Достапни линкови

Апликација за мобилен преку која може да се учат растенијата за време на прошетка


Апликација за мобилен телефон БиоНЕТ
Апликација за мобилен телефон БиоНЕТ

Македонски еколози, биолози и информатичари направија апликација за мобилен телефон на која може да се поставуваат фотографии од цветови или билки и преку тоа да се дознаат нивните имиња.

Членови на Истражувачкото друштво на студенти биолози и Македонско еколошко друштво (МЕД) во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство изработија апликација на мобилен телефон каде ќе може да се поставуваат фотографии од цветови или билки со цел да се дознаат имињата и други податоци за тие растенија. Васко Авукатов од Македонско еколошко друштво објаснува дека апликацијата има пред сè едукативна насока. Така, во случај на прошетка по шумски предел, ако некој најде интересен цвет или билка, доволно ќе биде да ја слика и постави на апликацијата по што ќе добие податоци.

„Апликацијата е наменета пред сè за пошироката јавност да може да се запознае со природните убавини, со биодиверзитетот и е наменета да не биде користена само од професионалци, туку и нејзината цел е популаризација. Може да се постават извесни траси на движење посакувани и апликацијата наоѓа што сè интересно е сликнато во тие траси, значи во извесна околина на тие траси. Доколку испланирате некое патување некаде, може да видите некои други корисници што имаат видено и фотографирано по тие патеки. Дополнително има информации за заштитени подрачја, за подрачја од друг интерес за биологијата, меѓународно дезигнирани подрачја“, објаснува Авукатов, инаку ГИС аналитичар во МЕД.

Кога ќе се постави фотографија на апликацијата, стручните лица ќе ја прегледаат и ќе постават соодветни информации.

„Во апликацијата, сите фотографии кои ги ставаат корисниците прво се невалидирани, неверификувани, со тоа што една група администратори што е составена од Македонско еколошко друштво, од Истражувачко друштво на студенти биолози кои имаат познавања на самите видови може и ќе ги валидираат сите овие фотографии коишто ќе бидат ставени од корисниците, барем оние кои корисниците ќе ги направат јавно достапни. Принципот е така замислен, значи да се види, да се валидираат, да се стават точните латински имиња таму каде што има потреба да се знае точно кои се вистинските фотографии од кој вид се“, рече Авукатов.

Апликацијата Био НЕТ се планира да биде користена на балканско ниво. Исто така постојано се работи на нејзино унапредување.

„Во самата апликација дополнително ќе бидат интегрирани пешачки и велосипедски патеки што можат да бидат интересни за тие корисници, како за помош за навигација, иако не е примарната замислата што треба да се користи, може да биде корисно ако сакаат корисниците да добијат идеја каде да одат на маунтинбајк или прошетка“, рече Авукатов.

Учесниците на годинешното искачување на Титов врв имаа можност да се запознаат со апликација Био НЕТ која беше промовирана на падините на Шар Планина долж планинарската патека на посебен штанд. Апликацијата ќе добие и своја интернет страница.

XS
SM
MD
LG