Што ќе донесе воведувањето на 5G технологија?

Новата 5G технологија не се однесува само за мобилните телефони. Таа ќе овозможи подобро функционирање на автомобилите без возач, паметните градови, односно ќе ја подобри комуникација меѓу сите уреди поврзани преку интернет.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 16 март 2019

5G технологијата ќе биде многу побрза од 4G технологијата, од 10 до 100 пати. Така, филмови со висок квалитет ќе можат да се симнуваат за неколку секунди, но брзиот пренос на податоците меѓу различните видови уреди ќе има и примена во автомобилската индустрија, јавната безбедност, здравството, финансискиот сектор, комуналните услуги, во производството, здравството, медиумите и итн.

За функционирањето на 5G технологијата се потребни инвестиции и нова инфраструктура. САД, Кина, Австралија и некои европски земји планираат до крајот на годинава да ја развијат потребната инфраструктура за поддршка на 5G мрежата.

Во Македонија исто така се прават подготовки за воведување на 5G технологија. Државата наскоро ќе усвои план со кој меѓу другото ќе се дефинира опсегот на оваа технологија. Една од главните цели на планот е до 2023 година со 5G сигнал да биде покриен еден од големите градови.

Видете и ова: Поевтин роаминг - прв договор меѓу Северна Македонија и Грција

„Зборуваме за Скопје, Битола, Тетово, Куманово или Прилеп, ќе треба да биде покриен со 5G сигнал, до 2015 година главните транспортни правци е планот да бидат покриени, до 2027 целата територија на државата да биде покриена, а до 2029 граѓаните да имаат пристап на 5G мрежа и за брзини на интернет не помали од 100 Mbps. Значи ова се конкретни таргети кои сме си ги поставиле да ги постигнеме“, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

За воведувањето на 5G технологијата минатата година беше формирана работна група во која учествуваат претставници на институциите, операторите, бизнис заедницата и на невладини организации.

Треба да се олесни издавањето на градежни дозволи

Манчевски вели дека ги следат европски директиви и агенда, но и Националниот оперативен бродбенд план по чие усвојување во наредните денови, како што нагласува, ќе станат оперативни.

За постигнување на конкретните цели, Манчевски вели дека треба да бидат издадени бројни градежни дозволи за поставување нови уреди за 5G технологијата. Тој додава дека за тоа во тек е подготовка на нов закон.

„Мораме да направиме одредено олеснување на процедурите за градба на телекомуникациски мрежи. Моментално заедно со Министерството за транспорт и врски сме во подготовка на новиот Закон за градба, како да ги олесниме процедурите за издавање на градежни дозволи за поставување на оптички кабли, базни станици, антени и на новите уреди кои треба да се градат за распространување на 5G технологијата“, вели Манчевски.

Според Националниот оперативен бродбенд план, до крајот на 2027 година најмалку 50 проценти од вкупниот број на домаќинствата во државата треба да имаат пристап до интернет со брзина од најмалку 100 Mbps, а до крајот на 2029 година секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со истата брзина.

Исто така до крајот на 2029 година јавните институции, како училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни институции, здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела, да имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1Gb/s.

Операторите ја тестираат новата технологија

Операторите во земјава ќе започнат со тестирање на новата технологија, а целосната имплементација на 5G се очекува да ја финализираат за пет до шест години.

Од Македонски Телеком велат дека се подготвуваат за воведување на оваа технологија во чекор со европските земји и дека минатата година ја направиле првата демонстрација на 5G брзини во Македонија и постигнавме брзина над 5-6 пати поголема од 4G брзините.

„Почнавме интензивно да работиме на тестна имплементација на 5G технологијата. Очекуваме до крајот на оваа година да имаме тестна платформа која ќе ни помогне да добиеме искуства во реално опкружување и да ги евалуираме најперспективните бизнис модели“, велат од Македонски Телеком.

Оттаму посочуваат дека во зависност од тестирањата кои ќе ги вршат во текот на 2020 год, компанијата ќе донесе одлука кога ќе влезе во комерцијална фаза.

„Очекуваме финализацијата на 5G стандардот да се случи во наредните неколку години, така што првата целосна имплементација на 5G со сите напредни функционалности се очекува околу 2025 год“, велат од Македонски Телеком.

Во светот веќе постојат примери за делумна имплементација на 5G технологија, како што е наведено во бродбенд планот. Во Јужна Кореја за време на Зимските олимписки игри во 2018 година во Пјонгчанг беа започнати тест сценарија за 5G. Во оваа земја се применува специјализирана програма за истражување и имплементација на 5G уште од 2012 година.

Во Јапонија, од летото 2017 најголемите три мобилни оператори започнаа со тестирање на 5G со имплементација на безжично поврзување со големи брзини во возовите.

Во САД, AT&T започна со тест сценарија во средината на 2016 година фокусирајќи се на остварување на повеќе гигабитни брзини.

Во Кина главните напори за развој на 5G технологиите се предводени од компанијата Хуавеи кои се започнати од крајот на 2013 година. Во 2015 Хуавеи заедно со Ериксон учествуваше во тестирање на сценарија во Холандија.

Во септември 2016 година, кинеската влада објави дека првата фаза за тестирање на идните 5G мрежи е комплетирана со тестови направени во 100 града во земјата. Комерцијалната употреба во Кина е закажана за 2022 година.

Во Велика Британија тестирањето на 5G постои од 2012, кога е формиран и првиот центар за 5G иновации, а во јули 2017 е направено и првото тестирање на терен во централен Лондон со брзина од околу 1 Gbps.

Европската комисија има инвестирано во поголем број на истражувачки проекти со цел да се постигне комерцијализација на 5G во 2020 година, се вели во Националниот оперативен бродбенд план.

Стравувања за безбедноста

САД, Кина, Австралија и некои европски земји, се меѓу првите кои, до крајот на годинава ќе ја развијат потребната инфраструктура за поддршка на 5-ЏИ мрежата. Државите треба да инвестираат милионски суми за воведувањето на 5G технологијата, но тука се јавува и уште еден проблем. Тоа е безбедноста на мрежата и можностите за шпионажа.

Љупчо Наќев.

Она што се сметаше за концепт со години, конечно се појави на годинешниот Светски конгрес за мобилна технологија во Барселона. 5-ЏИ технологијата е веќе реалност. Станува збор за многу побрз, постабилен и поразновиден пренос на податоци. Но, оваа нова технологија, покрај огромните можности кои ги нуди, носи со себе и безбедносни ризици.

5-ЏИ технологијата е комплицирана и нуди неверојатно брзо поврзување на повеќе уреди истовремено. Ќе биде потребно уште некое време за нејзина практична примена, но експертите се согласуваат дека таа ќе го смени секојдневниот живот.

„5-ЏИ технологијата има разновидни можности, повеќе од било што, латентност и брзина на пренос на податоци. Тие две работи, има и други во 5-ЏИ, но само овие две работи значат дека потрошувачот навистина сака да ја знае разликата помеѓу она што е физички на телефон наспроти она што е во облакот. Се би требало да работи беспрекорно, бидејќи е неверојатно брзо“, вели Џеф Ји од компанијата ЗТЕ.

Неколку земји, вклучувајќи ги САД, Кина, Австралија и некои европски земји, се меѓу првите кои, до крајот на годинава ќе ја развијат потребната инфраструктура за поддршка на 5-ЏИ мрежата. Саудиска Арабија, пак, планира најголема 5-ЏИ мрежа на Блискиот Исток, а од неа очекува приход од околу 20 милијарди долари и отворање на 20 илјади работни места до 2030-та година.

„Не е прашање дали 5-ЏИ, туку кога. Бидејќи тоа е тренд кој, според нас, ќе значи следен исчекор во дигиталната ера“, изјави саудискиот министер за комуникации Абдула Алсваха.

Тој додава дека придобивките од оваа мрежа во секојдневниот живот не можеме ни да ги замислиме. Тоа ќе значи револуција во здравството, образованието, двигател на економијата.

Но, за примена на 5-ЏИ мрежата, државите треба да инвестираат милионски суми, а тука се јавува и уште еден проблем. Тоа е безбедноста на мрежата и можностите за шпионажа. Соединетите Држави ги предупредија државите и телекомуникациските оператори дека инсталирањето на мрежата од страна на кинеската компанија Хуавеи, носи и безбедносни ризици.

„Соединетите Држави бараат од другите влади и од приватниот сектор да размислат за опасностите од Хуавеи и другите кинески компании за информатичка технологија“, изјави американскиот заменик секретар за меѓународни комуникации, Роберт Стрејер.

„Веруваме дека конкуренцијата, дали за 5-ЏИ или за друга технологија, треба да биде отворена, слободна и транспарентна, а ние сме загрижени дека Хуавеи не е таква“, изјави неодамна и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Имено, според САД, 5-ЏИ инфраструктурата е многу поризична за компјутерски напади, а кинеските компании ќе ја користат за шпионирање во корист на својата влада.

Хуавеи, која станува една од најмоќните компании за мобилна технологија и планира развој на 5-ЏИ мрежа со неколку европски оператори, ги демантира американските наводи. Во САД, 5-ЏИ мрежата ќе ја градат скандинавските компании Ериксон и Нокиа.

Во Македонија, операторите се тие кои траба да изберат кои компании ќе ја инсталираат опремата за 5G технологијата. Манчевски вели дека се уште е рано за тоа да се зборува и дека државата нема да инвестира во активна опрема.

„Нашите планови се да инвестираме во пасивна опрема, нема да одиме во активна опрема. Операторите ќе ја инсталираат опремата за 5G и тоа ќе биде нивна одлука. Ако државата се реши нешто да прави, тоа ќе биде предмет на јавна набавка и прерано е за тоа да се зборува“, вели Манчевски.

Во однос на безбедноста, тој вели дека Македонија веќе ја усвои Националната стратегија за сајбер-безбедност, а дека во следниот период се планира идентификација на критичната инфраструктура и воведување на систем на нејзина посебна заштита.

„Критична инфраструктура значи комуникациски линии, но и систем за снабдување со електрична енергија, систем за дојава на итни повици и слични критични системи на државата коишто во последно време цел, не само на сајбер напади, туку и на хибридни напади. Така да ги имаме предвидено и тие мерки“, вели Манчевски.

Сепак во однос дигитализацијата и на развојот на инфраструктурата, во Македонија во моментов се уште има места, главно во руралните средини како жителите немаат пристап до интернет. Според експертите, во земјава постои и проблем со дигиталната писменост, посочувајќи државата нема точни податоци колку граѓаните се дигитално писмени.