Дали и кога потребата за повеќе паркинг места во Тетово ќе се надминува со изградба на катни гаражи. Опозицијата во Советот на општината посочува дека долго време проблемот со паркирањето, но и воопшто со сообраќајниот метеж останува нерешен и нема на повидок како тоа се надмине.
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ побара општинската власт да го реализира ветеното дека ќе има подобри услови за одвивање на сообраќајот.
„И покрај многуте ветувања на градоначалничката Теута Арифи и СДСМ како коалиционен партнер за решавање на сообраќајниот хаос и за изградба на катни гаражи, сепак граѓаните на Тетово се соочуваат со хаос во сообраќајот. Пред нас е летната сезона кога бројот на возила се зголемува, а сообраќајот станува хаотичен. Ја користиме оваа прилика да апелираме до градоначалникот Теута Арифи и советниците на СДСМ да го реализираат ветеното и да преземат мерки за средување со хаосот во сообраќајот“, изјави советничката Валентина Стефановска.
Освен катни гаражи таа побара и пробивање на булеварот Благоја Тоска и воведување јавен превоз.
Видете и ова: За да најдеш паркинг во Тетово потребно е многу среќа„Советничката група на ВМРО ДПМНЕ бара од градоначалничката веднаш да започне со работа и тоа од својот сопствен двор во која може да се изгради монтажна катна гаража. Исто така бараме итно реализирање на пробивањето на булеварот Благоја Тоска на две локации. Очекуваме реализација на проектот на воведување на јавен превоз“, рече Стефановска.
Претседателот на советот на Општина Тетово Беким Мемети вели дека општината веќе работи на процедурите околу изградба на катни гаражи. Тие сметаат дека треба да ги има на други локации.
„Ние во деталниот урбанистички план во еден дел од градот го поминавме. Тоа е близу автобуската станица, другиот мислиме да го отвориме зад зградата на ресторанот Тиволи. И да разгледаме други можности“, рече претседателот на Советот.
Според првиот човек на советот во скоро време треба да почне и пробивање на булеварот Благоја Тоска, едно од подолгорочните решенија за подобар сообраќај во градот.
„За отворање на булеварите мислам дека е во процес на отворање. Јас мислам и сум оптимист дека во наредниот месец ќе почнеме. Сме платиле дел од станарите што се од куќите па ќе почнеме куќите што се по ред да ги срушиме и да продолжиме се до средното текстилно училиште“, истакна Мемети.
Во текот на летото поради зголемениот број возила општината дозволува паркирање и во поголемите дворови на дел од училиштата.