Годинашниот јуни беше најтопол, победувајќи го јуни во 2016 година која беше најжешката година досега.
Јуниските температури во Европа, според агенцијата на ЕУ за следење на климатските услови „Коперник“, беа за околу два Целзиусови степена над просекот.
Европа за неколку недели издржа два исклучително силни топлотни брана.
Во Франција во јужниот град Вераргус на 28 јуни живата се искачи на 46 степени.
Претходниот рекорд, поставен во 2003 година, беше 44 степени.
Вториот топлотен бран во минатата недела го зафати и Париз каде што беа измерени над 42 степена.
Во истовреме високи температури беа регистрирани и во Германија, Белгија и Холандија.
Светската служба за следење на временските услови соопшти дека топлотниот бран во јуни најверојатно бил предизвикан од човечките климатски промени.
Портпаролката на Светската метеоролошка организација Клер Нулис вели:
„Ваквите интензивни и широко распространети топлотни бранови го носат потписот на вештачки климатски промени. Ова е во согласност со научните сознанија кои даваат докази за почести и поинтензивни топлотни бранови“.
Роберт Ваутард, климатолог во француската лабораторија за животната средина пак наведува дека од 2015, секоја година има екстремни топлотни бранови во Европа.
Во првата половина на годинава, забележани се интензивни топлотни бранови и во Австралија, Индија, Пакистан, како и делови на Блискиот исток.
Во средината на јули, за прв пат термометрите покажаа 21 степен во Алерт, канадска станица која е најсеверната населба на Земјата, на околу 900 километри од Северниот Пол.
Иако 2016 година сè уште ја одржува круната како најжешка година во историјата на човекот, периодот јануари-јуни годинава бил потопол од истиот период во 2016 година.
Три научни трудови објавени деновиве покажаа дека температурата на Земјата моментно се загрева со стапка која е неспоредлива во изминатите 2.000 години.
Нивото на јаглерод диоксидот во атмосферата пак, во моментов е околу 415 делови на милион, што е најголема концентрација во изминативе три милиони години.