„Прво леб па морал“ на 14. АКТО фестивал

Со брехтовиот афоризам „ Прво леб па морал!“ како мото на манифестацијата, од 29 до 31 август, на повеќе сцени во Битола ќе се одржи 14-то издание на АКТО.Фестивалот за современи уметности на кое е предвидено да учествуваат мнозина реномирани регионални и европски творци.

Во организација на „Факултет за работи што не се учат“ и со несебична подршка на Министерство за култура, Општина Битола/ Бит фест и Фондација Фридрих Еберт Скопје, безмалку во традиционалниот термин, од 29 до 31 август, на урбана Битола и воопшто на домашната културна сцена ќе и се случи 14-то издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, како еден од ретките во земјава.

Манифестацијата следејќи ја сопствената развојна линија, каде патем и порано бележито било посегањето по изјавите, мислите, размислувањата, текстовите и претставите на Бертолд Брехт (чисто колку за потсетување деветото издание одржано во 2014 комплетно одеше со заглавие „Чекан, не огледало“), овојпат ќе се одвива под мотото од неговата „Опера за три гроша“ - „Прво леб па морал!“ и со дополна „Но дур не нè нахраниш, исправното и погрешното може да причека!“.

Згора на тоа со уште еден куп прашања и одговори:

Колкав може да биде апетитот?

На секој различен.

А дали може да се расипе апетитот?

Може, секако.

А дали апетитот може и да се намали?

Е, за тоа треба работа.

Апетитот е политичка работа. Кој колку има апетит значи и дека толку ќе работи на одреден и специфичен начин за да може да си го задоволи.

„Во хаосот на различните толкувања на партикуларните интереси од една страна и одговорноста и етиката од друга страна во општеството, кои се првенствено идеолошки разлики, се зголемуваат еколошките катастрофи и климатските промени, масовните иселувања, дискриминациите, општата депресивна состојба и лажниот морал. Тосикацијата на и во секојдневиот живот се посилно ги зацврстува овие појави и ги замаглува етичките вертикали. Токму затоа треба да си дозволиме да погледнеме повторно и во нас самите. Во посакуваното општество, кое треба да се изгради и на кое сите треба да работиме, каде маргинализациите се сведени на минимум, а одговорноста и етиката се главните начела, ексклузивистичките лични аспирации не се приоритет. Во таков општествен контекст АКТО силно верува и затоа годинава по втор пат ја обработуваме темата „Општество во изградба“. Едноставно сметаме дека од позиција на уметници треба повторно и повторно да се залагаме да изградиме општество на овие вредности што ги споменуваме“, вели Филип Јовановски, кој заедно со Ивана Васева се куратори на Фестивалот.

Сцена од претставата „Приказна за окото“ на Мартин Кочовски

Од таму, според нивните кажувања, во овогодинешната програма учество ќе земат мнозина реномирани регионални и европски творци, како и неколку визуелни уметнициод земјава, кои според потписниците на манифестацијата преку своите проекти ќе понудат отворена платформа за размена на мислења, но и директно соочување со она што не мачи денес - борбата помеѓу апетитот и етиката и сето она што прозлегува од оваа конфронтација.

Така свои претставувања ќе имаат уметниците: Тања Остојиќ од Германија ( во петок ќе го претстави пeрформансот „Mispalced Women? and the Tourist Suitcas“ на плоштадот Магнолија), Синиша Лабровиќ од Хрватска ( кој истиот ден напладне пред споменикот на Стив Наумов во Битола ќе го стори истото со својот „Ова го правам за вас прекрасни луѓе“, а во четвртокот ќе го претстави на публиката и проектот „Прослјачење“), Персефони Мирцу од соседна Грција ( во АКТО галерија во НУ Центар за култура ќе го има своето предавање-перформанс „Laissez-Passer / Laissez - Tomber“), нашиот Иван Дургутовски ( во пресрет на отворањето ќе ги претстави видеата обединети како „Капитал“)..., премиерно ќе биде одиграна претставата „Приказна за окото” работена според текст на Жорж Батај во режија на Мартин Кочовски ...и така со ред. Според организаторите АКТО, како и во изминати години, со своите програмски активности отвара нови простори за продукција и претставување на современа уметност, јавни простори, напуштени хали како и поттикнува соработка со јавните институции меѓу кои се и Народен театар - Битола и Н.У. Центар за култура Битола.

Во тој дух, оваа година АКТО ја отвора и темата „Каква уметничка галерија ни треба?“ (во Битола) каде ќе се обиде да го отвори и ова прашање кое ќе зборува за потребите на локалната заедница од галериски простор, а исто така ќе ги активира и младите во една нова форма АКТО клуб за млади. Згора на тоа, сосема разбирливо е и тоа што Фестивалот на свој специфичен начин ќе потсети и за тоа што е разговарано изминативе години преку АКТО Агората ( во нејзини рамки во Телевизија ТЕРА ќе биде сторено премиерното емитување на дискусијата на 12. АКТО Фестивал за современи уметности од 2 септември 2017 година, кога Граѓаните говореа за јавното добро, всушност за Офицерскиот дом, а прашањето беше: Каков Офицерски ни треба?), но секако ќе понуди и место за дискусија, воздишка и поддршка.

Кон ова уште информацијата дека е подготвена современа музичка програма која несомнено ќе го анимира вниманието на публиката ( SEINE од Хрватска, Рем Пери од Франција, нашите Мирко Попов, Виолета Качакова... ), а и годинава АКТО во соработка со Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје обезбедува БЕСПЛАТЕН ТРАНСПОРТ СО ВОЗ на релација СКОПЈЕ- БИТОЛА- СКОПЈЕ за оние кои сакаат да присуствуаат на *АКТО фестивалот и оние кои сакаат да следат програмата на Фестивалот „Здраво Млади“.