Македонската земја климатските промени ќе ги почувствува преку недостигот на вода, водниот биланс и живиот свет во водите. Научната јавност е согласна дека од зголемувањето на температурите и продолжените сушни периоди, најмногу ќе страдаат водените ресурси, квалитетот на водата, наводнувањето. Универзитетскиот професор Ордан Чукалиев не верува во „апокалиптични сценарија“ за нашата земја, но сепак предупредува на последиците од недостигот на вода.
„Светска банка во едно нивно истражување проценува дека најпогодено би било сливното подрачје на реката Црна. Знаете дека на нејзе гравитираат доста системи за наводнување, па ако тоа се случи тоа ќе предизвика проблеми во наводнувањето и одгледувањето на земјоделските култури, намалување на приносите итн. Според проценките би можеле да зборуваме за недостиг на вода и намалување на приносите таму некаде по 2025, 2030 година. Но, тоа за среќа не се апокалиптични сценарија“, вели професорот Чукалиев.
Сепак, ваквите последици може да се предвидат и навреме да се преземат адаптациски мерки, објаснува професорот Чукалиев.
„Бидејќи ќе немаме вода, би можеле да примениме техники коишто ќе штедат вода па и со намалената количина вода да може да ги задржиме површините кои ги наводнуваме во моментот. Постојат низа адаптациски мерки со кои може тој недостиг на вода да се ублажи, но не и да се реши. Со тие мерки не може да се реши проблемот, туку само се адаптираме на тоа што го имаме“, вели Чукалиев.
Она на што укажува професорот е потребата од зголемување на јавната свест и едукација во образовните програми од најрани години, со акцент врз тоа како треба да се однесуваме кон природните ресурси. Она што исто така е слабост во системот е недоволното вложување во научните истражувања. Податоците со кои располагаме се некакво знаење од надвор, а не автентични истражувања базирани на локални податоци, вели тој.
Видете и ова: Македонија без амбициозен план против климатските промени
Екоактивистите предупредуваат дека катастрофалните последици Македонија ќе ги почувствува за десеттина, дваесет години. Од невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека климата се менува и оти оваа реалност се случува под влијание на човекот.
„Ако продолжиме да трошиме фосилни горива како што го правиме тоа до сега и ако не ги промениме работите, се плашам дека тие апокалиптични сценарија ќе не стигнат и нас, бидејќи ние сме дел од планетата и ќе ги трпиме последиците од климатските промени за десет, дваесет години“, вели Елена Николовска од невладината организација „Еко-свест“.
Таа додава дека властите мора да се фокусираат врз спроведување на непопуларни мерки и борбата против климатските промени да ја стават како приоритет во нивната агенда.
„Се надевам дека стратегијата за климатски промени која ја немаме, ќе ја подготвиме и ќе биде приоритетна од сите други стратегии и закони кои треба да се имплементираат. Кога станува збор за властите тие дефинитивно се понаклонети да спроведуваат популистички мерки, а се двоумат за спроведување на не толку популарните кои удираат по џебот на граѓаните. Ќе мора да започнеме да размислуваме во насока на тоа како да се тргнеме од употребата на фосилните горива и да започнеме сите инвестиции да ги истураме во прилагодување и во искористување на потенцијалите на соларната енергија“, вели Николовска.
Видете и ова: Климатските промени не може да се спречат, но може да се забават
Во извештајот на Обединетите нации за климатските промени е наведено дека на светот му остануваат околу 12 години да направи нешто за да ги спречи најлошите аспекти од промената на климата.
Во меѓувреме, оваа недела насловена како „Недела на иднината“ има за цел да ја подигне свеста за луѓето за влијанието на климатските промени врз животната средина. Во рамките на истата, младите низ светот, здружени како „Петоци за иднината“ преку протести масовно вршат притисок на владите за преземање активности против климатската криза. Кон оваа активност се приклучија и младите „Петоци за иднината“ - Скопје, кои секојдневно одржуваат настани за зголемување на свеста за еколошката криза.