Достапни линкови

Македонија без амбициозен план против климатските промени


РЕК-Битола: голем дел од емисиите на стакленички гасови во Македонија произлегуваат од термоелектраните на јаглен.
РЕК-Битола: голем дел од емисиите на стакленички гасови во Македонија произлегуваат од термоелектраните на јаглен.

Планетата се затоплува, глечерите се топат, расте нивото на морињата. Тоа се последици од климатските промени, за кои научниците велат дека светот има само 12 години да ги спречи најлошите сценарија. Македонија се уште нема амбициозен план со кој значително ќе придонесе кон намалување на емисиите.

Глобалните емисии на стакленички гасови ја зголемуваат температурата на земјата и со тоа климата се менува. Затоплувањето се случува преку испарување на водите, емисиите на јаглерод диоксид, метан и азотни оксиди, кои ја задржуваат сончевата топлина на земјата како во градина направена од стаклени ѕидови, објаснуваат климатските научници.

Земјата се прегрејува, неповратно
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

Во извештајот на Обединетите нации објавен во октомври е наведено дека на светот му остануваат околу 12 години да направи нешто за да ги спречи најлошите аспекти од промената на климата.

Главните обврски во оваа насока ги имаат големите емитори, како САД, Европа, Кина и Индија, но обврски за климата имаат сите земји потписнички на Договорот од Париз во 2105, меѓу кои и Македонија.

Со тоа 183 земји се обврзаа да го ограничат покачувањето на глобалната температура под два степенa целзиусови, бидејќи досега со само еден степен затоплување, сведочиме на појави на екстремни временски услови, смртоносни пожари, топлотни бранови, урагани и надојдени мориња.

Македонското Собрание во ноември 2017 го ратификуваше Договорот од Париз.

„Најголемиот дел од емисиите во Македонија (повеќе од 70%) произлегуваат од термоелектраните на јаглен. Значителен придонес кон климатските промени и кон нашите емисии на стакленички гасови има транспортниот сектор, така што електрификација на транспортот во голема мера ќе го намали нашиот придонес кон климатските промени. Исто така има простор за промена на земјоделските практики и за практиките во шумарството“, вели Невена Смилевска од граѓанската организација „Еко-свест.“

Македонија со климатските промени ќе ги загуби годишните времиња, климата ќе се движи од топла кон ладна и од сува кон влажна, што е несвојствено за континенталната клима, велат претставници на граѓанските организации кои ја следат оваа проблематика.

Според нив, одредени периоди од годината ќе бидат екстремно ладни, а во лето ќе има ектремно топли периоди. Ако доматот до пред неколку години растел нормално, сега нема да успева доколку не биде покриен со фолија, се само дел од примерите кои ги посочуваат за влијанието на климатските промени врз животната средина.

Во насока на тоа какви активности во моментов спрведува Македонија во однос на остварувањето на обврските од Договорот од Париз, од Минстерството за животна среднина за РСЕ велат дека Владата во јануари оваа година го усвоила Вториот двогодишен ревидиран извештај за климатски промени.

Од таму посочуваат оти во извештајот е изработена проценка на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година со примена на 46 мерки за ублажување на климатските промени.

„Анализираните мерки се издвоени од национални стратешки и плански документи и тоа 35 од секторот енергетика, 8 мерки се од секторот Земјоделство, шумарство и користење на земјиштето и 3 мерки од секторот отпад“.

Исто така од Министерствто велат оти во завршна фаза е изборот на консултантска компанија за изработка на Долгорочна стратегија и Закон за климатска акција, со поддршка на ИПА 2 средствата, но и дека државата има обврски согласно одлуките на Советот на министри на Енергетската заедница за мониторинг на емисиите на стакленички гасови од 2016.

„Новата Национална стратегија за енергетика до 2040 година, која во моментов се изработува, ќе биде со почитување на водичот на Енергетската заедница за интегрирани енергетски и климатски планови“, велат од Министерството.

Смилевска смета оти Македонија има придонес со самото ратификување на Договорот од Париз, но посочува дека истовремено документот не е доволно амбициозен, бидејќи, како што вели, тој е во линија на тековната стратегија за енергетика, а оти емисиите на CO2 растат во однос на 1990 година.

„Доколку одиме малку повеќе кон одржливост и значително се потрудиме да ги намалиме емисиите, со намалување на користење на јаглен и воопшто користење на фосилни горива, можеме да речеме дека ќе бидеме амбициозни. Во овој случај, и покрај тоа што имаме заложби, тие не се доволни“, вели Смилевска.

Во првата половина на декември во полскиот град Катовице се одржа најважниот Самит на ОН во врска со Договорот од Париз.

Таму присуствуваа заменик министерот Јани Макрадули и советничката за климатски промени во министерството Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, меѓу делегациите од 200 земји со цел да се избегне „итната закана од климатските промени.“

Според истражувањето на Министерството за животна средина, во рамки на програмата за развој на Обединетите нации, климатските промени во Македонија се гледаат како трета најсериозна закана за општеството по сиромаштијата и економската ситуација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG