И официјално, земјава влезе во таканаречената жолта фаза, а одредени делови од нејзината територија и во портокалова. Поради високите температури, препораките на надлежните за заштита од топлото време, се сѐ погласни.
Иако се препорачува да не се излегува надвор во периодите кога е најтопло, во центарот на главниот град е раздвижено.
Уличните продавачи и музичари се на своите работни места, туристите без брзање го разгледуваат централниот плоштад, а полни се и угостителските објекти, каде што под сенка некои од граѓаните се разладуваат.
Постари лица забележавме и во најблискиот парк, иако поголемиот дел од купите беа празни.
Топло е, но не и невообичаено за овој период од годината, велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме. На некому му пречат, на некому не, високите температури.
„Секоја година е се потешко и потешко. Климатските промени си го направија своето, пред неколку години можеше да се издржи, а сега е се потешко.“
„Јас имам 84 години, ама немам проблем со топлото. Поднесувам, не ми смета, еве баш сега излегов да се прошетам.“
„Јас кога бев помлада исто имаше вакви температури, не ми сметаше топлото. Младоста си го прави своето, постарите луѓе потешко го преживуваат жешкото.“
„Јас немам проблем, бидејќи сум здрава, добро сега внимавам да не излегувам во најтоплото, но генерално немам проблем“, велат дел од анкетираните граѓани.
Најтешко им е на хронично болните, но и на оние кои поради природата на својата работа мора да бидат на отворено.
„Секој сака да си седи дома, под клима, меѓутоа тој што зависи од некоја работа, мора да излегува од дома, да работи. Само до него е како знае да се снајде, што повеќе течности, на сенка, лесна облека, тоа е“, вели еден од уличните продавачи.
Топло им е и на оние кои работат во кујна, иако Соња Јанковска која работи како шеф на кујна во еден од рестораните, вели дека деновиве надвор е пожешко отколку внатре во кујната.
„Навикнати, сме да, навикнати. Петнаесет години овде работиме, навикнати сме на таа топлина. Дома пак застанувам на шпоретот, чекаат од мене. Ете така повеќе течности пијам, кафенце, не јадам многу и така ми е полесно“, вели Јанковска.
За спас од топлото, граѓаните велат дека применуваат се што може да им помогне, од носење лесна облека, до пиење повеќе течности и седење во климатизирани простории.
„Ќе се ставиш под сенка, што повеќе течности, најдобро е вода.“
„Јас се ладам под клима дома, затворени така.“
„Носам бело, капа.“
„Кој со вода, кој со капче, работата те чека, не можеш да оставиш.“
„Многу овошје, многу зеленчук, лековите ги зимам редовно, спијам“, велат граѓаните.
Лекарите им советуваат на граѓаните да земаат што повеќе течности, лесна храна и избегнување на кафе и алкохол. Тие препорачуваат и носење лесна пријатна облека од природни материјали, а при излегување надвор неопходни се шешир или капа. A како и секогаш во вакви топли денови најтешко им е на хронично болните и на постарите лица, меѓутоа повеќето се придржуваат до советите на лекарите.
Од Дирекцијата за заштита и спасување ги потсетуваат граѓаните да внимаваат кога се на отворено: да не фрлаат цигари и догорчиња, да не се пали оган и скара на отворен простор и шума, да не се пали отпад и друг горлив материјал, да не се палат стрништа и меѓи, а ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.
Топлотниот бран ја за зафати и Европа. Јунските температури според агенцијата на ЕУ за следење на климатските услови „Коперник“, биле за околу два целзиусови степена над просекот. Европа за неколку недели издржа два исклучително силни топлотни брана.
Бројни студии покажаа дека топлотните бранови како оној што ја пече северна Европа неделава се најверојатно од климатските промени, а бидејќи ефектите од таканаречената стаклена градина продолжуваат да растат, годинава ќе биде само една од многуте што следат.