Високи температури и детали за „Рекет“

Медиумите ги објавуваат предупредувањата и апелите на надлежните институции за порастот на дневните температури. Секојдневно се објавуваат и разни детали за случајот „Рекет“.

„Подгответе се за жолтата и портокаловата фаза“ – читаме наслов во Нова Македонија, а и сите други електронски изданија на печатените медиуми го објавуваат предупредувањето од Дирекцијата за заштита и спасување дека, според најавите од Хидрометеоролошката управа, во наредните денови до средината на следната недела ќе има пораст на дневните температури под влијание на многу топла воздушна маса. Дирекцијата ги потсетува граѓаните да не фрлаат догорчиња од цигари и да не палат огнови по нивите и шумските простори.

Видете и ова: Истрагата за „Рекет“ не мирува, политичкиот притисок расте

Во медиумите инаку секојдневно излегуваат разни детали за случајот „Рекет“, додека власта и опозицијата и натаму не можат да се договорат околу предлог-законот за новото Обвинителство. Независен на насловната објавува: „Опозицијата бара, власта отворена за преговори – Катица да ја снема од Законот за јавно обвинителство“. Нова Македонија го пренесува видео-обраќањето на премиерот Зоран Заев по повод последните случувања поврзани со СЈО и предлог-законот за Јавното обвинителство: „Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран“, заедно со неговите зборови дека „е време на конечен пораз на ’заробената држава‘“ и повикот до сите политички субјекти за нивната одговорност во борбата за правната држава, при што „најголема одговорност има партијата што ѝ донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа Партија“.

Вечер продолжува да ги пренесува колумните на новинарот Бранко Геровски и вади наслов: „Јанева испраќа пораки – ако ја приведат ќе ’проговори‘?!“ Порталот на истиот весник ја пренесува изјавата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска дадена за Сител ТВ: „Јас немам никаква врска со ’Рекет‘“. Порталите на Нова Македонија и Вечер објавуваат видео-снимка што ја презентира италијанскиот весник Ла верита на која се гледа како Боки 13 наводно прима пари од бизнисменот Јордан Камчев и се слуша неговиот глас: „Од понеделник сте слободни, Катица нема да се жали“. Нова Македонија пишува: „Јанева на одмор, според информациите објавени во повеќе македонски медиуми кои се повикуваат на СЈО, додека јавноста е преокупирана со аферата ’Рекет‘“. „Изминатиот викенд беше објавена фотографија на која се забележува Јанева наводно на плажа на Халкидики“ – додава Нова Македонија. Независен информира: „Се огласи контроверзната фондација на Боки 13 – никој од Сојузот не бил повикан да ’пропее‘“.

Антикорупциска: Платформите на Матка не може да се легализираат, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, кривично да одговара поради непостапувањето по неговите барања за легализација на дивите платформи на Матка, а Владата да ги одземе градежните овластувања на Општината“ – ги пренесува Нова Македонија предлозите на Државната комисија за спречување на корупцијата. Весниците ја објавуваат и одлуката на Кривичниот суд: „Кривичен реши Морина да не се екстрадира во Србија“. Порталите додаваат дека документите ќе бидат доставени до Врховен суд за понатамошно одлучување.

Државниот завод за статистика објави дека „Трошоците за живот во јули пораснале за 0,8 отсто, а извозот пораснал за 14 и увозот за 11 отсто“, објави Нова Македонија.