тој.
Маџиров појаснува дека со Филхармонијата на Монте Карло ќе диригира Филипе Дера од Швајцарија, кој, пак, е многу познат по сопствената заложба за „алтернативно диригирање“ со различни оркестри, по врските со уметници кои со своите интервенции прават дела од песок и потрагата по несекојдневното и неочекуваното во актуелната звуковност.
Инаку, по овие два значајни проекта, Маџиров во сабота на 13 февруари ќе одржи соло концерт во локалниот театар во Бреша, во Италија, насловен како „Ботлфон класици“. На него најнапред ќе се „пресметува“ со класиците, за да потем понуди и сопствен материјал.
„Таму ќе има елементи од македонскиот фолклор, од нашата традиција, изблици од мојот темперамент. Еден вид џез што му прилега на времево во кое живееме, на 21 век. Експресијата можете да ја најдете веројатно во она што некои го нарекуваа „њу џез“ - што и воопшто да значи тоа“, вели Маџиров.
Две недели подоцна, на 4, 5 и 6 март, македонскиот музичар е гостин на Националниот балет и опера на Ријн, во Стразбур, Франција. Таму тој е партиципиент во проектот „Чајковски на специјален начин“ и во негови рамки ќе изведува делови од „Оревокршачката“ на својот „ботлфон“. Следната негова станица е Лајпциг во Германија, па повторно се враќа во Италија, па патува во Австрија и сè така каде што ќе го одведе неговиот номадски дух. Некаде патем, како што вели, ќе ги комплетира и своите две нови дискографски објави. Првата веќе ја снима во студиото на нашиот Александар Пандиловски, клавијатурист кој по тридеценискиот престој сега живее во Виена, и која е планирано да биде публикувана оваа 2016 година.
„Луда музика снимаме. Комплетно луда. Впрочем ќе слушнете кога есенва ќе излезе албумот. Тоа е некоја моја нова звуковна димензија“, најавува Маџиров.