Министерството за одбрана ја потврди соработката со Сајбер командата на САД по вчерашната информација дека Соединетите држави распоредуваат т.н. сајбер воини за борба против интернет нападите врз демократијата и демократските институции во неколку држави во Источна Европа, меѓу кои е и Македонија. Од Министерството велат дека соработката со американската сајбер команда е почната во 2018 година со цел да им помогне на надлежните субјекти од Министерстовото за одбрана за достигнување на потребните НАТО стандарди за дејствување во сајбер просторот.
„Со помош на стручни лица извршено е согледување на ранливоста на споменатата мрежа за пристап до интернет и врз основа на согледувањата, направени се подобрувања со цел подобра заштита на информатичката мрежа на Министерството за одбрана од несакани активности“, велат од Министерството за одбрана на прашањето дали тие се дел од акцискиот план на сајбер командата на САД за зголемување на сајбер безбедноста и за борба против интернет нападите.
Според вчерашните информации, кои беа потврдени и од Американската амбасада во Црна Гора, САД распоредуваат т.н. "сајбер воини" во неколку пријателски земји во Источна Европа, меѓу кои и во Македонија, Црна Гора и во Украина, за да „помогнат во спротивставувањето на постојаните напади и сајбер-закани за демократијата“.
Генерал Хју: Да се помогне во заштитата на тие земји
„Американската сајбер команда, која ги координира операциите на сајбер-просторот за одбрана на интересите на САД, соработува со властите во тие земји за да ги спречи потенцијалните закани. Американската европска команда и американската сајбер-команда тесно соработуваа со сојузниците на НАТО. Црна Гора ја спроведува сајбер-соработката за да ја зголеми интероперабилноста, да ги сподели најдобрите практики и да ги отстрани штетните влијанија врз демократските процеси на нашите сојузници, партнери и САД“, изјавиле за БИРН од Американската амбасада во Црна Гора, но не соопштиле оперативни и технички детали.
Неодамна, според специјализираниот портал „Сајбер скуп“, американскиот бригаден генерал Тимоти Хју, командант на силите на националната мисија на сајбер-командата, неодамна изјави дека како дел од операцијата наречена "Синтетичка теологија", командата распоредила "сајбер воини" во Украина, Северна Македонија и Црна Гора за да помогне „во одбраната на тие земји и мрежи и да собира податоци за непријателите“.
Проф. Селмани: Ова е мирнодобски тероризам, на Македонија ѝ треба помош
Според професорот за безбедност од ФОН, Башким Селмани, сајбер нападите и загрозувањето на сајбер безбедноста претставуваат „современ мирнодобски тероризам“ меѓу државите и дека Македонија не е поштедена.
„Во светски рамки тоа е многу интензивно и се мобилизираат цели системи за одбрана од сајбер напади. Македонија и порано, а особено сега кога е на пат кон НАТО и ЕУ, Македонија е цел на сајбер напади и на најчувствителните сегменти на демократијата и безбедноста во државата. Цел се и политичкиот и информатичкиот и безбедносниот систем“, вели професорот Селмани.
Според него, не се работи само за напади од надвор кон Македонија, бидејќи некои од тие напади се потпомогнати и од групи во Македонија и дека стратешката борба против сајбер нападите не е само да се заштити Македонија, туку и од Македонија да се заштитат пријателските земји. Професорот додава дека Македонија не е доволно силна сама да се справи со тие сајбер напади и поради тоа е логично да бара помош.
Руската „Фенси мечка“, Фејсбук и велешките случаи...
Во извештајот на „Сајбер скуп“ се истакнува дека САД настојувале „активно да спречат евентуално мешање на изборите од земји како Русија".
„Озлогласената руска група за сајбер шпионажа 'Фенси мечка' го пробива својот пат кон црногорските институции во 2017 година. Црна Гора оттогаш ја зајакна безбедносната одбрана и формираше специјализирана специјална полициска сила за борба против компјутерскиот криминал“, пишува „Балкан инсајд“.
Во контекст на загрозувањето на сајбер безбедноста се ставаат и американските претседателски избори и истрагата за руско мешање во нив. Оттаму на таа мапа е и Македонија со познатите велешки лажни вести за поддршка на Доналд Трамп. И основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, директно ја спомна и Северна Македонија како извор на лажни вести, а подоцна Фејсбук подоцна затвори 212 страници во Косово и Северна Македонија за споделување на материјал спротивен на политиката на компанијата.
Од надлежните институции во Македонија велат дека потребата од сајбер заштита во државата е соглада на поодамна, а од лани во сила се и Национална стратегија и Акциски план за сајбер безбедност на Република Северна Македонија 2018 – 2022.
„Кога зборуваме за сајбер безбедноста, обично го претставуваме Интернетот како страшно и мрачно место, полно со ризици, закани, стапици и длабоки дупки во кои што можеме да пропаднеме и при најмало невнимание“, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на претставувањето на Стратегијата.
„Според анализите направени од најрелевантните светски институции во доменот на безбедноста и одбраната, несомнено е дека во последните години сајбер заканите се меѓу најзначајните безбедносни закани врз современите општества. Зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер заканите и зголемувањето на сајбер безбедноста станаа еден од клучните предизвици на Македонија“, стои во Националната стратегија.