Достапни линкови

Есенски музички свечености во месецот на музиката


Со настапот на хрватскиот гудачки квартет „Џиовакино“ во Музеј на град Скопје, започнаа годинешните Есенски музички свечености. На манифестацијата, којашто се одржува од 3 до 29 ноември и која како организатор ја потпишува Дирекцијата за култура и уметност, на неколку сцени во градот, ќе настапат бројни уметници од земјава, соседни Бугарија и Србија, Италија и од Бразил. Фестивалот ќе биде крунисан со голем концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо што ќе биде реализиран во соработка со Македонската опера и балет и Сојузот на композиторите.

„222 Росини“ на Гудачкиот квартет „Џиовакино“ од Хрватска, чиј предводник патем е македонскиот контрабасис Илин Диме Димовски. „Бисер песна и оро“ на Ансамблот за народни песни и игри – „Танец“, рецитали на Бојан Ивановски од Србија и Бразилецот Даниел Маркез како дел од инкорпорираниот „П.С – Гитар арт фестивал“ зад кој стои здружението „Арт кул“. Вечер на македонското вокално творештво.

Врз основа на овие концепциски постулати и врз основа на веќе востановената традиција од минатите години и овој пат креиравме програма која ќе го доближи Скопје кон европските и светски музички центри. Концептот на оваа програма годинава е со посебен осврт и со нагласено внимание кон камерната музика како еден од врвните начини на претставување на уметниците учесници.
Симона Симуновска, музички продуцент.

„Една поинаква приказна“ со Дувачкиот квинтет „Арт“, „Вонвременско патување“ со квартетот „Еолина“ од Бугарија и светска премиера на „Други денови – други очи“ - новиот проект на италијанскиот виолончелист Антонио Мостачи. Перформанс на „Македонски кларинет квинтет“ и конечно Голем концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо на кој ќе земат учество неговите блиски соработници и колеги и што ќе биде реализиран во соработка со Македонската опера и балет и СОКОМ, се содржините на годинешното 14-то издание Есенски музички свечености, манифестацијата што во текот на ноември - Месецот на музиката, како организатор ја потпишува Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.

Симона Симуновска, музички продуцент во оваа наша установа, вели дека силен импакт во креирањето на годинашната програма е грижата за присутност, пред сè на актуелните музички моменти на Македонската музичка сцена, но исто така и на оние од соседството, поширокиот регион и од Европа.

Новитет во нашата програма е што по цела една деценија посегаме по „Стар бел дедо овци пасел“, обработката на Сашо Ливрински за оркестар, мешан хор и солист, која патем има извонреден аранжман, а акцентот го ставаме и на праизведбата на аранжманот за композицијата за голем оркестар и мешан хор „Ој ти Пацо Дреновчанке“ од нашиот Тодор Трајчевски.
Зоран Џорлев, директор на Танец.

„Врз основа на овие концепциски постулати и врз основа на веќе востановената традиција од минатите години и овој пат креиравме програма која ќе го доближи Скопје кон европските и светски музички центри. Концептот на оваа програма годинава е со посебен осврт и со нагласено внимание кон камерната музика како еден од врвните начини на претставување на уметниците учесници“, вели Симуновска.

Таа дополнува дека една од задачите што тие во Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје си ја имаат поставено како императив во организирањето на оваа манифестација през годините е токму соработката со националните институции. Во тие рамки, нималку не чуди што на Есенски музички свечености по четврти пат ќе учествува Националниот ансамбл за народни песни и игри – „Танец“. И, притоа, во годината кога овој колектив кој несомнено претставува „подвижна енциклопедија на македонскиот народ и неговиот фолклор и традиција“ го одбележува својот значаен јубилеј - 65 години од формирањето, особено е важно присуството на едно вакво врвно домашно културно случување.

А, во желбата да докажат дека и „народната музика знае да биде класика“ уметниците од „Танец“, овојпат на публиката која овој вторник, на 4 ноември, во 20 часот, ќе ја исполни салата на Домот на АРМ, ќе ѝ ја претстават специјално подготвената програма насловена како „Бисер песна и оро“ во која ќе се најдат бројни изворни песни и теми со народни оркестри и тајфата чалгии.

„Новитет во нашата програма е што по цела една деценија посегаме по „Стар бел дедо овци пасел“, обработката на Сашо Ливрински за оркестар, мешан хор и солист, која патем има извонреден аранжман, а акцентот го ставаме и на праизведбата на аранжманот за композицијата за голем оркестар и мешан хор „Ој ти Пацо Дреновчанке“ од нашиот Тодор Трајчевски, која специјално ја подготвивме токму за овој концерт“, истакнува Зоран Џорлев, директор на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“.

Кон ова само уште информацијата дека влезот за сите концерти на Есенски музички свечености е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG