Достапни линкови

Европарламентот поделен околу новите шефови на ЕУ


Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека сé уште постои „огромен знак прашалник“ за тоа дали Европскиот парламент ќе ги одобри номинираните кандидати кои треба да ја предводат Европската унија во наредните пет години. Тоа особено важи за кандидатките за шефици на Европската комисија и на Европската централна банка.

Доналд Туск, ова го рече соопштувајќи ги резултатите од неколкудневните преговори за новите лидерски места во Унијата:

Туск: огромен прашалник над кандидатите за нови лидери на ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

„Шарл Мишел со своето искуство како белгиски премиер ќе биде идеален за изнаоѓање консензус и градење единство меѓу земјите-членки. Жозеп Борел како министер за надворешни работи и поранешен претседател на Европскиот парламент ќе биде силен претставник и бранител на интересите и вредностите на Европската унија. Кристин Лагард со нејзиното меѓународно искуство и како актуелен извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд ќе биде совршен претседател на Европската централна банка“.

Сепак, првите знаци укажуваат на тоа дека европските пратеници би можеле да ја оспорат номинацијата на французинката Лагард, како и на германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, која може да биде првата жена шефица на Европската комисија.

За разлика од нив Шарл Мишел може да ја преземе функцијата претседател на Европскиот совет без поголеми формалности.

Некои пратеници веќе се спротивставија на пакетот номинации, па останува да се види дали парламентот ќе ги покаже новите мускули по големиот одѕив на гласачите на изборите во мај.

Партиските лидери оценија дека овие избори му донесоа на парламентот, единствената избрана институција на Европската унија, поголем демократски легитимитет.

Туск запрашан што очекува од Парламентот рече:

„Не, јас не сум пророк, не е на мене да оценам која е вистинската шанса за постигнување успех во Парламентот. Јас ќе бидам таму во Стразбур в четврток и ќе го информирам и објаснам се што можам за овој процес и за нашите намери. Но, во право сте, секогаш е огромен прашалник. Затоа, имаме парламент“.

Лидерите на Европската унија која е погодена од Брегзитот, односно заминувањето на Британија од Унијата и од длабоките поделби меѓу земјите членки околу справувањето со миграцијата, беа заинтересирани да покажат дека можат да донесат брзи одлуки и оти европскиот проект останува важен за нивните граѓани.

Но, тие и овој пат со голема мака успеаа да ги избалансираат интересите на државите: големи и мали, меѓу европскиот север, југ, исток и запад и различните политички партии, како и да обезбедат во номинацијата да влезат најмалку две жени.

Туск изрази и надеж дека некој од централна или источна Европа ќе биде избран за претседател на Европскиот парламент.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG