Мицотакис води

Архивска фотогрфија од европските избори во Грција

Со пребројани 33,45% од гласовите, грчката изборна комисија соопшти дека во водство е партијата Нова демократија. Нова Демократија освои 159 пратенички места додека Сириза пак освоила 85.

Според податоците од грчката изборна комисија, како што јавува новинската агенција МИА, Нова Демократија е победник на предвремените парламентарни избори во Грција, со 8,5% разлика во однос на СИРИЗА и доволен број пратеници за да формира еднопартиска влада. Според овие податоци Нова Демократија освои 159 пратенички места додека Сириза пак освоила 85.

Според досега преброените гласови, Златна зора не успева да обезбеди место во грчкиот парламент, бидејќи за 0,01% не ја достигнува границата од 3%, нешто што може подоцна да се промени.

Лидерот на Нова демократија утре ќе положи свечена заклетва со што и официјално ќе стане премиер на Грција, јавува МИА. Според нивните информации досегашниот премиер Алексис Ципрас веќе телефонски му честитал на Мицотакис и го информирал дека утре го чека да ја посети премиерската палата за примо-предавање на функцијата

Грција избира нов парламент

Речиси 10 милиони Грци денеска ќе гласаат на предвремените парламентарни избори во Грција. Право на глас имаат 9 922 294 граѓани, 536 920 се нови гласачи, од кои 106 760 се на возраст од 17 години, кои оваа година на прв пат имаат право на глас, односно ќе гласаат и родените меѓу 1 јануари 2002 и 31 декември истата година.

Гласањето во Грција е задолжително за граѓаните, освен за оние кои што живеат во странство или се над 70 годишна возраст.

Нова демократија фаворит, Ципрас се надева на пресврт

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.

Лидерот на владејачката партија Алексис Ципрас на неколку пати во неговите интервјуа за грчките медиуми порача дека „во натпреварот е можен пресврт“, односно дека СИРИЗА може да направи пресврт на изборите в недела, во однос на резултатот од европските избори.

Алексис Ципрас во неговиот говор на последниот митинг се осврна и на Договорот од Преспа, велејќи дека сега, Грција на северната граница има „земја пријател и сојузник, а не непријател“.

Нова демократија судејќи според сите анкети во предизборниот период се очекува да биде убедлив победник и тоа со доволен број пратеници за еднопартиска влада.

Лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис во интервјуата за медиумите најави дека неговата влада е веќе подготвена, знае кои ќе бидат министри, а свечена заклетва ќе положат во вторник.

За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 288 од 300-те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 12 се на листа која важи за целата земја.

Денешните избори се и последни на кои партијата победник ќе добие бонус 50 пратенички места, бидејќи согласно промените во изборниот законик изгласан на 22 јули 2016 во Грција се воведува пропорционален модел и се укинува бонусот за првата партија. Изгласаните промени, тогаш не го добија потребното двотретинско мнозинство од Парламентот, па така ќе стапат во сила на вторите избори по нивното усвојување, односно не на овие, туку на следните избори, кога и да се одржат.

Видете и ова: Преспанскиот договор и изборите во Грција

Вкупно 20 партии учествуваат во трката, а една партија за да влезе во грчкиот Парламент потребно е да добие минимум 3 отсто од гласовите. Во зависност од тоа колку мали партии ќе обезбедат место, така и се распределува бројот на пратеници. Односно, помалку партии повеќе пратенички места за победникот и обратно.

На минатите парламентарни избори во септември 2015 учество зедоа 19 партии, а осум од нив обезбедија место во Парламентот. СИРИЗА беше победник со 35.46% и доби 145 пратенички места, зад неа беше Нова демократија со 28.09% и 75 пратеници, а потоа следеа Златна зора со 18, коалицијата на ПАСОК со 17, Комунистичката партија 15, Река 11, Независни Грци 10 и Сојуз на централисти 9 пратеници.

Согласно грчкиот Устав, партијата што ќе освои најголем број гласови и ќе победи на изборите, во понеделник, од претседателот на земјата ќе добие 72 часовен мандат за формирање влада. Доколку не успее да формира влада, го враќа мандатот, кој потоа го добива втората и на крај третата партија, доколку и вториот обид е неуспешен.

Ако ниту една од трите партии не успее да формира влада, тогаш претседателот на државата свикува лидерска средба, а ако ни таа не донесе резултат, се распишуваат нови парламентарни избори, како што беше случај пред седум години, во јуни 2012.

Новоформираниот Парламент ќе се отвори на 17 јули со свечена заклетва на новите пратеници, следниот ден ќе се гласа новиот претседател на Парламентот, а потоа и презентирање на владината програма и гласање доверба на новата влада.